Кога и неписмените се разочарани

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Неодамна беше објавено дека од 41 европски земји кои биле опфатени со истражувањето, Македонија е на претпоследно место во Европа според индексот на медиумска писменост заедно со Косово, а зад нас е само Грузија,. Со оглед на фактот дека географски Грузија е азиска земја, сепак сме медиумски најнеписмените во Европа.

Нивото на јавната дебата која се води во општеството е мизерно и одамна е сведено на плукање, етикети, говор на омраза и потрага по најпонижувачката навреда, со која ќе се омаловажи инакумислечкиот. Доволно е да се одвои малку време за да се „сурфа“ по македонските интернет портали кои имаат нескриена партиска обоеност (има и пристојни кои немаат партиска или идеолошка афилијација, ама се многу малку) за да се констатира таа медиумска неписменост и гол простотилак во која двете најголеми политички партии во Македонија, a особено нивните медиумски експоненти постојано лицитираат со навреди и квалификации за политичките опоненти.

Главната поента во колумните на некои новинари блиски до опозицијата кои се нарекуваат „уредници“ е што почесто да ги употребат изразите „Црпко“ за поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев и „Ќурка“ за актуелниот премиер Димитар Ковачевски. Веројатно сметаат дека фреквентната употреба на такви простачки навреди се врвен дострел во журналистиката. Ете дотолку е срозано нивото. Другата страна не заостанува, па промовира колумнисти кои се служат со вулгарен уличарски вокабулар, за кои ВМРО-ДМПНЕ е олицетворение на злото, и сите што не размислуваат така ги етикетира како обични глупаци.

Публиката на обата табора е сведена на тажна партиската клиентела која навредите и простотилакот ги наградува со громогласни аплаузи, додека мнозинството граѓани веќе немаат „стомак“ за домашните медиуми и се трудат, ако е можно, што повеќе да се дистанцираат од секаков тип на информации врзани со Македонија, а особено од ваквиот тип на „информирање“, кој  само дополнително ги депримира луѓето.

Меинстрим медиумите повеќе водат сметка за елементарно ниво и кај нив нема отворени навреди, но програмските содржини кои ги нудат телевизиите се крајно популистички, а кај приватните телевизии заради натпреварот за што повисоки рејтинзи, наместо медиумите да го подигаат нивото на публиката, се случува обратното, односно најдолниот слој на општеството ги детерминира програмските содржини. Jавниот сервис е во очајна состојба со години и успех е што вооошто нешто емитува, а не се ни помислува на производство на некаква квалитетна продукција.

Во вакви услови, никој не ни размислува за општествена одговорност и едукативниот аспект на медиумите, за барем минимално да се подигне нивото кое и официјално е најниско што може да биде. Tака што, податокот дека Македонците се медиумски најнеписмената нација во Европа е сосема логичен и очекуван. Згора на тоа, степенот на недоверба во информациите што ги објавуваат и меинстрим и онлајн медиумите е исклучително низок, што само го засилува амбиентот за разни конспиративни теории.

А политичарите продолжуваат да си се занимаваат сами со себе. Најавена е лидерска средба, на која претседателите на политичките партии треба да седнат и да се обидат да најдат заеднички јазик за иднината на државата. Овие дискусии, веројатно со право, однапред се оценети како обид за пазар и уште една потврда дека заради нефункционалноста на институционалната демократија во Македонија, воопшто и за да се отвори, а камо ли за да се затвори било какво прашање, нужни се лидерски средби. Главното прашање ќе биде повторната интервенција во Уставот, и барањето начин да се обезбеди двотретинско мнозинство во парламентот за внесување на бугарското малцинство во Уставот, како основен предуслов за финализирање на првата фаза на преговорите за членство во ЕУ.

Секоја партија која е застапена во парламентот има свои однапред поставени услови за воопшто да се отворат разговорите, и целиот политички амбиент не дава простор за преголем оптимизам, особено што опозициските партии на етничките Албанци евентуалното отворање на Уставот би сакале да го искористат за своја агенда и да се претстават кај својот електорат како поголеми патриоти од владејачката ДУИ. Се разбира дека никој не размислува за тажната медиумска слика во општеството и тоа што Македонија стана медиумски најнеписмената држава во Европа, па прашањето за медиумски реформи кое се одлага со години нема ни да биде спомнато.

Но, ефектот, или ако сакате продуктот на овој приземно-морничав амбиент, е чувството на безнадежна бесперспективност во македонското општество. Сосема проголтани од дневно-политичките препукувања, заемни обвинувања и навреди, раководствата на политичките партии не можат да видат дека зад себе оставаат пустош. Во колкава мерка луѓето ја чувствуваат бесперспективноста говори податокот дека во последните истражувања на јавното мнение дури 90% од испитаниците сметаат дека државата се движи во погрешна насока. Ваков шокантен, па дури и парадоксален податок дека девет од десет луѓе сметаат дека државата се движи во погрешна насока и нема перспектива бездруго е нешто невидено во светски рамки, и не би се чудел овие информации да послужат како „case study“ во некои светски истражувања.

Македонците се медиумски најнеписмени, и политички и општествено најразочарана нација во Европа. Но, овие „case study“ податоци сигурно не ги ужаснуваат политичките елити, зашто да беше поинаку, ќе се видеше барем минимум напор за да се сменат нештата.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но  го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.