Полиграф: Дали подигнатите три прста на Рамос имаат врска со српскиот националистички поздрав?

 

Дали подигнатите три прста на Рамос по хет-трикот на натпреварот меѓу Португалија и Швајцарија на Светското првенство во Катар имаат врска со српскиот националистички поздрав?

На 7.12.2022 порталот МКД Пресс објави наслов „ПОРТУГАЛЕЦОТ ПРОСЛАВИ ГОЛ СО кренати ТРИ ПРСТА: Ги уништи Џака и неговите пријатели, па направи нешто што ја крена цела СРБИЈА на нозе“.

Истата фотографија, со слични наслови ја објавија и неколку други српски сајтови. Како извор беше наведен српски Курир, кој пишува дека „по постигнатиот трет гол фудбалерот на Бенфика подигнал три прста“.

Овој портал објави и друг текст со наслов „Кој е Гонзало Рамос, човекот кој ги испрати дома Џака и Шаќири: Подигна три прста и ја израдува Србија. Вреди 120 милиони евра“. Во текстот пишува: „Она што посебно ги израдува сите во Србија е фактот, што по третиот гол напаѓачот на Португалија ги подигна трите прста на двете раце и така го прослави големиот триумф.“

Факт е дека Рамос подигна три прста по постигнувањето на третиот гол. Но, тој гест нема врска со српскиот националистички поздрав.

И други познати фудбалери дигале три прста кога постигнувале три гола, но, притоа не биле објавувани сензационалистички наслови дека се радувала цела Србија.

Во фудбалот, гестот со три прста означува хет-трик и не треба да се толкува поинаку. Затоа, оценуваме дека споменатите наслови ја дезинформираат и манипулираат јавноста, но и поттикнуваат националистички страсти и меѓуетничка нетрпеливост.