Почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ е во фокусот на јавноста годинава. Беа изнесени многу невистини, манипулации и дезинформации за преговарачката рамка и за тоа дали започнале преговорите со ЕУ или не.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на гостување на НТВ на 17.10.2022, тврдеше дека владата не започнала преговори со ЕУ и дека го манипулира сопствениот народ: „Не ги отпочна преговорите, не ги отпочна преговорите. Повторно лажни вести кажува во јавност, односно, го манипулира сопствениот народ. Не ги отпочна преговорите, бидејќи ако ги отпочна преговорите, чуму сето ова околу менувањето на уставот. Не требаше да имаме дополнителни услови. Еве, Албанија нема, завршува со скринингот, и си продолжува понатаму, си отвора кластери, односно поглавја од тие кластери. Ние имаме дополнителен услов. Тоа значи дека ние не сме ги почнале тие преговори.“
Не е првпат Мицкоски да тврди дека не се почнати преговорите со ЕУ. На 20 јули годинава тој изјави не само дека нема преговори, туку дека немало ни скрининг: „Нити скрининг има, нити преговори има. Ова што они го нарекуваат скрининг е мониторинг кој што трае од првиот момент кога сме ние земја кандидат, од 2005-та година, 17 години.“
Но, да видиме, дали овие тврдења на Мицкоски се базирани на факти? Што велат за тоа претставниците и документите на ЕУ? Еден од доказите дека преговорите за Албанија и Северна Македонија започнаа на 19 јули 2022 е тогашната изјава на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен: „Денес Албанија и Северна Македонија ги отвораат преговорите за пристап во Европската унија и многу ми е мило што сум тука со вас. “
И на тајмлајнот објавен на сајтот на Европската комисија, последните три настани со Северна Македонија се дефинирани како „Меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија“ (јули 2022), „Инаугурален состанок за процесот на скрининг“ (јули 2022) и „Прв објаснувачки состанок за скрининг на Кластер 1 – Основи“ (септември 2022).
Освен тоа, на 16.09.2022 ЕУ објави: „Скринингот за кластерот основи, како дел од процесот на преговори, започнува со Северна Македонија“. Во текстот се вели: „Скринингот е прв чекор во процесот на пристапните преговори.“
И извештајот на ЕУ за Северна Македонија од 12.10.2022 потврдува дека преговорите и скринингот започнале, по одобрувањето на преговарачката рамка од Советот на ЕУ: „На 19 јули 2022 година се одржа првата Меѓувладина конференција за пристапни преговори со Северна Македонија, по одобрувањето на Преговарачката рамка од страна на Советот. Комисијата веднаш го започна аналитичкиот преглед на процесот на правото на ЕУ (скрининг), што е прв чекор во преговарачкиот процес“, се вели во извештајот.
Минатата недела, и амбасадорот на ЕУ во Северна Македонија, Гир во гостување на ТВ Сител потврди дека преговорите се започнати, дека скринингот е во тек, и дека Северна Македонија има статус на земја преговарач: „Најпрвин, добрите вести. А добрите вести како што знаеме се дека земјата ги отвори преговорите, пристапните преговори со ЕУ, и тоа е признание за решителноста на земјата да го чекори по патот кон ЕУ“
Накусо, повеќе официјални извори на ЕУ потврдуваат дека преговорите и скринингот започнале. Оттаму, изјавите на Мицкоски дека преговорите со ЕУ и скринингот не започнале, како и дека владата кажува лажни вести и го манипулира сопствениот народ, ги оценуваме како невистинити.