(ВИДЕО) Полиграф: Кој ширеше невистини дека дива свиња нападнала сноубордери во Маврово?

Честопати се случува порталите да објавуваат невистинити информации користејќи како извори објави на социјалните мрежи.

Таков е и примерот со неколку портали, кои на 14-ти и на 15.02.2023 објавија невистинита информација дека дива свиња нападнала сноубордери во Маврово.

Всушност, медиумите кои ја објавија оваа невистина, како извор наведоа познат профил на Твитер, кој сподели вирално видео во кое дива свиња напаѓа сноубордери, со текст: „У меѓувреме на Маврово“.

Сепак, во коментарите под твитот, авторот укажува дека настанот не се случил во Маврово. Но, и покрај тоа, лажната вест се прошири во неколку медиуми.

А што е вистината? Овој невообичаен настан се случил во скијачки центар во Миоко, Јапонија, а видеото на 10.02.2022 го објави и познатата јапонска телевизија Нипон ТВ.

Некои портали ја исправија погрешната информација. На пример, „Република“ првично објави наслов „Дива свиња нападна деца на сноуборд во Маврово“, за подоцна да го промени насловот „Дива свиња нападна деца на сноубординг, ама не на Маврово“. Но, кај други портали сè уште стои објавата дека „Дива свиња нападна бордери на стаза во Маврово“.

И овој случај покажува дека проверката на факти честопати затајува кај медиумите, кои користат неверодостојни извори од социјалните мрежи. Публиката треба да внимава кога чита информации базирани на извори од социјални мрежи. А оваа поука важи особено за медиумите, кои се должни да ги проверуваат информациите, пред да ги објават.