Полиграф: Руската амбасада продолжува со дезинформациски напади кон министерот Бујар Османи

Руската амбасада во земјава продолжува со дезинформациски напади кон министерот за надворешни работи, Бујар Османи. На 01.02.2023, повеќе медиуми ја објавија реакцијата на Руската амбасада на интервјуто на Османи за Радио Слободна Европа, објавено на 29.01.2023 година, со наслов: „Османи – На Русија и одговара да ги држи живи конфликтите на Балканот“.

Во реакцијата на Фејсбук, Руската амбасада тврди дека „нема основа за такви тврдења, а камоли докази“ и укажува: „придонесот на нашата земја во решавањето на конфликтите на Балканот во изминатите многу децении, вклучувајќи во Босна и Херцеговина и во српската автономна покраина Косово и Метохија, не може да се прецени. Секогаш постапуваме во согласност со меѓународното право и резолуциите на Советот за безбедност на ОН.“

Меѓутоа, самата употреба на изразот „српската автономна покраина Косово и Метохија“ е дезинформација. Ваквото именување и постапување не е во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, каде што се користи само именувањето „Косово“. Освен тоа, Република Косово е меѓународно признаена од над 100 држави. Затоа, кога Русија зборува за „српската автономна покраина КИМ“, не придонесува за „решавањето на конфликтите“.

Исто така, тврдењето на Руската амбасада дека се невтемелени обвинувањата „што се шират во низа медиуми за наводно „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ“, е неосновано. Медиумите пренесуваа изјави за „мешање“ на Русија во внатрешните работи на РСМ дадени од највисоки државни функционери, исто како што пренесуваа изјави на Руската амбасада.

Докази за мешање на Русија во внатрешните работи на Македонија обелоденија и бројни експерти и истражувачи, кои посочија на руски и проруски дезинформациски напади од 2015 година до денес, со цел да се спречи интеграцијата во НАТО и ЕУ.

Освен тоа, експертите изнесуваат докази не само за мешање на Русија во внатрешните работи на Србија, Косово, Бугарија, Грција и другите балкански земји, туку и за обиди за потпалување на тензии. На пример, проверувачите на факти од EUvsDisinfo укажуваат дека „Руските претставници, медиуми и Телеграм канали долго време се обидуваат да потпалат тензии околу Косово и Западен Балкан“.

Доказ за потпалување тензии се и коментарите под објавата на Руската амбасада, во кои се поттикнува нетрпеливост и омраза кон Османи и Албанците и се потпалува меѓуетнички конфликт.

Сите овие аргументи укажуваат дека со дезинформациските напади кон Османи, Русија се обидува да поттикне раздор, меѓуетничка нетрпеливост и недоверба кон институциите во земјава, како што е МНР.