Полиграф: Дезинформации на Путин и руската пропаганда за тоа кој ја започна војната во Украина

Една година по воената агресија врз Украина, Русија продолжува со дезинформации за тоа која ја започнал и кој ја врши агресијата.

На 21.02.2023, претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, во говор пред федералното Собрание, изјави: „Тие ја почнаа војната, а ние користиме сила за да ја запреме“. Повеќе медиуми некритички го пренесоа ова тврдење, акцентирајќи го во наслови.

Ден претходно, амбасадата на Русија на Фејсбук објави тврдење за „агресијата против Русија во украинскиот театар на воени акции“. Тврдења за „агресија против Русија“ објави и руското МВР, и руските пропагандни гласила Тасс и Интерфакс.

И порталот „Кумановски муабети“, на 20.02.2023 објави напис, во кој се цитираат информации од „Надворешната разузнавачка служба“ на Русија „за време на периодот на агресија врз Русија од декември 2021 година“.

Но, ваквите тврдења се невистинити. Ниту Украина, ниту Западот, не извршија агресија врз Русија од декември 2021. Напротив, на 24.02.2022 Русија започна агресија против Украина, која на 02.03.2022 беше осудена и со резолуција на Генералното собрание ООН. Полиграф веќе објави прилог кој ги разобличува овие руски дезинформации.

И ЕУвсДисинфо во написот: „Дезинформација: Украина ја почна војната пред една година“ укажува дека „Путин ја започна инвазијата на Украина на 24 февруари 2022“.

Како што истакнува и Вистиномер, наративот дека „Западот ја почна војната во Украина, Русија само се бранеше“ е дезинформаторски наратив.

Улогата на медиумите и новинарите не е да ги пренесуваат дезинформациите на агресорот Русија, која неосновано тврди дека е жртва на воена агресија. Напротив, нивна обврска е да објавуваат проверени информации, за да не станат проширувачи на дезинформации и соучесници во кршењето на човековите права на жртвите на воената агресија врз Украина.