Полиграф: Дезинформација е дека од Пентагон изјавиле „Украина нема шанси“

На 21.03.2023, три македонски портали објавија текст со наслов „Пентагон: УКРАИНА НЕМА ШАНСИ“, преземен од порталот Б92.нет, кој беше објавен и во други српски медиуми.

Но, во текстот не може да се пронајде тврдењето од насловот дека „Украина нема шанси“, туку следново тврдење: „На Украина ќе и биде исклучително тешко да ги протера руските сили од нејзината територија во 2023 година“.

Како извор за ова тврдење се посочува медиумот Политико, кој на 20.03.2023 го тврди следното: „Ќе биде „исклучително тешко“ за Украина да ги истера сите руски војници оваа година, рече Мили во епизода на подкаст…“.

Што точно кажува претседавачот на Здружениот Генералштаб на САД, генералот Марк Мили, во подкастот „None of the above” објавен на 21.03.2023, и во кој контекст? Прво, Мили констатира дека Русија не успеала стратешки да ги оствари своите политички цели со воени средства.

Второ, генералот Мили проценува дека најверојатно Русија нема да биде во состојба да ги оствари своите политички цели преку воени средства.

Трето, Мили констатира дека политичките цели на Украина се сосема оправдани затоа што води одбранбена војна: „Од друга страна, украинската страна – нивните политички цели се целосно оправдани. Целосно се во согласност со теориите на праведна војна. Тоа е одбранбена војна. А нивните политички цели се да ја ослободат цела Украина, секој инч од Украина и да го истераат секој руски војник од секој инч украинска територија…“.

На потпрашање дали тоа е остварливо, генералот Мили одговара: „Па, тоа е прашањето. Дали тоа може да се постигне со воени средства? И јас би рекол оваа година – подразбирајќи го остатокот од оваа година – мислам дека тоа ќе биде многу тешка задача. Не е невозможно, но е исклучително тешко. И, во светот на веројатностите, мислам дека тоа не е веројатно. Mоже да се случи, но мислам дека не е веројатно да се случи“.

Накусо, генералот Мили никаде во подкастот не изјавува дека „Украина нема шанси“. Токму затоа, тврдењето од насловот „Пентагон: УКРАИНА НЕМА ШАНСИ“ може да се  оцени како невистинито и како пропагандна дезинформација.