Правна борба против говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет – искуства на Скопскиот КВИР ЦЕНТАР – Здружение за сексуални и родови малцинства

Пишува: МАРТИН ТАСЕВСКИ

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР – Здружение за сексуални и родови малцинства во периодот 2021 – 2022 година, има документирано 154 интервенции – случаи на говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет, најголем дел на социјални медиуми (фејсбук) и во помал број на интернет портали. Најголем дел од документираните случаи претставуваат објави, под кои имало бројни коментари со говор на омраза, а во одреден дел се документирани поединечни коментари и говор на омраза од интернет медиуми. Во оваа анализа ги претставуваме нашите искуства од правната борба против говор на омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет пред надлежните институции во Република Северна Македонија.

За говорот на омраза и непознавањето на криминалот од омраза

Говорот на омраза е вид на изразување кое е дизајнирано да промовира омраза врз основа на раса, религија, етничка припадност, национално потекло, пол, сексуална ориентација, класа/социјално потекло, телесна или ментална попреченост.

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР (Здружение за сексуални и родови малцинства) води правна битка против говорот на омраза, вклучително и против напишаните коментари и статуси на социјалните мрежи, со кои се настојува да се осуди или обесчовечи жртвата, да се изрази гнев, омраза и презир кон припадници на ЛГБТИ+ заедницата. Сите ксенофобични, хомофобични и други поврзани форми на идентитеско-напаѓачко изразување би можеле да се подведат под поимот на говор на омраза. Говор на омраза против припадници на ЛГБТИ+ заедницата се шири и со свесното споделување на хомофобични и трансфобични коментари и статуси.

За жал, говорот на омраза не е експлицитно дефиниран и во новиот Кривичниот законик на Северна Македонија. И покрај корекциите на одредбите, се задржуваат истите суштински недостатоци. Повторно има исклучување на сексуалната ориентација и родовиот идентитет од експлицитно наведените заштитени карактеристики, и покрај тоа што сексуалните малцинства се исклучително виктимизирана група изложена на особено штетен говор на омраза.

Затоа изразуваме крајна загриженост за непознавањето на говорот на омраза и криминалот од омраза кој ги напаѓа фундаменталните права. Принципот на еднакви права е срж во секоја демократска држава и обично е  вграден во Уставот. Во основа на говорот на омраза и криминалот од омраза лежат екстремни форми на предрасуди, затоа што жртвата е нападната поради својата припадност на група. Криминалот од омраза ѝ го ускратува човековото достоинство и индивидуалноста на жртвата и го напаѓа принципот дека секој поединец има право на еднаква заштита пред законот.

Неказнивоста на говорот на омраза дополнително ги мотивира сторителите

Една позната изрека вели: „Говорот на омраза е непријател на слободата на говор“. Имајќи предвид дека говорот на омразата е многу штетен, потребата од негово ограничување е оправдана за да се оневозможи злоупотреба на слободата на изразување и повредата на правата на другиот. Kако чувари на владеењето на правото и бранители на уставните права, органите на прогонот играат суштествена улога во гарантирањето на темелните права. Делотворното гонење на криминалот од омраза ги потврдува и штити демократските вредности.

Како Здружение, скопскиот КВИР ЦЕНТАР поднесува пријави, претставки и жалби до соодветните надлежни институции. Реагираме кога на социјалните мрежи масовно се злоупотребува слободата на говор, го детектираме сето тоа и го пријавуваме. Но, неказнивоста на говорот на омраза, што претставува практика на Основните јавни обвинителства, дополнително ги мотивира сторителите. Досега Основните јавни обвинителства ниту во еден случај не покренале обвинителен предлог, ниту санкционирале сторител кој шири говор на омраза врз сексуална ориентација и родов идентитет. Оттука, можеме да заклучиме дека обвинителите соучествуваат во ширењето на говорот на омраза кон ЛГБТИ + луѓето и во ширењето на насилството врз оваа виктимизирана заедница.

