Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Тажно е во колкава мерка се влошени бугарско-македонските односи. Откако ноќта на 19 јануари во Охрид беше претепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ Христијан Пендиков, неколку мои пријатели од Бугарија ми го поставија прашањето – дали за нив постои ризик ако дојдат во Македонија да ги натепаат само затоа што се Бугари?

И за време на спорот со Грција имаше тензии, вета, економски ембарга, ама не се сеќавам дека имаше толку зла крв, на Грци да им е страв да дојдат во Македонија, или обратно. Со Бугарија, работата е стасана дотаму, што обичниот човек од Бугарија има страв, или барем чувствуваат нелагодност да дојде во Македонија, а низ лични примери знам дека голем број луѓе кои често патуваа во Бугарија, сега не одат.

Клучното прашање е дали Пендиков бил натепан затоа што се чувствува како Бугарин, односно дали овој криминален чин, е предизвикан од омраза на национална основа!

Според соопштението на Основното јавно обвинителство во Охрид, инцидентот започнал откако во кафеана едно лице му кажало на Пендиков „Не ли ти е срам да се пишеш Бугарин?“ и го удрило по главата, што укажува на физичко насилство од омраза, иако во некои македонски медиуми провејува информација дека Пендиков бил наркодилер против кој се водела постапка, што отвара сомнеж и за други мотиви за неговото претепување. Но засега, нема никаква официјална потврда од македонски институции, ниту дека против Пендиков се води постапка, нити пак дека има други мотиви за неговото претепување.

Исто така, министерот за надворешни работи на Бугарија Милков, изјави дека Пендиков, кој е на лекување во Софија, добива закани и откако е натепан.

На 21 јануари, пак, се одбележаа 83 години од носењето на „Законот за заштита на нацијата“. Овој закон го потпишува Цар Борис Трети, а со законот, меѓу другото, се уредува односот кон Евреите и нивниот имот, и со тоа се озаконува и официјализира антисемитска политика во Бугарија по примерот на Нирнбершките закони на нацистичка Германија, врз расистичка и фашистичка основа.

За ова нема никаков спор во ниту една комисија, колку и да има обиди за релативизација, затоа што станува збор за историски факти проверени од разни извори, а го има како потврда и во сите сериозни бугарски извори. Врз основа на овој закон, како што пишува во бугарски извори, се испратени илјадници Евреи во логорите на смртта од „новите територии на царството Бугарија“ (териториите што Бугарија ги има окупирано од Југославија и Грција заради сојузништвото со нацистичка Германија), а заради протести во самата Бугарија, Евреите од старите територии не се одведени во концентрациони логори.

Ако е јасно дека името на бугарскиот владетел Борис Трети е синоним за бугарската окупација на Македонија за време на Втората светска војна, и на сите злосторства извршени во тоа време, јасно е дека таквото именување на бугарскиот клуб во Охрид е чиста провокација и може да се протолкува како поттикнување на нетрпеливост и омраза.

Поттикнувањето на нетрпеливост и омраза потхранува и перпетуира друг говор на омраза како одговор, па така, и самото отворање на клубот во Охрид, се случи во атмосфера на протести и тензии. И тоа откако бугарскиот клуб во Битола „Ванчо Михајлов“ беше запален.

Нема дилема дека именувањата на бугарските клубови со личности од историјата кои се осведочени соработници на хитлеровска Германија се направени за да создадат дополнителни тензии, да предизвикаат нетрпеливост, страшен говор на омраза и инциденти. Палењето на клубот „Ванчо Михајлов“ во Битола, и претепувањето на секретарот на клубот од Охрид Пендиков, како Софија едвај да ги дочека. Затоа и веднаш беше испратен државен авион, со кој Пендиков итно е пренесен на лекување во Софија.

Бугарскиот министер за надворешни работи Милков, за време на посетата на неговиот колега од Македонија Бујар Османи, изјави и дека ваков тип на инциденти немаат место во Европа. „Тука сум да кажам „не“ на возобновувањето на оние црни традиции кои историски се врзуваат со Македонија, на палежи, стрелања и насилства врз луѓе“ изјави Милков. Оваа негова изјава во Македонија беше протолкувана како силен говор на омраза, а министерот за надворешни работи Османи беше прозван што ја одмолчи, и од медиумите и од опозицијата.

И, навистина е парадоксално Бугарија на македонска територија да ги велича  Ванчо Михајлов и Цар Борис Трети, и да ги возобновува сеќавањета на окупација, стрелања, депортации, расизам, тортури и мачења, а историски да ја прозива Македонија за такво нешто?!?

Потоа, македонскиот министер за надворешни работи Османи, кој во неделата го посети повредениот Пендиков во Софија, изјави дека е дојден во Софија за да испрати порака дека „македонските институции ќе прават сè што е во нивна можност и надлежност, за да создадат атмосфера на нула толеранција кон провокации, насилства, навреди, кон било која заедница или народ во Македонија по однос на идентитетската и културната посебност“. Османи рече и дека се „создаваат механизми за следење на говорот на омраза и во бугарското и во македонското општество, и дека полека ќе се справиме со тоа“, но се чини дека изјавата добива призвук на гротеска, откако Милков со неговата изјава на самиот настан генерираше говор на омраза, кој натаму само дополнително беше потхрануван низ медиумите и социјалните мрежи.

Ситуацијата и натаму ќе се влошува. И во однос на бугарско-македонските односи, и во однос на атмосферата што се создава во двете општества, и во ескалацијата на говорот на омраза, и, за жал, и на насилствата. Затоа што не се преговара со добра волја, и затоа што суштинските проблеми не се вистински адресирани.

Бугарите се континуирано изненадени – од каде таа омраза на Македонците кон Бугарија и сè што е бугарско? Многу е просто. Заради навредите. Со тоа што Бугарија упорно одбива да ја признае посебноста на македонската нација и македонскиот јазик длабоко ги навредува Македонците. Ако официјална Софија ги признае нацијата, јазикот и елементарното право на самоопределување, ситуацијата веднаш драматично ќе деескалира. Тоа е чекорот кон искрена и реална основа за добрососетсво и пријателство. Тогаш никој ќе нема ништо против Бугарите да бидат дел од македонскиот Устав.

А во оваа ситуација, кога една држава не признава цела една нација, како може да очекува таа нација во сопствената држава да го уважува нивното малцинство? Треба и да се води сметка да се почитуваат чувствата на другиот. Ако Германија отвори клуб во Полска со името на Хајнрих Химлер, бездруго и таму ќе дојде до тензии, па потоа двете влади попусто ќе прават комисии и механизми за справување со говорот на омраза.

Ако не дојде до јасно адресирање на вистинските проблеми, и не се искаже добра волја во разговорите и низ практични чекори, министрите само ќе трчаат „да гаснат разни пожари“, а состојбите само дополнително ќе ескалираат. Изјавите на бугарските политичари во континуитет, тенденциозните именувања на клубовите, и постојаните провокации укажуваат на тоа дека Бугарија посакува таква атмосфера на ескалација. Би сакал да не сум во право, и праксата да ме демантира.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.