Политички примитивизам

Пишува: Атанас КИРОВСКИ

Според индексот на демократија за 2022 што го објави Економист, Македонија е на 72-рото место, и е во групата земји кои се означени како „Нецелосни демократии“. Тоа е навистина подобро од оценката дека Македонија е „хибриден режим“ од времето на владеењето на Владата на Никола Груевски, но е далеку од европските и цивилизациските вредности кон коишто се стремиме. Во контекст на регионот, полоши сме од земјите кои исто како нас, се аспиранти за членство во ЕУ. Пред нас се и Србија, и Албанија и Црна Гора.

Индексот на демократија го дефинираат неколку параметри, а Македонија има особено лоша оценка кај политичката култура 3,13, што е речиси двојно пониска од просечната оценка 6,10 што ја има Македонија. Дури и многу држави коишто се оценети како „хибридни режими“ или целосно „авторитарни режими“ имаат многу повисок индекс на политичка култура од Македонија – како што се Бангладеш, Џибути, Буркина Фасо или Руанда.  Така што потсмешливите изреки „ ја направивте државата Бангладеш“ апсолутно не држат, туку се само  “wishful thinking“. Само десетина земји во светот се полоши од Македонија како Иран, Авганистан или Северна Кореја од вкупно 167 држави во светот.

Таков еден пример на еклатантна политичка некултура, и особено дрзок однос кон медиумите и новинарите демонстрираше министерот за економија Крешник Бектеши. На легитимно новинарско прашање од јавен интерес, на новинарка од Канал 5 – зошто Македонија плаќа многу повисока цена на гасот од тоа што е берзанска цена, министерот наместо засрамено да одговори зошто беспотребно се прават загуби од неколку милиона евра месечно од буџетот, ја прозва новинарката дека прашањето и било дадено од други! Потоа го искара новинарот на Телма дека не бил на прес конференција за да дава коментари и да поставува прашања!  А за што треба да доаѓаат новинарите на прес конференции на министри, ако не за да не поставуваат прашања? За да бидат трансмитери на она што министерот сака да се слушне во јавноста?

Тоа е таа политичка некултура, поточно политички примитивизам, во едно милје кое го создадоа политичките партии дека министрите и владините службеници не даваат отчет на јавноста туку на лидерот на партијата, а нивните резултати не се мерат според успешноста од интерес на јавноста, државата и буџетот, туку според „ќарот“ што и го носи на партијата која го поставила да биде министер.

На овој примитивизам на Бектеши остро реагираа и Агенцијата за Аудиовизуелни медиуми, и Новинарскиот синдикат и Здружението на новинарите на Македонија, но  тие реакции, се разбира, не допираат до оние до кои се адресирани – Владата и министрите. „Државните функционери се во служба на јавноста и не смее да постои ваков начин на комуникација кој е крајно несоодветен, непримерен, дрзок и навредлив кон новинарите, а со тоа и кон целата јавност на која треба да и бидат пренесени информациите“, пишува во реакцијата на ЗНМ. Во соопштението, ЗНМ потсетува дека не станува збор за изолиран случај, туку за вакво однесување на владини претставници кон новинарите во континуитет, и дека за ваквите испади ќе ги извести Европската федерација на новинарите, ОБСЕ и Советот на Европа.

Нема министерот да сноси никакви последици за ваков непримерен однос кон новинарите и јавноста. Ваков скандал би завршил најмалку со оставка на министерот во земји кои имаат висок демократски индекс, ама затоа Македонија според политичката култура е во друштво на Авганистан и Северна Кореја, а не на Норвешка, или барем на Бангладеш….

Уште позагрижувачки за демократијата е што повеќето медиуми кои се прокламираат како борци за демократија, медиумски и индивидуални права и слободи, целосно го одмолчија скандалот. За него воопшто не известија. А тоа е цензура, или самоцензура. Доколку се случеше некој од опозицијата да направи ваков испад, несомнено ќе имаше линч. Тажно е што нема принципиелна борба за демократија и европски и цивилизациски вредности, туку таа е само етикета, зад која се кријат политички цели на одредени партиски структури.

Истите тие медиуми отворено ги прозиваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица и за недолична комуникација, кои ја влечат земјата надолу според индексот на политичка култура, ама ако ви е сопствениот двор валкан, и не само што не сакате да го исчистите, туку не сакате ни да видите, нити да признаете дека е валкан, нападите врз ѓубрето во туѓите дворови се претвараат во чиста демагогија, и одработување, никако во принцип дека се залагате да нема валканици.

За жал, тоа е македонското политичко и медиумско милје. Навистина треба многу да се потрудиме за еден ден гордо да воскликнеме дека сме стасани на нивото на Суринам, Намибија или Танзанија. Албанија има двојно повисок индекс на политичка култура од нас 6,25, тоа секако е недостижно.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.