Полиграф: Кој шири невистини дека бројот на министерки во владата е најмал во историјата?

Во емисијата на Радио Лидер „Еспресо со Златев и Боцевски“ емитувана на 8.03.2023, водителот Љупчо Златев изнесе неточна информација дека во актуелната Влада има само 4 жени, најмалку во историјата: „Онаму каде што нема квоти, а тоа е Владата на РМ, од колку, од 21 член на Владата на нашата земја, само 4 се жени, односно помалку од 20%… Денес имаме ситуација, мислам дека волку малку жени во една Влада немало во историјата.“

Точно е дека актуелната влада има 21 член, но не е точно дека само четири се жени, туку пет: заменик на Претседателот на Владата Грковска, министерката за одбрана Петровска, министерката за труд и социјална политика Тренчевска, министерката за култура Костадиновска – Стојчевска, и министерката за животна средина и просторно планирање Шукова.

Не е точно ниту тврдењето на Златев дека толку малку жени во една Влада немало во историјата. Во експертската влада од 1991 немало ниту една министерка. Во владите од 1992 и 1994 имало две министерки. Во владата од 1998 имало четири министерки, во владите од 2002 и 2004 две министерки, во владите од 2004 и 2006 три министерки. Во втората влада на Груевски од 2008-2011, во која вицепремиер беше и ко-водителот на емисијата Боцевски, имало само две министерки. Две министерки имало и во последната реконструирана Влада на Груевски во мај 2015. Во владата на Заев од 2017 имало четири министерки, а во техничката влада на Спасовски имало 6 министерки.

Оттаму, невистина е дека во актуелната влада има најмалку жени во историјата. Иако бројката од 5 министерки во сегашната влада од 21 член е показател за родова нееднаквост, сепак, во неа има најмногу жени во историјата на политички влади по осамостојувањето.