Обвинителите немаат капацитети да препознаваат говор на омраза

Потенцираме дека според искуството на скопскиот КВИР ЦЕНТАР, по бројните поднесени пријавите до Основните јавни обвинителства низ државата по однос на дискриминацијата и говорот на омраза заснована на сексуална ориентација и родов идентитет, имаме недостиг на познавања на концептот на заштитата на ЛГБТИ+ лицата од страна на обвинителите. Токму поради ваквиот недостиг, потребно беше во новиот Кривичен законик експлицитно да се наведе сексуалната ориентација и родовиот идентитет, а не да се задржуваат повторно истите суштински недостатоци.

Логично се наметнува прашањето како ќе ги заштитиме сексуалните малцинства преку основот маргинализирана група, кога досега не беа заштитени од страна на Обвинителството.  Ако заканата е насочена кон загрозување на сигурноста на припадници на ЛГБТИ+ Заедницата, како тогаш ќе ги заштитиме ЛГБТИ+ лицата, преку „отворената листа“ на заштитени карактеристики – маргинализирана група? Ненаведувањето на сексуалната ориентација и родовиот идентитет ги демотивира припадниците на ЛГБТИ+ заедницата што доведува до ограничување на практикувањето на личните слободи.

Кривичните дела за говор на омраза се сместени во различни глави од Кривичниот законик, со што на обвинителите им се усложнуваат и онака тешките прашања во врска со заштитените карактеристики.[i] Во досегашните законски одредби (како и во предлозите за измени на КЗ), не се наведени сексуалната ориентација и родовиот идентитет.[ii]

Широката листа на карактеристики повторно не ја предвидува вербалната сексуална злоупотреба, малтретирањето врз сексуалната ориентација и родовиот идентитет, јавното засрамување,  сексуалната природа кај ЛГБТИ+ Заедницата, понижувањето и сл.

Судската пракса во Северна Македонија не изобилува со правосилни пресуди по предмети каде станува збор за казнени дела на говор на омраза кон ЛГБТИ+ Заедницата. Од друга страна, во архивите на Обвинителствата ширум државата можат да се најдат повеќе негативни мериторни јавнообвинителски одлуки со кои се отфрлаат кривичните пријави за казнени дела – говор на омраза кон ЛГБТИ+ Заедницата и дела од омраза по основ на сексуална ориентација.

До скопскиот КВИР ЦЕНТАР ни беа доставени решенија за отфрлање на кривичните пријави или известувања, во кои најчесто во образложението обвинителите наведуваат: „Во конкретниот случај, јавниот Обвинител нашол дека се работи за изнесен став и мислење, а не се работи за умислено промовирање или поттикнување на омраза, дискриминација или насилство“ (Цитат од решение за отфрлање на кривична пријава).

Известувањата кои ги добиваме се без поука за жалба. На пример: „Во врска со поднесената кривична пријава од Ваша страна за Ширење расистички и ксенофобичен пишан материјал, промовирање и поттикнување на омраза, дискриминација и насилство преку објави на социјалната мрежа „Facebook“, Ве известуваме дека Основното јавно обвинителство, одлучи да не преземе понатамошно кривично гонење од причина што во пријавениот настан не се содржани обележја на кривично дело кое се гони по службена должност“.

Се забележува дека изостануваат причините врз основа на кои Јавниот обвинител го темелел својот заклучок. Не е извршена анализа на коментарите на социјалната мрежа, па останува неутврдено од кој факт и од кој доказ Јавниот обвинител одлучил да не преземе понатамошно кривично гонење.

Токму затоа, треба да размислиме за начините на едукација на обвинителите кои сега немаат капацитети да препознаваат говор на омраза.

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација препознава дискриминација врз основа на сексуална ориентација

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР поднесува пријави и до МВР  –  Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика,[iii] но, досега немаме никаков одговор за текот на постапките.

