Полиграф: Симонјан и Куновска дезинформираат за војната во Украина

На 13.03.2023, повеќе медиуми го пренесоа тврдењето на главната уредничка на руската државна телевизија „РT“ Маргарита Симонјан: „Ние не се бориме против Украина, ја победивме Украина во првите два-три дена. Потоа почна војната со НАТО“.

И Јагнула Куновска, во колумната Кој го враќа Информбирото? објавена на порталот „Плусинфо“ на 13.03.2023, изнесе слични тврдења за војната во Украина: „Русија беше нападната од НАТО“ и „Не војува Русија со Украина“.

Прво, невистинити се тврдењата дека Русија не се бори против Украина и не војува со неа. Русија изврши агресија врз Украина, и затоа Генералното собрание на ООН „најостро ja осуди агресијата на Руската Федерација против Украина“.

Второ, невистина е дека Русија ја победила Украина во првите два-три дена од војната. Војната сè уште трае. Од битките за поголеми градови, Русија ги загуби битките за Киев, за Харков и за Херсон, а ја доби битката за Мариупол.

И руската државна агенција РИА Новости, во својот инфографик редовно соопштува за воените активности на „Украинската војска“ на фронтот во Украина. И шефот на платеничката група Вагнер, Евгениј Пригожин, неодамна изјави дека „Десетици илјади борци на украинската армија пружаат исклучително жесток отпор“ кај Бахмут (Артјомовск).

Трето, не се вистинити ни тврдењата дека Русија почнала војна со НАТО, ниту дека „Русија беше нападната од НАТО“. На 24.02.2022 немаше воен напад од НАТО, туку Русија ја нападна Украина, која не е членка на НАТО. НАТО не реагираше како нападната страна, туку ја осуди руската инвазија, ја повика Русија да ја запре воената акција и да ги повлече силите од Украина.

Еве како НАТО го разоткрива рускиот мит дека е во војна со Русија во Украина: „НАТО не е во војна со Русија“, „ја поддржува Украина во нејзиното право на самоодбрана“, и „презема строго одбранбени мерки за зголемување на присуството на НАТО трупи во источните делови на Алијансата“, пишува на страницата на НАТО за односите НАТО-Русија.

Затоа, ги оценуваме како дезинформации тврдењата дека Русија не се бори против Украина, дека Украина била победена, и дека Русија е во војна со НАТО.