Полиграф: Кој дезинформира со фотомонтажа за заробен тенк „Леопард“ кај Бахмут во Украина?

Една стара фотографија беше употребена за фотомонтажа и илустрација на тврдење дека бил заробен германски тенк „Леопард“ кај Бахмут во Украина.

На 02.03.2023, порталот „Фактор“ објави текст со наслов „ГО ЗАРОБИВМЕ ПРВИОТ ГЕРМАНСКИ ЛЕОПАРД КАЈ БАХМУТ“: Русите тврдат – бил управуван од платеници од Полска“. Написот е илустриран со фотографија од тенк „Леопард“ на кој се вее руско знаме, а во аголот пишува „Артемовск 01.03.2023, 08:40“.

Во текстот на „Фактор“ се вели: „На социјалната мрежа Твитер се појави фотографија, наводно од тенк Леопард заглавен во кал со руско знаме на куполата, но автентичноста на оваа фотографија не е потврдена и не се знае дали се работи за фотомонтажа“.

Но, автентичноста на фотографијата лесно може да се провери на сервисот на Гугл за фотографии. Истата фотографија без руското знаме е објавувана одамна. На пример, објавена е на неколку Фејсбук и интернет страници за воен хумор, а под објава на истата фотографија на холандски сајт, има коментари од 2007 година.

На 02.03.2023, и во емисијата „Вистина или лага“ на телевизијата France 24, се анализира истата, а и друга фотографија со тврдења за заробен тенк „Леопард“ во вирални објави на социјалните мрежи. И „France 24“ заклучува дека фотографиите биле објавувани многу пред 2023 година, односно, дека не се направени во Бахмут, туку на други локации.

Следствено, невистинита е информацијата дека во Бахмут (претходно нарекуван Артемовск) на 01.03.2023 бил заробен тенк „Леопард“, како што пишува на фотографијата објавена од „Фактор“. Новинарите се должни да ги проверуваат и фотографиите пред да ги објават. Во спротивно, со објавување невистинити фотомонтажи, ризикуваат да станат дистрибутери на воена пропаганда и дезинформации.