МЕДИУМСКА АВТОДЕСТРУКЦИЈА

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Не можам никако да ја разберам непринципиелната хајка која се води против електронските медиуми од сите новинарски и синдикални здруженија, и угледни новинари, кои сето тоа го прават на штета на сопствената професија, на својата фела, на колегите со кои јадат заеднички леб. Таа станува особено изразена кога ќе се спомне било каква можност за кампањи од јавен интерес финансирани од буџетски средства. Најавени се измени во Законот за медиуми односно укинување на фамозниот член 102 со кој се воведе целосна забрана за рекламирање на државните органи, органите на државната управа, јавните претпријатија, единиците на локалната самоуправа, јавните установи и институции, како и правните лица со јавни овластувања и трговските друштва во целосна државна сопственост, како и забрана за предвидување средства за информирање и запознавање на јавноста со свои услуги или активности преку приватни радиодифузери. Ова беше дочекано на нож, и се дигна огромна врева, а на јавноста и се сервира упростена интерпретација на ова комплексно прашање од типот – Владата на СДСМ се договорила со газдите на приватните телевизии да им се дадат 4 милиони евра годишно буџетски пари, и на тој начин Владата да си ја купи наклонетоста на телевизиите, според праксата што ја усоврши претходната влада на Никола Груевски.

Нема збор дека Владата на Никола Груевски правеше огромни злоупотреби со овие средства за купување политичко влијание во приватни медиуми, коишто се прецизно документирани. Демократијата беше компромитирана заради симбиозата на Владата со приватниот медиумски сектор базирана на огромни буџетски средства кои се влеваа во приватните медиуми, кои за возврат и даваа безбрезервна поддршка на политиката на владата. Како траума од тоа, одговорот на новата влада под притисок на новинарските здруженија и невладините организации беше да се забрани било какво владино рекламирање, сосе кампањи од јавен интерес. Но, такво нешто нема никаде во светот. Ако некој загадил вода за пиење, лекот не е во тоа да се забрани да се пие вода, туку во тоа, во иднина водата да остане чиста и да не може да биде загадена. Ете толку е едноставно, ама кај дел од новинарската фела преовладува балканскиот синдром од типот „поарно на комшијата да му умре кравата, отколку мојата да се отели“.

Прво, не е точно дека сите 4 милиони евра ќе завршат кај телевизиите со национална концесија. Иако не ја знам точната формула на распределба на средствата и врз основа на кои параметри, бидејќи веќе не сум дел од овие преговори – ама сум доволно упатен, затоа што како претседател на ММА со години ги водев овие преговори, и знам дека овие средства се предвидени и за регионалните и локалните телевизии, како и за националните, регионалните и локалните радио станици, а бенефит ќе имаат и весниците и интернет порталите, за кои ќе престане да важи оваа забрана за кампањи од јавен интерес. Значи, равенката не е Владата им ги полни џебовите на петмина газди на телевизии, туку од ова бенефит ќе има целиот медиумски сектор. Бидејќи особено се земени на нишан националните телевизии, би сакал да напоменам дека петте национални телевизии вработуваат над 700 медиумски работници – новинари, продуценти, сниматели, монтажери, организатори, а ако се земе предвид дека со промената на законот бенефит ќе има целиот медиумски сектор, јасно е дека станува збор за огромна бројка медиумски работници. Законот треба да се донесе на начин што ќе обезбеди транспарентност во одлуките што се кампањи од јавен интерес, како и да се изработи квалитетна методологија за правична дистрибуција на средствата според објективни параметри (број на вработени, удел во гледаноста итн.), а не Владата да дава средства на медиуми чија уредувачка политика и е наклонета, како што беше во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. На крајот на краиштата, може да се преземе модел кој функционира од некоја развиена европска демократија каде што овие услови се законски прецизно дефинирани.

Уште сум шокиран од лаконските препораки на луѓе кои се некакви „советници“ во медиумската сфера и невладини организации кои се изрично против трошење буџетски средства за кампањи од јавен интерес заради заканата од корумпирање на независното новинарство, и нивната препорака приватните медиуми да ги емитуваат овие кампањи бесплатно! Но, тоа се по правило луѓе кои никогаш не заработиле жолта банка со новинарски труд на пазарот, а својата егзистенција ја обезбедуваат од давање совети и препораки во оваа сфера или ако сакате „акалџии“.

Единствениот начин на финансирање на приватните електронски медиуми е продажба на рекламното време. За време на пандемијата со корона вирусот и карантините, на удар беше целата економија и прво што кратат компаниите во услови на такви кризи се средствата за реклами. Медиумите во цела Европа опстанаа заради тоа што емитуваа огромен број спотови од јавен интерес од типот – седете дома, носете маски, мијте ги рацете, и еден куп други кампањи со кои општествата се справуваа со корона кризата. Потоа, природно, дојдоа и кампањите за имунизација на населението, и битката што ја водеше секоја држава со антиваксерите кои се трудеа со сета сила и квази-аргументи да ја компромитираат кампањата за имунизација на населението. Бидејќи во тој период бев генерален менаџер на национална телевизија можам одговорно да кажам дека петте приватни национални телевизии емитуваа кампањи за короната и вакцинацијата во вредност од десетици милиони евра рекламно време –бесплатно! Овие податоци лесно може да се проверат во секое време. Нема збор дека стануваше збор за јавен интерес и дека тој требаше да се заштити по секоја цена. Но, додека нашите колеги низ Европа, преку тоа ја обезбедуваа егзистенцијата – приватните медиуми во Македонија ја правеа таа услуга бесплатно, и се мачеа да врзат крај со крај. Бидејќи кога ќе дојдеше први во месецот, на вработените медиумските работници им беше исплаќана целосна плата и придонеси – никој не им кажа – треба да работите бесплатно, бидејќи станува збор за јавен интерес!

Рекламното време има цена на чинење. Како и секој продукт на пазарот. Така е тоа во капитализмот. Никој не може да опстане ако услугата што му е основна дејност ја дава бесплатно. Државите и Владите имаат потреба од јавни кампањи. И тие треба да се платат. На транспарентен и законски начин. Но дури и да се претера со кампањи, не гледам ништо лошто во идејата да му се помогне на медиумскиот сектор. Напротив.

Се разбира, Владата не смее да биде најголемиот „медиа бајер“ бидејќи на тој начин ќе се направи целосна дисторзија на пазарот, но ако во моментов вкупниот „медиа бајинг“ во Македонија е одвај 12 милиони евра, ако тој се покачи на 16 милиони евра огромен бенефит ќе имаат медиумските работници. Откако ќе има средства, натаму е битка на фелата и синдикатот, платите во секторот да пораснат и да станат достоинствени. Бидејќи прикаските за независно новинарство во ситуација кога платите на новинарите се мизерни се чиста демагогија. Основен предуслов за независно новинарство е интегритетот на новинарот, а тој интегритет од старт ќе биде компромитиран доколку со платата тој новинар не може да врзе крај со крај. Вода за пиење треба да има, работата е во тоа таа да не се загади.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.