Полиграф: Кој шири невистини дека во последниот извештај на Фридом Хаус „паѓаме на степенот на демократијата“?

На 13.03.2023, Во емисијата на Радио Лидер „Еспресо со Златев и Боцевски“, пратеникот Драган Ковачки изјави дека сме паднале на листата од последниот извештај на Фридом Хаус за демократија: „Еве ако сме демократија, а не сме демократија, гледате и на последниот извештај Фридом Хаус повторно сме паднати на листата, сега сме едно место дури и подолу од минатата година. Значи, паѓаме на степенот на демократијата…“

Меѓутоа, во периодот кога е дадена изјавата, актуелен беше извештајот на Фридом Хаус за „Слободата во светот во 2023“, за кој повеќе медиуми објавија дека земјава напредувала за едно место. Во овој извештај, Северна Македонија има 68 поени, а во извештајот за 2022 година има 67 поени. Значи, во 2023 година, земјава добила 1 поен повеќе од лани.

Инаку, Фридом Хаус го рангира нивото на демократско владеење во друг извештај – „Нации во транзиција“. Последниот извештај Нации во транзиција 2022 покажува дека Северна Македонија добила 47 од 100 поени, колку и во извештајот за 2021 година. Во 2020 година земјава имала 46 поени, во 2019-та 45 поени, во 2018-та 44 поени, а во 2017 година 43 поени.

Во последните неколку години, Фридом Хаус не регистрира пад на Северна Македонија ниту во извештаите за „Слободата во светот“, ниту во извештаите „Нации во транзиција“. Оттаму, невистинито е тврдењето на Ковачки дека според последниот извештај на Фридом Хаус „паѓаме на степенот на демократијата“.