Законите на страна на примитивизмот

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

ЗНМ и Новинарскиот синдикат минатата недела излегоа на марш за одбрана на новинарското достоинство. Побараа да не ги тепаат и омаловажуваат. Побараа да подзабави агресивниот владин ПР. Побараа минимум услови за работа и пристојни плати. Сите тие барања се всушност крик за спас на професијата во изумирање (циниците би рекле одамна е мртва, барем во Македонија) – како протест на Greenpeace за спас на белиот тигар, или некој друг животински вид кој е во изумирање.

Јавниот простор одамна го имаат заземено „инфлуенсери“ кои успешно продаваат примитивизам, простаклук и неписменост, а имаат огромен број на следбеници – веројатно затоа што следбеничката толпа може да се поистовети, да се препознае себе си во тоа најниско ниво на примитивизам, скудност на мисла и израз, и сеирџиство. Се продава она што е ефтино – бофл. И не само што се продава, туку колку е пониска цената и повеќе бофл содржина што се нуди, толку подобро за инфлуенсерите и нивниот број на следбеници.

Секој стана новинар. Секој стана инфлуенсер. На секого му е достапно да сними видео со телефон, да импровизира некоја визба или шупа во некакво си милје за подкаст, и непречено да треска глупости. Без никаква одговорност, без никакви правила. Таа хипердемократизација на јавниот простор и медиумите, тоа Елдорадо, можеби и неизбежно доведе до хиперинфлација на вредностите. Независно дали некој имал идеја да се постигне тој краен ефект, или ефектот е несакана последица од сосема други мотиви за „хипердемократизацијата“.

Јавноста е згрозена од подкастот на некојси Стефан Лазаров, каде што со Латас глорификувале, или го преставиле како сосема прифатлив облик на забава тепањето девојче, кое потоа било групно силувано, а во кое учествувал Латас?! Оние што гледале и други негови подкасти, посочуваат на отворени примери на ксенофобија, расизам, третирање на жените како објекти, и разни други форми на кривични дела. Да биде иронијата поголема, човекот има еден куп спонзори – пари си прави. Можеби не е лошо да се спомне дека најсилен инфлуенсер на просторите на поранешна Југославија е извесен Омчо од Бихаќ – класичен прототип на балкански простак.

Еден од проблемите е и неверојатната инертност на правосудниот систем. Демек подкастите, емисиите постирани на Јутјуб, порталите, не се медиуми, па тие затоа не можат да реагираат?! Како тоа не се медиуми ако имаат илјадници гледачи и следбеници? Како е можно, законот да не ги препознава и регистрира како медиуми – ерго, за нив да не важат закони, па да може отворено да си дискутираат, да промовираат и вршат кривични дела, а никој да не може да ги гони! Па, во кој свет живеат во нашиот правосуден систем, заглавен во времето кога судијата исказот на сведокот го преповторува и го диктира на дактилографката! Не стаса ли интернетот до судовите, уште ли егзистираат во 20-ти век?

Јас лично сум бил учесник во апсурдна ситуација на судење, во која портал навредува, омаловажува, шири невистини и клевети, и за него не важи законот затоа што „не бил медиум“, а ако традиционалниот медиум се брани од тие клевети и возврати – порталот ве тужи!? И вие одговарате. Каква е таа нееднаквост пред законите? Притоа, пазарот, законите и општеството им ги дава можностите како што се спонзорства и  реклами, а со ништо не ги регулира, и целосно ги амнестира од било каква одговорност. Тоа го овозможува системот. Законите .

Таа злоупотреба, секој да може да отвори интернет портал, да објавува што сака и како сака, доведе и до појавата на ликови и портали чија намена е да уценуваат луѓе, односно, преку портали да си водат чист рекет. Минатата недела правосудните органи конечно уапсија такво лице, за кое сите знаеја што прави. Внимавајте, сега се бара рекетот да се затскрие зад „новинарски права и слободи“, и право на некакво си информирање. Секој криминалец, рекетер и полуписмена будала што отворила портал, не мора да се придржува на никакви кодекси на професијата, и не одговара пред законот затоа што анахронизмот на системот тоа му го овозможува, а бара заштита и привилегии наменети за сосема други нешта, за да си го заштити рекетот и криминалот. Станува крајно дегутантно. Перверзно. Општеството мора веднаш да реагира, и да ги изврши потребните промени во законодавството и медиумските реформи што се одлагаат во бесконечност.

Новинарите врескаа пред влада и Собрание да се откочат медиумските реформи. Ама нема кој да ги слушне. Пратениците во парламентот немаат слух за тоа што му е потребно на општеството. Тие си се заглавени во своите партиски ровови, слепо ја извршуваат партиската агенда, и апсолутно не ги интересира некаков проблем во општеството. Уште повеќе, аго го има, и ако успеат да го засилат, дотолку подобро за нив. Во меѓувреме, ќе си земат високи плати и енормно високи патни трошоци за нивното неработење, и зошто побогу би ги загрозувале своите комодитети со некакви си реформи.

Работите се тотално излезени од контрола и било каков колосек на нормалноста. Имаме целосно нефункционално општество, во кое новинарството и неговите елементарни вредности се уште понефункционални. Добро е што има протести на новинарите. Барем да се слушне за проблемите. Ама секако е премалку. А се плашам и предоцна.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.