Полиграф: Агресијата на Русија во Украина не е ниту „десатанизација“, ниту „дешејтанизација“, ниту џихад или „света војна“

Чеченската ТВ Грозни на 25.20.2022 ги објави изјавите на Рамзан Кадиров дека „Навистина, таму, на Запад, сатанизмот отворено дејствува против Русија“ и дека чеченските команданти воделе џихад против „шејтани“:  „…ова е Џихад! И нашите чеченски команданти решија да не се бранат, туку само да нападнат. Уништете ги овие шејтани, каде и да се и без разлика колку добро се кријат“.

Изјавите на Кадиров беа зајакнати од руски политичари и пропагандисти. И Алексеј Павлов, помошник секретар во Рускиот национален совет на безбедноста, на 26.10.2022, како што пренесе Телма, спомнува „Десатанизација и дешејтанизација на Украина“, цитирајќи го Кадиров. Овие изјави беа пренесени и од порталите МКД и СДК.

И други портали на 27.10.2022 го акцентираа во наслови тврдењето на Кадиров дека руските сили „водат бескомпромисна борба против сатанистите“.

И рускиот пропагандист Владимир Соловјов, на 26.10.2022 се осврна на тврдењата на Кадиров:  „Синоќа Кадиров напиша: „Ова е џихад! Ова е џихад, ова е света војна! Тој е во право. Сатанизам? Тоа е навистина сатанизам. Видете, нашите момци војуваат против апсолутното зло.“

Во емисија на Соловјов, и пропагандистот Дугин се повика на Кадиров. Дугин тврдеше и дека „специјалната операција“ била „финална православна апокалиптична битка на светата Русија против антихристот“: „Ова е света војна! Не случајно е објавена како џихад. Света војна против сатанистичкиот Запад.“

Но, тврдењата за „десатанизација“ и „дешејтанизација“ на Украина не се засновани на факти. Агресијата во Украина не е ниту „десатанизација“, ниту „дешејтанизација“, ниту џихад или „света војна“. Факт е дека најголем дел од населението во Украина се православни христијани, а не припадници на „сатанистички“ секти.

Наспроти ваквите дезинформации, стои и фактот дека агресијата на Руската федерација против Украина беше осудена со резолуција на Генералното собрание на ОН на 2.3.2022, за која гласаа 141 земја.

Приказните за десатанизација на Украина се дел од пропагандната техника наречена демонизација, со која непријателот се дехуманизира и се оцрнува како демон, монструм, апсолутно или чисто зло, или како ѓаволот – сатаната. И нацистичките пропагандисти користеа демонизација кога ги уништуваа Евреите во логорите на смртта.

Што е заедничко за Кадиров и руските пропагандисти? Тие користат демонизација за поттикнување омраза кон Украинците и кон Западот, и за оправдување на агресијата и воените злосторства. Затоа ја злоупотребуваат религијата, оцрнувајќи го непријателот како „ѓавол“ или „шејтан“ и прогласувајќи ја агресијата во Украина за „света војна“ или „џихад“.