ПИРОМАНИ

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Во ситуација на затегнати односи меѓу соседните Македонија и Бугарија, изминатата недела дојде до средба на министрите за надворешни работи на двете земји во Берлин, Бујар Османи и Николај Милков. Како што соопшти Министерството за надворешни работи на Македонија: „На средбата беа разгледани и бројните провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период доминираа во јавниот дискурс. Министрите посочија дека двете министерства ќе работат активно на зајакнување на добрососедските односи и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес.“

Ако се анализира вордингот на ова соопштение на македонското МНР, впечатливо е дека станува збор за гола форма и флоскули, кои ни најмалку не ја отсликуваат суштината на тоа што го прават двете министерства, туку работат токму на спротивното.

Ако министерствата за надворешни работи се навистина посветени на тоа да се намалат тензиите и провокациите, како и да се води борба против говорот на омраза за што е потпишан и документ од двете страни, зошто го работат токму спротивното? Драстичен пример кој ја покрепува оваа теза беше онаа грозна унилатерална изјава на Софија, во која на експлицитен начин го негираше постоењето на македонскиот јазик, каде што имаше потреба дури и да влезе во лингвистичка елаборација за дијалектите на бугарскиот јазик, и каков вид на дијалект на бугарскиот е македонскиот! Особено што таа изјава дојде во најлошо можно време на жестоки протести во Скопје против прифаќањето на „Францускиот предлог“, за кој огромен дел од јавноста сметаше дека е пораз на македонската дипломатија, понижувачки, па дури и загрозувачки за темелите на македонскиот идентитет.

Тука се гледа „активната работа“ на двете министерства за да не дозволат провокациите да го загрозат доброседството. Доколку не може да се издејствува промена на надворешната политика на Софија, чија повеќедецениска константа е неприфаќање на постоењето на македонскиот јазик – бездруго дипломатите можеа да го усогласат вордингот на таа изјава, со која немаше дотолку да се навредат и ничкосаат чувствата на Македонците!

Во реалниот свет на политиката, а особено кога Бугарија е земја членка на ЕУ, нема сомнение дека Софија има право да изрази сопствен став околу ова прашање, ама начинот на кој тоа ќе се изведе е многу важен. Клучен дури. Затоа што, едно е молчешкум да се изведе целата работа. Друго е да се изведе и транспарентно, ама со одбрани зборови, кои ќе водат сметка да не бидат извор на дискриминација и разгорување омраза. И, трето е она што навистина се случи, а што македонското МНР не смееше да го дозволи.  Тоа е всушност и главната работата на дипломатијата, која е целосно запоставена и несреќно заменета со ПР без суштина, и позерство!

Сликовито кажано, тоа е како да дојдат пожарникари и, без да се кријат, јавно да потпалат една зграда, потоа истите тие со други колеги од противпожарната бригада да доливаат бензин на огинот додека го „гаснат пожарот“, да остават зад себе пепел, а потоа да се сликаат и да даваат изјави дека пожарните бригади ќе продолжат активно да ги гаснат сите пожари, и потоа, овие пиромани, да ги повикуваат групите и индивидуалците пиромани да не подметнуваат пожари.

Да ги погледнеме најновите случувања. Сите нормални луѓе, па и оние што не разбираат и не се занимаваат со политика,  се свесни дека човек, колку и да се труди, нема да успее да најде покреативен избор на имињата на бугарските клубови во Битола и Охрид – „Ванчо Михајлов“ и „Цар Борис Трети“, ако му е целта да распири говор на омраза меѓу двата народа. „Цар Фердинанд“, е во најава. Сосема е излишно да се објаснува симболиката на овие имиња во актуелниот политички контекст, и зошто тие генерираат говор на омраза. Имињата на овие клубови предизвикаа дури и изблик на физичко насилство, вандализам и подметнување пожар во буквална смисла на зборот (клубот во Битола беше запален). Говорот на омраза го достигна врвот. Никој сериозен не верува дека резултатите на оваа политика се последица на  „несреќни околности“, ниту пак дека во дипломатијата (зборуваме за Бугарија, сериозна држава со сериозна дипломатија – а не за нашите карикатурални фигури чија дејност е невешт ПР) има индивидуална вокација и случајности.

Во Македонија има Бугари. Нивно право е да си имаат клубови, како што и Србите да речеме ја имаат „Спона“. Ама „Спона“ работи на приближување на двата народа и се труди да биде токму тоа – некаков лост на соработка, што кажува и самото име.  Можеа и Бугарите, ако не им беше идејата да разгоруваат говор на омраза, да изберат имиња на клубови што ќе поттикнуваат пријателство и соработка, наместо нетрпеливост и говор на омраза. Официјална Софија, се разбира, ќе рече дека имињата на клубовите се ексклузивен прерогатив на бугарската заедница во Македонија, во кој таа не сака да се меша. Но, тоа е уште еден од бесконечната низа докази дека дипломатијата затаила. Секако дека, доколку сака, Софија може да има влијание врз изборот на имињата на бугарските клубови во Македонија, и тоа не извесно, туку пресудно, и дека ако навистина „дипломатите активно работеле“, како што наведуваат во нивните празни соопштенија, воопшто немало да дојде до оваа ситуација. И сега, откако дипломатијата и македонското МНР затаиле, Владата заради внатрешно-политички потреби менува закони со кои дополнително се нормира именувањето на клубовите! Навистина многу несериозно и жално.

И, да се вратам на последното соопштение на МНР по средбата Османи-Милков. Во него натаму се вели дека „во фокусот на средбата било исполнување на обврските од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување на односите меѓу двете држави. Османи го информира Милков за досега реализираните обврски од наша страна со цел имплементација на одредбите од договорот.“

Не треба човек да е особено вешт во дешифрирање на контекстот на овие реченици, за да му биде јасно дека иако интенцијата е да се затскрие, сепак се гледа дека во оваа конкретна ситуација пријателството се доживува како една неприродна, наметната обврска, за која македонскиот министер реферирал како ја исполнува македонската страна. Тоа не е пријателство. Дотаму е нарушена довербата, што македонските опозициски партии бараа овој Договор за пријателство да се поништи на референдум.

Ова не е ниту елементарна основа за пријателство. Како што не е пријателство и континуираната серија провокации и понижувања. А откако ќе стивнат емоциите, јасно е дека е потребно пријателство. Не само заради европските перспективи на Македонија, туку и затоа што засекогаш ќе бидеме соседи со еден народ, со кој имаме многу слична култура и традиции. Ама, треба да се работи на суштина, а не форма. Пред се во МНР, во кое, убеден сум, сè уште има искусни дипломати што си ја знаат работата. И, тоа пријателство мора да почива на искрен заеднички интерес. Софија континуирано смета дека постојано подава рака на пријателство кон Македонија која постојано е туркана, а во Скопје тоа пријателство се доживува како лажно, со сосема друга агенда. Така само се создава „лажно пријателство“, кое почива на заемна недоверба.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.