Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Со години слушаме како се преповторува истата мантра дека македонските национални телевизии се буквално преполнети со „програмско ѓубре“ (trash content) во кое предничат турските серии синхронизирани на македонски јазик, и српски музички и риалити шоуа. Но, продажбата на рекламното време (единствениот приход на телевизиите) директно зависи од рејтинзите, односно, од гледаноста на нивната програма, па иако за дел од јавноста можеби е невкусно, сепак природно е телевизиите да ги емитуваат програмите што им носат поголема гледаност, а со тоа и повисоки приходи.

Освен јавниот сервис МРТ кој се финансира со буџетски средства, другите телевизии се приватни, станува збор за бизнис, и борбата за што поголема гледаност, а со тоа и што повисоки приходи, е сосема легитимна. Затоа на најгледаните македонски телевизии во ударните термини (prime time) се емитуваат турски серии буквално една врз друга. Да не се лажеме, тоа е она што сака да го гледа публиката, иако држи вода и аргументот дека телевизиите треба да имаат и едукативна улога па да го подигнат вкусот на публиката.

Освен овие забавни содржини кои ги билдаат рејтинзите на телевизиите, една од главните програмски содржини се и вестите. Но, ако за забавните програми се битни само бројките на гледаност, кај вестите и информативната програма се земаат предвид не само овие бројки, туку и други параметри кои се можеби поважни и од самата бројка на гледаност. Пред се, станува збор за довербата, односно колку од гледачите ви веруваат во вестите што ги емитувате – дека се вистинити, веродостојни, објективни и непристрасни. Едно е луѓето да свртат на далечинскиот управувач за да ги гледаат вашите вести бидејќи сакаат да се информираат што се случува, а сосема е друго гледачите да ги гледаат вестите за да дознаат каква е политиката на владата кон одредено политичко прашање, да видат до каде сте подготвени да одите во поддршка на одредени политики, или пак едноставно, откако завршила нивната омилена забавна програма, ја следат новата програмска содржина по инерција, односно, заборавиле да го променат каналот. Затоа гледаноста на вестите, за разлика од забавните програми каде што се битни само бројките на гледаност, има сосема друга специфика.

Довербата се стекнува и гради многу тешко, а многу бргу и лесно се компромитира. Последните истражувања покажуваат дека ниту една национална телевизија во Македонија не достигнува доверба од 10 проценти, а до неодамна, додека бев главен уредник на Телма, телевизијата имаше степен на доверба во вестите од над 30 проценти, што беше потврдено во повеќе истражувања.

Долгорочно гледано, токму вестите, или погледнато од аспект на глобалните случувања – „локалната содржина“, им дава и смисла на постоење на домашните бродкастери. Само заради таа „локална содржина“ (да дообјаснам, локална, од аспект на глобалните компании кои емитуваат вести како BBC, CNN, FOX, AL JAZEERA) не е загрозен опстанокот на телевизијата како медиум во време на силна пенетрација на информации преку интернет, но и на платформи кои нудат разновидна и квалитетна сериска и филмска програма како што се Netflix или HBO, во чија нова платформа влезе и холивудскиот гигант Warner Brothers, CBS кои својата платформа ја направија заедно со другото големо холивудско студио Paramount, и неколку други силни платформи кои работат на SVOD (Subscription Video On Demand) принципот, каде што за одредена месечна претплата добивате можност да гледате буквално илјадници серии и филмови, кога сакате и колку сакате.

Ковид пандемијата и изолациите особено ја зголемија моќта и популарноста на SVOD платформите, на кои им се приклучија и големите холивудски студија кои заради новите пандемиски времиња и новите навики на луѓето помалку да одат во кино, ги сменија бизнис моделите. Од тој аспект, локалните телевизии бездруго не можат да понудат толкава разноообразна и квалитетна програма, и нивниот адут стануваат локалните содржини и сопствената продукција која им обезбедува ексклузивитет. Затоа емитувањето вести на телевизиите добива уште поголема тежина, бидејќи тоа ќе биде главната differentia specifica во новата дигитална ера. Светските трендови покажуваат дека публиката сѐ повеќе и се враќа на телевизијата како извор на информации, бидејќи социјалните мрежи, граѓанското новинарство и интернет порталите, во натпреварот за клик повеќе, претераа во сензационализмот и површноста, со што целосно го загубија кредибилитетот.

Една од причините заради која се случува кам-бекот на телевизиите наспроти интернетот е и поплавата од дезинформации и невиситини (популарно наречени fake news). Она што го бара гледачот е реално да биде информиран, без да има сомнеж дека е жртва на лажни вести и пропаганда, и луѓето им се вратија на традиционалните медиуми на кои им веруваат. Набргу светските трендови ќе се пресликаат и во Македонија, односно, медиумската битка ќе стане битка за доверба. Оттука, навистина е тажно што ниту една национална телевизија во Македонија во моментов нема двоцифрена доверба во информативните програми, затоа што нема дилема дека тоа е главната предност што ја има телевизијата како традиционален медиум во однос на новите медиуми и платформи.

Но, живееме во Македонија. Може ли да се очекува нешто подобро во држава од која минатата недела Balkaninsight ги започна регионалните приказни за закани врз новинари преку социјални медиуми. Веќе другиот ден, маскирани лица претепаа новинар, што е незамисливо за демократска држава. Се разбира дека физичкото насилство врз новинар не може да најде никакво оправдување, и можеме само да се надеваме дека конечно еден случај за напад врз новинар ќе добие и итна судска разврска, но настанот повторно ја актуелизира и дебатата за квалитетот на новинарството и (не)довербата. А од новинарскиот синдикат велат дека таа битка станува сѐ потешка заради ниските плати на новинарите во медиумите и трендот да се напушта професијата која, освен тоа што е стресна и ризична, е и многу слабо платена. Но, за да закрепне професијата и за да ја врати старата слава кога беше гордост да кажете дека сте новинар, мора од некаде да почне. Првиот и најважен чекор мора да биде враќање на довербата во новинарите, а потоа и во медиумите.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.