Полиграф: Кој шири невистини за судска пресуда за клевета за емисија и уредничка на ИРЛ?

На 24.02.2023, повеќе медиуми објавија соопштение од адвокатка, која се повикува на правосилна судска пресуда за клевета објавена во емисија на Истражувачката репортерска лабораторија ИРЛ.

Во соопштението што го објавија неколку медиуми се тврди: „Основниот суд во Скопје донесе пресуда, која ја потврди Апелациониот суд со која ИРЛ, каде што главен и одговорен уредник е Цветковска се веќе осудени за сторена клевета. Со оваа правосилна пресуда е потврдено дека објавената емисија наречена „Оградена Иднина“ и направена од ИРЛ против П.В. е лажна, невистинита и содржи клеветнички материјали.“

Неколку медиуми од ова соопштение извлекоа заклучок и објавија дека и тужената главна уредничка на ИРЛ, Сашка Цветковска, била осудена за клевета. На пример, порталот „Вечер.мк“ објави наслов „САШКА ЦВЕТКОВСКА И ИРЛ ФАТЕНИ ВО ЛАГА – Осудени за клевета!“. Порталот Експрес првично објави наслов: Судот прогласи за виновни за сторена клевета уредничка и македонски медиум, за подоцна на почеток на насловот да додаде „Адвокатка тврди:“

Но, ИРЛ „демантираше дека одговорниот уредник Сашка Цветковска била осудена по било кој основ од страна на судот за сторена клевета и навреда против „Белешков Инженеринг“, што може да се види и од самата пресуда во прилог.“

Што може да се утврди од објавената пресуда? Прво, се гледа дека тужбеното барање делумно се усвојува од страна на судот, заради една објавена „изјава која содржи невистинити факти“, односно клевета: „Набавката се направила без оглас“. Но, во пресудата се отфрлени сите други тужбени барања. Оттаму, не е вистинито тврдењето пренесено од медиумите дека емисијата била лажна и невистинита, туку само една изјава изнесена во неа.

Во пресудата се вели и дека судот го одбил како неосновано тужбеното барање спрема второтужената Сашка Цветковска. Оттаму, тврдењата на некои медиуми дека за клевета била осудена и уредничката Цветковска се невистинити.

Може да се заклучи дека дел од медиумите објавија тврдења на адвокатка за конкретна пресуда без да ја проверат нивната вистинитост. Со тоа, тие станаа пренесувачи на невистинити информации кои воопшто ги нема во пресудата.

Честопати, медиумите пренесуваат соопштенија од различни извори без да ги проверат информациите во нив. Но, нивната професионална обврска не е да пренесуваат непроверени информации,  туку да објавуваат само проверени и точни информации.