„Полиграф“: Кој дезинформираше за присуство на бугарската полиција при чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје?

На 02.2023 „Фондацијата Македонија“ на Фејсбук објави дека „на гробот на Гоце за безбедноста ќе се грижат бугарски и македонски полицајци“. По неколку часа, објавата беше изменета со зборовите: „На гробот на Гоце за безбедноста ќе се грижи полицијата“.

Но, повеќе македонски медиуми го раширија тврдењето, без да го проверат

Претходно, на 31.01.2023, претседателот на Фондацијата, Виктор Стојанов на Фејсбук тврдеше: „Во контакт сме со полицијата во Скопје и тие заедно со бугарското МВР ќе се погрижат за редот и мирниот тек на прославата!“. Повеќе македонски портали, без да проверат, го пренесоа и ова тврдење.

На 02.02.2023 порталот Макпрес објави дека „Не само македонски, во сабота во Скопје ќе има и бугарски полицајци“. Оваа тврдење го објави и ТВ Алфа.

Но, истиот ден, МВР објави демант на текстот на Макпрес. „Класична лага е дека ќе доаѓале бугарски полицајци“, стои во насловот на демантот, во кој се укажува дека „македонската полиција постапува самостојно…“.

Од друга страна, Макпрес реагираше на демантот на МВР и посочи дека веста била „во целост превземена од Телевизија Алфа која што воедно беше и емитувана во централниот дневник на оваа телевизија.“

Независно од изворот на овие дезинформации, се потврди дека чествувањето на роденденот на Гоце Делчев во Скопје не го обезбедуваа бугарски полицајци. „Фондацијата Македонија“ повторно ширеше дезинформации, а некои медиуми, за жал, упорно ги пренесуваа и придонесоа за непотребно кревање на тензиите.