Вознемирувачко видео од дом за стари лица во Пеќ, Косово, во кое негувателка физички малтретира постара жена, се злоупотреби од некои медиуми не само за сензационализам, туку и за ширење дезинформации кои поттикнуваат меѓуетничка нетрпеливост.

На 2.11.2022, српскиот портал Ало.рс, објави дезинформација со наслов „НАСИЛСТВО ВО СТАРЕЧКИ ДОМ Албанска медицинска сестра шамара и малтретира српска старица (ВИДЕО)“. И порталот на ТВ К3 од Република Српска објави содржина со наслов „Потресна снимка од Пеќ: Медицински сестри шамараат и исмејуваат старица Србинка! (ВИДЕО)“.

Дезинформацијата дека била малтретирана Србинка се прошири и на Твитер, од страна на познатиот дезинформатор и конспиролог Бранислав Несторовиќ, кој претходно го прогласи коронавирусот за „најсмешен вирус“. Иако коментатори му забележаа на Несторовиќ дека шири дезинформација и етничка нетрпеливост, тој не го избриша твитот.

Но, како што објави Алсат и други медиуми, жртвата не е Србинка, туку Албанка од Косово, мајка на припадник на ОВК кој загинал за време на војната во 1999 година.

Со дезинформацијата дека жртвата е Србинка намерно се поттикнуваше етничка нетрпеливост, за што сведочат бројните коментари на социјалните мрежи. Случајот покажува колку се дезинформациите штетни, не само за едно општество. Дезинформацијата се прошири во целиот регион и поттикна меѓуетничка нетрпеливост. Затоа, при вакви вознемирувачки случаи, медиумите треба да ги проверуваат информациите пред да ги објават, а граѓаните да бидат внимателни и да се информираат од сигурни и проверени извори.