Полиграф: Кој ширеше дезинформации за одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур?

Одлуката на Европскиот суд за човекови права во Стразбур по жалбите на повеќе лица, на кои им беше поништена аболицијата од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, беше предмет на ширење дезинформации.

Еден ден пред да биде соопштена одлуката на Судот, на 15.02.2023, порталот Охрид Скај објави сензационалистички наслов „Судот во Стразбур за човекови права одлучил во корист на 54 лица, меѓу кои и Никола Груевски“. Во написот се тврди: „Според информациите кои ги има Охридскај сите обвинети кој веќе се осудени во Р.Македонија, меѓу кои и екс премиерот Никола Груевски“, според Судот во Стразбур, „ќе бидат слободни граѓани“.

Но, веќе следниот ден се потврди дека тврдењата на Охридскај се дезинформации. Судот во Стразбур на 16.02.2023 објави дека се недопустливи апликациите во случајот Талески и другите против Северна Македонија, поради тоа што апликантите „пропуштиле да ги исцрпат домашните правни лекови“.

Затоа, невистинито е и тврдењето на Охридскај, дека по одлуката на Судот во Стразбур, „сите осудени лица би требало да добијат и парична надокнада од РСМ“.

Во случајов, беше погазен Кодексот на новинари поради објавување на сензационалистички и сосем невистинити информации за судската одлука.

Ова е уште еден пример дека граѓаните треба да бидат особено внимателни и да не потпаѓаат под влијание на сензационалистички и неточни написи, кои прејудицираат судски одлуки.