Култура на мир

Пишува: МИРЈАНА МАЛЕСКА

Тешко е да се говори за култура на мир, една година по воената инвазија на Русија врз Украина, каде според Високиот комесаријат за човекови права на ОН, преку 8000 цивили, меѓу нив жени и деца, се жртви на војната а 8 милиони се водат како бегалци. Тешко е да каже дека ниту една политичка цел не вреди човечки живот, во момент кога Украинците жестоко се борат за одбрана на својата земја.

Токму во име на жртвите од воените конфликти, се бара и очекува од демократската јавност да продолжи да се залага за култура на мир. Зборуваме за повеќе-дисциплинарен концепт развиен од УНЕСКО, кој интегрира во себе збир активности, во согласност со традиционалните вредности на градење мир: правда, слобода, еднаквост, солидарност, толеранцијата и почит на човечкото достоинство.

Војните меѓу државите и внатрешните конфликти меѓу различни етничко-национални групи во една држава, се постојан придружник на човештвото. Војната е правило а мирот е исклучок кон кој луѓето се стремат, напишал  политичкиот мислител, Томас Хобс (1588 –1679).

Мнозина бездруго ќе се сложат со него, како на пример, современиот англиски професор по политика, Кенет Миног кој постарата историја на Европа ја опишува како “време на подготовки за војни, водење војни и лечење на последиците од војните”. Денес се смета дека создавањето еднаквост, хармонија, помирување со минатите трауми и решавање на конфликтите низ процес на создавање на доверба меѓу луѓето и народите ги зголемува нашите шанси да живееме во мир.

Неодамна бев поканета да одржам предавање пред подмладокот на политичките партии, за внатрешните конфликти и како да се избегнат во иднина, Внатрешните конфликти не се помалку опасни од оние меѓу државите. Нив редовно ги следат материјално разорување, цивилни жртви, психички трауми, бранови на бегалци и можност за регионално проширување на конфликтот.

Се сеќавам на изјавата на претседателот на САД, Бил Клинтон, во очи на интервенцијата на НАТО на Косово, пролетта 1999. Меѓу останатото, тој рече дека доколку САД и сојузниците сега не интервенираат, конфликтот од Косово ќе се прошири во Македонија и со ефект на домино ќе ги вовлече и другите регионални сили во војна.

Подготовката на мојата презентација и нејзиното излагање,  ме потресе. Се потсетив на сите конфликти низ кои помина нашиот регион: од  распаѓањето на југословенската федерација низ редица брутални граѓански војни, до крвопролевањето во Босна, борбите на Косово, бомбардирањето на НАТО, бегалскиот бран кој во еден момент ја поплави нашата земјата, војната која следуваше во 2001 година….

Тоа не се работи на кои човек радо би сакал да се потсети, но историската меморија е  потребна. Таа не учи колку е скапоцен мирот и дека овие конфликти, евентуално, можеле да се избегнат бидејќи  на крај завршија на преговарачка маса. По склучениот договор, воените униформи беа соблечени и довчерашните непријатели, сега во улога на политичари, седнаа на маса да се договорат како понатаму. “Крвта бргу се суши”, рекол францускиот претседател Де Гол, кога се согласил да преговара за независност на нивната колонија Алжир со лидерите на ослободителното движење. Болни зборови, ама вистинити.

Мојата презентација ја започнав со геноцидот во Руанда извршен врз малцинската заедница Тутси од страна на мнозинството Хуту на почетокот на деведесеттите, а го завршив со договорот од Белфаст, со кој заврши триесетгодишната војна меѓу католиците и протестантите во Северна Ирска. Што им е заедничко на овие внатрешни конфликти?

1.Тоа се конфликти меѓу етнички заедници или народи, кои живеат едни до други или со други во границите на една држава. Долго време не можеше да се разбере зошто блиски народи војуваат, додека темата за внатрешните етнички конфликти не си го проби патот до научната и политичката свест. Етницитетот се дефинира како заедница на луѓе кои имаат или веруваат дека имаат заеднички претци, јазик, религија, култура, историја, митови, судбина итн. Во секој случај поседуваат свесност дека се нешто друго во однос на останатите во државата и бараат таа нивна посебност да се признае и почитува.

2. Внатрешните конфликти се брутални и крвави токму зашто избиваат меѓу довчерашни пријатели и комшии. Сепак, луѓето не влегуваат во ваков тип на конфликти заради безначајни причини. Тоа се непријателства меѓу групите кои се долго време подготвувани со подгревање омраза, при што “другиот” се сатанизира и се портретира како непријател на државата.

