Полиња на смртта

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Кога ја почнував кариерата во тогашното Радио Скопје, бев восхитен од анегдотата која ја прераскажуваше колегата Љупчо Гајдов, цитирајќи разговор со голем американски уредник, кој им зборувал на своите новинари дека главниот уредник на Њујорк Тајмс има отворен пат, и лесно може да стане американски државен секретар (министер за надворешни работи), но дека американски државен секретар нема шанса да стане главен уредник на Њујорк Тајмс.

Сосема е неважно е дали анегдотата е сосема вистинита, ниту пак дали реално ги отсликувала состојбите во американската политика и новинарство, иако мислам дека за тој период содржеше голема доза на веродостојност. Она што е важно е дека новинарите пред 30-ина години чувствуваа дека се дел од една општествено многу важна и благородна професија, а дека нивниот новинарски интегритет има исклучително висока цена, кој не би можел да се купи дури ни со една толку престижна позиција како прв човек на американскиот Стејт департмент.

Тоа беше една од многуте причини зошто толку брзо, силно и страсно ја засакав мојата професија, за која знаев дека ќе биде мојот позив уште на 15 годишна возраст кога возбуден излегов од кино Вардар, по проекцијата на филмот „Полиња на смртта“ (Killing fields) на британскиот режисер Роланд Џофи, во рамките на скопскиот мини ФЕСТ. Бев опчинет од етичките дилеми, моралните искушенија, регистрирањето на злото наместо да му се спротивставите, мачнината и грижата на совест кај дописникот на Њујорк Тајмс од Камбоџа Сидни Шанберг, кога ја добива Пулицерова награда за известувањата од Камбоџа, и злосторствата на Пол Пот и „Црвените кмери“. Да, во младоста бев убеден дека нема поблагородна и повозвишена професија од журналистиката.

Ако некој тогаш ми кажеше дека ќе дојде време кога талентирани и етаблирани новинарски пера ќе се тепаат за некое безначајно место на  портпарол или советник за односи со јавноста во некакво си владино министерство или агенција, ќе го сметав за луд, или дека премногу чита антиутописка литература. За жал, стварноста одамна ги ничкоса сите мои идеали и илузии, таа грда „орвеловска стварност“ која трае со години, ако не и со децении, во која огромен број мои колеги на кои им се смачи од бесчестието, лажните вести  и пропагандата (која мораа отворено или прикриено да ја туркаат или да ја толерираат) ја напуштија новинарската професија и станаа „спин доктори“, советници за односи со јавност, портпароли…Таа неверојатна стварност, дека чиновник во некаквa си владина агенција или министерство зема двојно или тројно повисока плата од врвни новинари, сосе сите други бенефиции, меѓу кои и спокојни викенди и празници, и нормално работно време. Се разбира, ако ви е идејата да имате работно време како шалтерски службеник во експозитура на некоја банка од 08 -16 часот, сте залутале во професијата, но кога „орвеловската стварност“ од ден во ден систематски ќе ви ги руши сите младешки идеали и причини зошто сте влегле во професијата, тогаш и шалтерското работно време веќе не е сосема „за фрлање“.

Во таков морничав амбиент за новинарството, минатата недела ЗНМ ги одржа редовните избори, на кои Младен Чадиковски беше реизбран за претседател. Поранешниот колега Бранко Тричковски во својата последна колумна „Мис на девственоста во куплерај“ во својот препознатлив „артурмилеровски“ вокабулар, кој не е мој стил и лично не ми се допаѓа, истури страшни напади врз ЗНМ и Чадиковски. Од она што јас го разбирам, не заради тоа што направиле нешто лошо, или страшно, туку заради тоа што ништо не направиле, што е дефиниција на лошо и страшно! Се согласувам целосно со главната поента – а тоа е дека ни е потребно „превреднување на сите вредности“, во ничеовска смисла и дека некакво живуркање и преживување во општествениот талог е неприфатливо. Дали ЗНМ како институција има таква моќ и влијание, и дали преку ЗНМ може барем да се иницираат, ако веќе не може да се направат некакви промени, искрено се сомневам.

Колку се, пак, новинарите одговорни за моралната бездна и тоталната апатија и распад во која се наоѓа македонското општество, е друго прашање. Ако не ја создадоа директно, станаа соучесници, без волја и сила да се спротистават на едно тотално партизирано општество, доминирано од партиски кадри чија главна одлика е послушност наместо способност. Таа одлика на партиските послушници, за жал, се преслика и кај новинарите, кои целосно се вклопија во тоа милје.

Во таа смисла, реизборот на Чадиковски претставува контунуитет на таа грда слика на македонското општество и новинарство. Веќе никој не сака да студира новинарство, а уште помалку да стане новинар. Нормално, кога и оние што станале новинари гледаат како да се спасат и да побегнат од професијата. Денес, наместо новинарите да известуваат за полињата на смртта, редакциите станаа полиња на смртта – на професијата.

Македонија е на самото дно, без дилема. Ама и глобално, живееме некои чудни  „орвеловски времиња“. Веќе станува небитно кој пишува, и за што пишува. Денес и самиот Џорџ Орвел од Би Би Си и Сидни Шанберг од Њујорк Тајмс би немале никаква шанса во конкуренција со силиконските усни, или задникот на Ким Кардашијан…

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.