„Полиграф“: Дезинформации се тврдењата дека Русија не напаѓа цивили и цивилни објекти во Украина

 

На 24.11.2022 повеќе портали објавија тврдење на портпаролот на Путин, Песков, дека Русија не напаѓа цивилни објекти во Украина. И Амбасадата на Русија истиот ден објави лажно тврдење дека „Немаше и нема удари врз социјалните објекти.“

Руската Амбасада го пренесе и говорот на Постојаниот претставник на Русија во ОН, кој тврдеше: „Оштетувањата на станбените згради и жртвите меѓу цивилното население навистина се случуваат по вина на украинската воздушна одбрана…“

Не е првпат руските претставници да негираат напади врз цивили и цивилни објекти. И рускиот амбасадор Баздникин на 9.03.2022, во гостување на ТВ Сител ги негираше снимките кои потврдуваат такви напади:

Баздникин: „Ние правиме се за да спречиме какви било цивилни жртви. На почетокот на специјалната воена операција руското раководство даде јасна и недвосмислена наредба да не се напаѓаат населени места и цивилни инфраструктурни објекти“.

Новинар: Ама се напаѓаат, гледаме снимки“.

Како што укажа и новинарот на Сител, уште тогаш јавноста беше сведок на бројни снимки кои потврдуваа дека Русија врши напади и врз цивили и цивилни објекти во Украина.

И ОН , откако започна вооружениот напад врз Украина, до 28 ноември 2022 регистрираа над 17.000 цивилни жртви и над 6.600 убиени.

ОН констатираат и дека најголем дел од цивилните жртви се предизвикани од напади на цивилни објекти. На пример, на 10 октомври генералниот секретар на ОН Гутереш изрази длабок шок од масовните напади на Руската федерација врз повеќе градови, кои причинија големи штети во цивилни подрачја и доведоа до смрт и повреди на десетици луѓе.

И на 11.10.2022 ОН потврди дека дел од руските напади се врз цивили и „критична цивилна инфраструктура“ и дека се спротивни на меѓународното право.

Освен тоа, портпаролката на ОН за човекови права Равина Шамсадани нагласи дека намерно насочување напади врз цивили и цивилни објекти, односно објекти кои не се воени цели, претставува воено злосторство“.

И претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лaјен, на 19.10.2022 истакна дека руските напади против цивилната инфраструктура, особено електричната енергија, се „воени злосторства“.

Дури и руската пропагандистка и уредничка на РТ Симоњан, неодамна призна дека Русија секојдневно бомбардира инфраструктура во Украина:

Симонјан: „Тие се подготвуваат да го опколат нашиот Крим и ние го правиме единственото што го можеме – ние бомбардираме, бомбардираме, инфраструктура секој ден…“

Навистина, има премногу докази дека Русија секојдневно бомбардира цивилна инфраструктура. Затоа, тврдењата дека Русија не напаѓа цивили и цивилни објекти во Украина – ги оценуваме како дезинформации.