Крајот на класичното новинарство

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Медиумите имаат страшен импакт не само врз јавното мнение на населението, туку тие диктираат процеси врзани со демократски вредности, појавата на насилства, па дури и изборот меѓу војна и мир. Се разбира дека една таква моќна и корисна алатка, политичките елити се трудат да ја имаат под сопствена контрола и во функција на нивната агенда.

Неодамнешното истражување на Си-Ен-Ен покажа дека дури 63 отсто од американската популација што инклинира да гласа за републикански кандидат на изборите, смета дека Џо Бајден е нелегитимен претседател, кој е во Белата куќа не како резултат на добиените гласови и јасно изразената волја на американските избирачи, туку поради некаква изборна измама. Тоа е директна последица на развојот на социјалните медиуми и пораките што Доналд Трамп ги упатуваше пред се преку Твитер, дека Демократите го украдоа изборниот процес, но и на мејнстрим медиумите откако најгледаната американска телевизија Фокс њуз, постојано емитуваше репортажи, во кои сугерираше дека Бајден станува претседател со изборен фалсификат.

Последиците од тоа се Америка да биде стравотно поделено општество на либерали и конзервативци, па дури и да се зборува за две „паралелни Америки“, кои немаат речиси никаква допирна точка. Многумина аналитичари стравуваат дека ако Трамп повторно биде републикански кандидат на изборите во 2024-та, и ако се случи повторно тесно да ги загуби изборите, тој нема мирно да го признае поразот, и дека би можело да има широк бран на насилства во Америка.

Иронијата на тоа е дека медиумот што ја создаде сликата и уверувањето кај огромен број на десницата дека Бајден ги лажираше изборите – Фокс њуз, неодамна на судење призна дека медиумот бил сосема свесен дека немало изборни манипулации, но не ја зборувале вистината, затоа што сакале да им кажуваат на своите гледачи она што сакаат да го слушнат, односно намерно лажеле за да не ја разочараат и да не ја загубат својата публика.

Мотивот за лагата, всушност била борба за задржување на високи рејтинзи на гледаност, иако последиците можеа да бидат стравични, откако на 6 јануари 2021 толпа на поддржувачи на Трамп влезе во Конгресот на Капитол хил, и се обиде да ја спречи мирната транзиција на власта. Голем дел од Американците се во страв дека по изборите во 2024-та ова сценарио би можело да се повтори со уште поголеми насилства, и пострашни последици.

Во трката по гледаност, слушаност, клик повеќе, повисоки рејтинзи, одамна се има подзаборавено поимот на општествена одговорност на медиумите. Целта ги оправдува средствата, па сензационализмот, непроверените информации, па и свесните дезинформации и лаги и се потклаваат на публиката во функција на повисоки рејтинзи, или за реализација на одредена политичка агенда.

Во такви услови, сè помалку се зборува за високи професионални стандарди и етички принципи, како што се трагање по вистината и нејзино објавување по секоја цена, балансирани и фер извештаи во кои се презентираат факти и еднаква можност да се искажат двете страни, а сè повеќе како да се сузбијат лажни вести, произведени во разни злонамерни политички центри чија цел е блатантна пропаганда, и создавање политички проблеми во цели држави и региони, кои служат на нивната политичка агенда.

Поради злоупотребата на медиумите и принципите во новинарството, сè повеќе професори и професионалци од оваа сфера пишуваат дека „златниот стандард“, во кој им се дава фер и еднаква можност на двете страни да ги изложат своите гледишта, веќе не може да биде прифатлив принцип на објективно новинарство. Авторитарните режими и злонамерните политики го користат овој принцип за да ја промовираат сопствената деструктивна агенда, и релативизација на вистината и доброто и лошото. Во такви услови мора да се потенцира што е доброто, а што злото, и се бара од новинарите некаков вид на активизам, а не пасивна трансмисија на информациите.

Проблемот околу новинарството vs. активизмот можеби би го решила јасна дистинкција кај медиумот – што е чисто известување кое мора да биде голо изложување на фактите, а што е активизам, за гледачите да знаат за што станува збор, и професијата да го сочува достоинството, а медиумите фер пристапот.

Но, кој гарантира дека злонамерните нема да манипулираат? Се сеќавате на периодот кога во времето на владеењето на Никола Груевски барем 3-4 национални телевизии објавуваа исти новинарски извештаи од збор до збор, во кои коментарите се пласираа како мислење на „неименувани“ аналитичари. На професионалците им беше јасно дека станува збор за „ новинарски извештаи“ преполни со манипулации и коментари кои немаа врска ниту со новинарството, ниту со извештаи. Тие беа составувани во Центарот за комуникации на тогашната владејачка партија и дистрибуирани преку ФТП до медиумите, кои вршеа чиста трансмисија на пропагандата, поткладена како новинарски извештаи на публиката. Медиумите беа претворени во чисти орудија на пропагандата и политичките агенди.

Плаузибилната теорија што се прифати во македонското општество е дека оваа девијација се случи затоа што националните телевизии и другите важни медиуми всушност беа поткупени со милиони евра буџетски пари, преку „јавни кампањи“ . Заради тие трауми, во Македонија сè уште е во сила забрана за било какво финансирање на кампањи од јавен интерес, односно се отиде од една во друга крајност.

Македонија е излезена од кошмарот на униформираната пропаганда, но тотално заглавена на самиот почеток на потребните медиумски реформи, и нивно усогласување со брзите промени во оваа сфера на глобално ниво. Последните дискусии околу усогласувањето на регулативата на АВМУ со европската регулатива покажаа дека нема никаква подготвеност за каква било, а камо ли сериозна дебата  околу напластените проблеми во медиумската сфера.

Од една страна ММА (Медиумската асоцијација што ја сочинуваат петте национални телевизии) оправдано негодува заради нерешените проблеми на кои апелира со години – почитување на авторските права, запирање на пиратеријата кај кабелските оператори и плаќање за скапиот контент што го произведуваат телевизиите. Без решавање на овие сериозни проблеми, телевизиите одбиваат да се вклучат во натамошна дебата за неопходните реформи во оваа сфера, што Македонија ја носи во една непријатна пат позиција.

Згора на тоа, обвинителството и судовите во ниту еден единствен случај, дури и за сосема очигледни ситуации и купишта аргументи и докази, немаат донесено ниту една пресуда во корист на телевизиите за пиратерија од страна на кабеслките оператори. Тоа дополнително го поттикнува безвластието во оваа сфера и фрустрациите кај телевизиите.

Во таков амбиент, тешко е да се зборува дури и за елементарни работи како што се општествена одговорност на медиумите, резистентност на информативните редакции против лажни вести и пропаганда, и професионални и етички стандарди во информирањето.

Веројатно на агендата треба да биде и дистинкцијата меѓу активизмот, и информирањето. Легитимно е некои медиуми да имаат про – конзервативна, а други про – левичарска уредувачка политика. Не може сите да бидат секогаш неутрални. Прашањето е како тоа да се изведе на легитимен и професионален начин, а публиката да не биде доведувана во заблуда. Јасно е дека дебата мора да има. Штетите пак, ако се задоцни усогласувањето со европската регулатива, се незамисливи.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.