Далеку е Америка

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Најавуваниот „црвен бран“ на меѓуизборите (Midterm elections) во Соединетите aмерикански држави, со кој се предвидуваше мнозинство и контрола на Републиканците, како во Сенатот така и во Конгресот, не се случи. Демократите ја имаат контролата во Сенатот со освоени 50 седишта, бидејќи во ситуација кога во Сенатот се гласа неодлучно 50-50 пресудна ќе биде одлуката на потпретседателката Камaла Харис.

Изборите за Конгресот сè уште не се завршени, но најверојатно е дека републиканците се блиску до бројката од 218 освоени мандати потребни за мнозинство во Конгресот, иако епилогот е многу далеку од најавуваната голема победа на републиканците, проектирана со разлика од најмалку 30-ина конгресмени. Антивладиното расположение во САД беше генерирано од лошите перформанси на американската економија и за нивни прилики високата инфлација, но и ниската доверба во администрацијата на претседателот Џо Бајден, кому дел од јавноста му забележува дека во јавните настапи сè повеќе му се провлекуваат лапсуси.

Изненадувањето на изборите го направија темите за основни човекови права, а пред се (Pro Choice) правото на избор или правото на абортус за жените, нешто што се сметаше за освоена демократска придобивка и затворено прашање уште од 1973-тата година. До 1973 во повеќето американски сојузни држави абортусот беше нелегален, но со судската одлука Roe versus Wade во Америка абортусот се легализира. По речиси 50 години, на 24 јуни годинава американскиот Врховен суд во кој доминираат конзервативци, ја преиначи оваа одлука со што секоја сојузна држава има право да забрани абортус.

Така, оваа тема и остри конфликти, како и жолчната и непомирлива дебата меѓу оние што се залагаат за право на избор (Pro Choice) и оние што сметаат дека абортусот е убиство и треба да се забрани (Pro Life) повторно се врати како една од клучните теми на изборите. Истражувањата покажаа дека прашањето за правото на избор беше одлучувачки мотив за да излезат на гласање дури 76% од оние што својот глас го дадоа за демократите. Exit poll анкетите покажаа неверојатно висока излезност, но и ангажман околу изборите на луѓе кои главно се воздржуваат од гласање, а особено младата популација мотивирана околу прашањата за човекови права.

Второто големо прашање од корпусот човекови права беше односот кон емигрантите. Прашањето околу отвореноста на американските граници кон илегалните емигранти и законите во оваа сфера е актуелно последниве дваеесетина години, но тоа особено се вжешти на претесдателските избори, кога Доналд Трамп најави изградба на ѕид во должина на границата со Мексико. Во септември годинава ова прашање доби шокантни димензии, кога гувернерот на Флорида Рон де Сантис натовари 50 азиланти од Венецуела во авион, и ги испрати на островот Марта Винијардс во државата Масачусетс. И додека претседателот Џо Бајден и демократите инцидентот го нарекоа нехуман, многу републиканци го поздравија потегот на Де Сантис како добра идеја. Марта Винијардс е ексклузивно одморалиште главно на белите аристократи, и со тоа што Де Сантис ги испрати венецуелските азиланти токму таму, сакаше како што рече „да ја покаже либералната хипокризија“ – алудирајќи дека демократите се залагаат за мека легислатива во однос на илегалните емигранти, но во пракса не ги сакаат кај себе дома. Натамошната истрага покажа дека дел од азилантите беа подмитени за да отпатуваат на тој лет, а некои биле измамени и им било кажано дека ќе ги одведат во Бостон каде што ќе добијат документи за престој и работа.

Како и да е, демократите направија неочекуван камбек на овие меѓуизбори со контроверзните теми околу човековите права, со што политичката атмосфера во САД повторно е вжештена. Таа беше доведена до ниво на усвитување, кога во 2020 претседателскиот кандидат на републиканците Доналд Трамп обвини за изборни измами и не сакаше да му ја честита победата на Џо Бајден, што доведе и до насилни демонстрации и жртви во Конгресот. Советниците на Трамп најавуваат дека неделава тој ќе ја обелодени својата нова претседателска кандидатура за изборите во 2024 што, бездруго, само по себе, ќе доведе до огромна мобилизација на другата страна, доколку Трамп повторно биде републикански кандидат за претседател.

Сепак, конзервативни аналитичари тврдат дека со тоа што Трамп лично одбра голем дел од кандидатите и се мешаше во кампањата, тоа ги чинеше Републиканците загуба на 15-20 места, кои инаку републиканците би ги добиле на овие избори. На овие критики, Трамп одговори дека сите кандидати на републиканците што победија нивниот успех му го должат нему, додека за сите порази и погрешни кадровски решенија виновни се други!

Во макeдонските медиуми, меѓуизборите во Соединетите американски држави минаа незабележано. Најчитана вест на македонските портали изминатата седмица беше информацијата дека човекот од некое забито македонско село што имал полов однос со магаре во присуство на сведок, е казнет со парична казна од 400 евра. Во врвот на најчитаните се и дека „синоќа на улица Х околу 22 часот С.Т на 36 годишна возраст од Скопје, бил физички нападнат. Полицијата го расчистува случајот“. Толку е веста. Буквално две реченици и во неа нема апсолутно никаква информација, ниту кој е нападнат, ниту дали е повреден, ниту кој го нападнал, ниту пак е наведена причина за нападот. Вакви „вести“, преземени од полициски билтен, има по неколку на ден, со бомбастичен наслов, и апсолутно никаква содржина. Оние што работат во порталите сметаат дека ваквите штури податоци од полициски билтен се вредни за објавување (newsworthy), но пострашно е што, откако ќе биде објавена ваква празна содржина, таа е меѓу најчитаните вести.

Ова е сосема во склад со фактот што Македонците и официјално се медиумски најнеписмената нација во Европа, потонати во длабок провинцијализам, и без никаков интерес за настани надвор од потегот Богородица-Табановце.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.