Кој ги измами граѓаните дека „Раде Шербеџија отвори канцеларија на „Левица“ во Скопје“?

Повеќе медиуми наседнаа на политичката пи-ар стратегија позната како „лажно поддржување“ (fake endorsement), затоа што не проверуваа факти.

На 16.11.2022 страницата Левица – Ѓорче Петров објави фотографии од отворање нова канцеларија. На една од нив со лидерот Апасиев е фотографиран лик кој потсетува на славен глумец.

На 17.11.2022 порталот „Фактор“ ја објави фотографијата со сензационалистички наслов „Раде Шербеџија отвори канцеларија на „Левица“ во Скопје“ и лажно тврдење дека „…Шербеџија вчера присуствуваше на отворањето на новата канцеларија на „Левица“ во Ѓорче Петров“.

Лажната вест ја споделува и Димитар Апасиев со коментар „Знае Раде кај е Силата“ и хаштаг #ПредДождот“, кој се шири на социјалните мрежи.

Повеќе медиуми наседнаа на политичката промотивна стратегија, но притоа и самите станаа тема на јавен интерес и јавна критика.

А требаше само подобро да ја погледнат фотографијата или проверат на фејсбук страницата на вистинскиот Шербеџија, за да сфатат дека на 16 ноември не бил во Скопје, туку во Пула.

Дел од нив предоцна се освестија дека „Левица очигледно успеа да си направи бесплатна реклама“ – ширејќи дезинформации, се разбира, на нивна сметка.

Некои од медиумите кои беа намерно измамени и злоупотребени за партиска пропаганда се обидоа да ја претстават политичката злоупотреба како шега или како „лапање кромид“, иако воопшто не стануваше збор за сатирична содржина.

Порталот „Фокус“, кој ја рашири дезинформацијата за „Шербеџија на отворање на канцеларија на „Левица““ дури му направи и интервју на „двојникот на Шербеџија“.

Во случајов, политичарите уште еднаш ја искористија медиумската глад за сензационализам, за да си направат бесплатна себепромоција.

Најголеми жртви испаднаа медиумите кои не проверуваа и измамените граѓани кои им поверуваа на медиумско-политичките лаги, а не добија ниту извинување.

И овој случај покажува како затајувањето на проверката на факти го зголемува ем ризикот за политичко искористување, ем падот на доверба во медиумите од страна на граѓаните.