Полиграф: Кој дезинформира за бројот на нерасветлени убиства во земјава?

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, на прес – конференција на 07.03.2023, изнесе тврдење дека во последниве осум години во земјава имало стотина нерасветлени убиства: „Додека Спасовски осум години е прв човек на полицијата, се случија стотина нерасветлени убиства“.

Истиот ден, повеќе медиуми ја пренесоа оваа изјава на портпаролот на ВМРО – ДПМНЕ, без да ги проверат податоците.

Но, изјавата на Стоилковски содржи неточни информации. Прво, на страницата на МВР може да се види дека Спасовски не бил осум години прв човек на полицијата, туку околу шест години со прекини: од 11.11.2015 до 18.05.2016, од 02.09.2016 до 29.12.2016, од 31.05.2017 до 03.01.2020, и од 31.08.2020 досегa. 

За да го провериме тврдењето на Стоилковски, побаравме податоци и од МВР. Во одговорот на МВР се вели дека во периодот од јули 2017 година до јануари 2023 година имало 104 кривични дела убиство, а од нив само девет се со непознат сторител. Дополнително, за споредба, од 2011 до јули 2017 имало 152 кривични дела убиство, од кои 19 со непознат сторител.

Податоците на Државниот завод за статистика укажуваат дека од 2016 до 2021 година се случиле 131 убиство. Според податоците, бројот на убиства во годините кога Спасовски бил министер е помал од бројот на убиства пред 2015, кога за првпат станал министер. На пример, во последното соопштение на Заводот за „Насилната смрт во Република Северна Македонија, 2021 година“ се вели дека во 2021 се случиле само 8 убиства.

Според годишните извештаи на МВР, во 2017 година нерасветлени останале 4 убиства, во 2018 било нерасветлено 1 убиство, во 2019 имало нерасветлени 3 убиства, во 2020 биле расветлени сите убиства, а во 2021 имало 2 нерасветлени убиства.

Официјалните податоци укажуваат дека е невистинито тврдењето на Стоилковски за стотина нерасветлени убиства во последните осум години. А медиумите се должни е да ги проверуваат податоците пред да ги објават, вклучително и од партиски соопштенија.