За разлика од Обвинителството и Министерството за внатрешни работи, новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација препознава дискриминација по повеќе основи (и врз основа на сексуална ориентација), вклучувајќи ја и интерсекционалната дискриминација. Согласно чл. 27 од новиот закон е предвидена прекршочна постапка по барање на Комисијата за спречување дискриминација.[iv] Постои и можност за судска заштита преку тужба до граѓански суд поднесена од дискриминираниот, и преку тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis). Тужба за заштита од дискриминација од јавен интерес (actio popularis) поднесуваат здруженија, фондации, синдикати или други организации од граѓанското општество и неформални групи кои имаат оправдан интерес.

Пример од новата Комисија за спречување и заштита од дискриминација, која во мислењето наведува: Се утврдува продолжено и повеќекратно вознемирување и поттикнување на дискриминација врз основа на етничка припадност и припадност на маргинализирана група од страна на (дискриминаторот) и насочено кон припадниците на ЛГБТИ+ Заедницата во областа на јавно информирање и медиуми. Препораките најчесто се насочени кон дискриминаторот да се избрише текстот на социјалната мрежа и да ја извести Комисијата во рок од 30 дена од денот на добивање на мислењето. Се препорачува да се воздржи лицето во иднина од такви објави, а доколку не постапи по истото, Комисијата ќе поведе и прекршочна постапка пред надлежниот суд.

Скопскиот КВИР ЦЕНТАР поднесува и жалби до Советот за етика во медиумите на Северна Македонија за новинари и медиуми кои употребувале говор на омраза по основ на сексуална ориентација.[v] Слабоста во однос на (СЕММ) е што носи само морални санкции и не може да присили на некаква акција.

И покрај бројните пријави на скопскиот КВИР ЦЕНТАР, до сега, ниту еден случај не завршил со покренување на обвинение, ниту со санкционирање на сторителот. Оттука, органите на Кривичниот прогон кои не го препознаваат говорот на омраза, констатираат дека всушност никој не се служи со говор на омраза во Република Северна Македонија. Со тоа дополнително ги мотивираат сторителите, не се делува на планот на специјалната превенција (да се одвратат од вакви или слични кривични дела потенцијалните сторители) и соучествуваат во ширењето на говорот на омраза кон ЛГБТИ + заедницата.

 

(Авторот е правен советник во Скопскиот КВИР ЦЕНТАР – Здружение за сексуални и родови малцинства)

 

[i] Казнени дела на говор на омраза од КЗ: Загрозување на сигурноста од Чл.144 од КЗ; Излагање на подбив на Македонскиот народ и припадниците на заедницата од Чл.179 од КЗ; Предизвикувањето омраза, раздор или нетрпеливост врз национална, расна, верска и друга дискриминаторска основа од Чл.319 од КЗ; Ширењето на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем од Чл.394-г од КЗ; Одобрувањето или оправдувањето на геноцид, злосторства против човештвото или воени злосторства по пат на информационен систем и посебно кога тоа одобрување или оправдување е сторено со намера за поттикнување на омраза, дискриминација или насилство против лице или група поради некоја нивна идентитетска карактеристика од Чл.407-А од КЗ; Расна и друга дискриминација од Чл.417 од КЗ.

[ii] Дејствијата на извршување се широка палета на деструктивни поведенија, при што се прави градација и последователност помеѓу раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови на уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална или телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, или на која било друга основа…

[iii] Пријавите се насочени кон загрозување на сигурноста на ЛГБТИ+ Заедницата за Чл.394-г – Ширење расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем и за Чл.144 ст. 4  – Загрозување на сигурноста од КЗ.

[iv] Согласно чл. 27 ст. 4 од ЗАКОНОТ ЗА СПРЕЧУВАЊЕ И ЗАШТИТА ОД ДИСКРИМИНАЦИЈА, „Доколку лицето на кое е упатена препораката не постапи по препораката согласно со ставот (3) на овој член, Комисијата поднесува барање за покренување на прекршочна постапка пред надлежниот суд за прекршоци.“ (Службен весник на РСМ, бр. 258 од 30.10.2020 година).

[v] Саморегулаторното тело во Северна Македонија е Советот за Етика во медиумите (СЕММ), како и Судот на честа при ЗНМ. Судот на честа се занимава со поплаки на граѓани против неетичко постапување на определен новинар.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.