Моделот е обично отворена или прикриена државно спонзорирана закана кон малцинството, негово трајно занемарување и/или дискриминација, непочитување на неговиот јазик и култура и системско исклучување од пристап до инструментите на власт. Доколку државата оцени дека соседната држава поттикнува или помага сепаратизам, националната хомогенизација го достига својот врв. Умерените гласови се замолчени, а јастребите го земаат бајракот во свои раце.

Крајниот исход може да биде етничко чистење, геноцид врз малцинството или меѓудржавен судир. За само 100 дена, на пример, владините трупи, милицијата и обичните Хуту граѓани, извршија геноцид врз 70% од Тутси социјалното и етничко малцинство и умерените Хуту политичари кои одбија да учествуваат во геноцидот. Искажано во бројки, сликата е ужасна. Се оценува дека 800 000 до 1 милион Тутси се убиени а голем број жени и девојчиња  се жртви на сексуално злоставување.

Друг пример за бруталноста на внатрешните конфликти  е најголемиот геноцид извршен по Втората светска војна на територијата на Европа, во Сребреница (БиХ). Бидејќи ОН потфрли да ја заштити “безбедната зона” Сребреница во јули 1995, српските сили влегоа во градот и околината и во неколку дена,  масакрираа околу 8000 бошњачки мажи и момчиња.

Во вооружениот конфликт во 2001 во Македонија, се смета дека се убиени 90 цивили односно загинале од 150-250 лица на двете страни,  а 140 000  биле привремено раселени.

Во Северна Ирска во тек на триесет години граѓанска војна, убиени се 3500 луѓе а 50 000 се ранети од вкупно 1,5 милион жители.

Ако на овие бројки се додадат податоците од Центарот за хуманитарно право дека на Косово, во тек на војната се убиени 8 661 Албанец, 1797 етнички Срби и 447 цивили од други националности (Роми и Бошњаци), билансот е застрашувачки а траумите длабоки.

3. Договорите со кои се прекинати непријателствата, утврдија низа правила и принципи кои значајно ги сменија уставните системи на Руанда, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Северна Ирска. Усвоен е принцип дека нема територијални решенија за етничките конфликти.

Руанда помина низ долг и болен процес на помирување. Македонија остана унитарна држава со политички систем на “споделена власт”, која им овозможува на помалите заедници пристап до инструментите на власта и уставно ги гарантира нивните права. БиХ е сложена држава составена од федерација и посебен српски ентитет, каде најважните одлуки се донесуваат со консензус. Косово функционира исто така како систем на “споделена власт” со широки права за помалите заедници и гарантирани места во парламентот,  додека Ирска е специфична држава која има елементи на федерација и конфедерација и каде најважните одлуки се донесуваат со внатрешен консензус и одобрување од Ирска и Велика Британија.

Времето ќе покаже колку овие системи се издржливи, но, во секој случај, инструментите на консоционалната демократија се проектирани така да овозможат нејзина функционалност и стабилност. Истражувањето за дискриминација на Центарот за управување со промени(www.cup.org.mk), кои овие денови беше промовирано во јавноста, покажа, на пример, дека фокусот кај граѓаните е поместен од дискриминација заради етничка припадност кон дискриминација заради социјални причини( вработување, добивање здравствени услуги итн.). Тоа  може да биде добро и не толку добро. Добро е што борбата против сиромаштијата, невработеноста и корупцијата е заедничка на сите граѓани. Не толку добро е што, ако негативните трендови продолжат, тоа ќе ги влоши и меѓуетничките односи.

4. Она што посебно сакам да го издвојам е дека културата на мир, покрај традиционалните вредности како: правда, слобода, еднаквост, солидарност, толеранцијата и почит на човечкото достоинство, бара негување на љубезноста и сочувството. “Светски граѓанин”, стои во документите на УНЕСКО. Да се постигне така нешто изгледа необично ако не и недостижно.

Дали љубезноста и сочувството се вродени или се учат? Мислам, може да се научат, низ процес на добро граѓанско образование, наставни дисциплини за човековите права и слободи и служење на заедницата, кое кај нас многу малку се практикува. Зашто уставните и политички решенија можат да се употребат за добро на заедницата, но можат и да се злоупотребат. Од нас зависи и, доколку тоа го разбереме, ќе бидеме на добар пат да станеме светски граѓани.

(авторката е универзитетски професор по политички науки)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.