Лажните вести и демократијата

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Фокс њуз направи вонсудска спогодба со „Доминион“, една од компаниите што ги произведува машините за гласање во САД, и на тој начин го запре крајно понижувачкото судење, во кое вработените на оваа телевизиска мрежа сведочеа под заклетва дека свесно лажеле оти му беа украдени изборите на републиканскиот кандидат Доналд Трамп. Фокс њуз побрза да прогласи „победа“ заради спогодбата, иако е тешко да убедите некого во „победа“, ако на име на отштета за клевета сте исплатиле баснословни 787,5 милиони долари. Доминион бараше отштета од 1,6 милијарди долари.

Но, тука не завршуваат неволјите на Фокс њуз. Компанијата за гласачки машини Смартматик води друг спор против Фокс њуз, откако телевизиската мрежа ги набеди дека „манипулирале со алгоритмите и ги префрлале гласовите на Џо Бајден“ во клучната држава Аризона, а „зад тоа стоел екстремно левичарски режим од Венецуела“ ! Овие фантастични, неверојатни и сосема глупави обвинувања, Фокс њуз ги објави на своите програми повеќе од сто пати. И милиони поддржувачи на движењето МАГА и Доналд Трамп веруваа во овие лажни вести, што на крај доведе и до насилство на Капитол на 6-ти јануари 2021 година.

А гласачките машини на Смартматик на американските избори беа употребувани само во Калифорнија, и тоа не на цела територија на оваа сојузна држава, туку само во округот на Лос Анџелес. Смартматик воопшто немаа гласачки машини во Аризона, каде што ги набедуваа дека ги фалсификувале изборите. Постојат стотици писмени преписки внатре во телевизијата Фокс њуз, во кои се гледа дека уредништвото знаело дека обвинувањата за изборен фалсификат се измислици, но решиле да ја манипулираат јавноста со лажни вести, за да не им побегнат гледачите на уште подесничарските канали One America Network и Newsmax.

Како што се одвиваат работите, пред претстојните избори во 2024-та, Фокс њуз ќе треба да реши, дали и натаму ќе и се додворува на МАГА публиката со измислици и теории на заговор, за што ќе плаќаат огромни отштети, или ќе работат професионално, што носи страв од пад на рејтинзите, а со тоа и на приходите.

Помалите десничарски телевизии се исто така тужени, и за нив прашањето е дали воопшто ќе успеат да се извлечат од судските бури или ќе банкротираат. Прочуениот ширач на теории на заговор и лажни вести, Алекс Џоунс, заради тужбите веќе беше принуден да ја банкротира својата компанија.

Така функционираат демократиите, каде што има ефикасен правосуден систем.

Во Русија и Кина, кои се главните произведувачи на лажни вести, ваков епилог нема. И не може ниту да има, кога самиот владин естаблишмент, задолжен за пропаганда, ги произведува, измислува и ги лиферува лажните вести. Само на Тик-Ток се верува дека има повеќе од 200 000 лажни видеа продуцирани од пропагандната машинерија на Кремљ.

Од друга страна, властите во Русија донесоа закони, во кои, ако објавувате информации спротивни на официјалната политика, ризикувате да бидете обвинети за „шпоионажа против државата“, и да заглавите затвор од 20 години и повеќе.

Тешки ограничувања за тоа што е дозволено да се пишува на интернет има и во Кина. Но, Пекинг отиде и чекор понатаму. Запрепастувачки се податоците дека Кина има отворено над 100 објекти, кои функционираат како кинески полициски станици во странство. Овие објекти се користат за прогон врз дисидентите, притисок врз Кинезите во странство, и алатки за запирање на „субверзивна дејност против комунистичкиот апарат на Кина на социјални мрежи во странство“, како и за креирање на лажни вести.

Во овој невиден скандал Кина оперира во повеќе од 20 држави во светот, а само во Америка минатата недела беа уапсени 44 Кинези, од кои 40 припадници на министерството за јавна безбедност на Кина, обвинети за поткопување на американскиот суверенитет. Во ваквиот тип на полициски станици диктаторски режими ловат луѓе на странска територија! Пекинг не демантираше за објектите, но тврди дека не станува збор за класични полициски станици, туку за локации каде што им биле пружени „сервисни услуги на кинески граѓани“, како што се продолжување на истечени документи.

Очигледно е дека пропагандната војна зема се посилен замав. Посебна опасност претставува развојот на „дипфејк“ технологијата, со која луѓето веќе нема да може да си веруваат на сопствените очи во она што го гледаат. Во такви услови, ќе биде уште поважно медиумите да ги проверуваат информациите и да бидат кредибилни, затоа што тие ќе ја прават дистинкцијата меѓу лагата и вистината.

Во Македонија се води многу срамежлива дебата за овие глобални феномени, кои буквално го потресуваат светот. Борбата против лажните вести, и злонамерните пропаганди од туѓи центри кои имаат за цел да ја дестабилизираат државата, е препуштена на неколку невладини организации, авторегулацијата на етичките принципи, и професионалноста на редакциите. Се разбира премалку, и недоволно. Особено ако се знае дека има десетици портали со цел да шират лажни вести, за кои не важи дури ни саморегулацијата.

А сојузниците и нудат помош на Македонија во оваа сензитивна сфера. Неодамна во Скопје беше и координаторот за глобална соработка на Стејт Департментот Џејмс Рубин, чија главна цел е спротивставувањето на лажните вести. Македонската влада тврди дека е свесна за овој сериозен проблем и дека ќе соработува со сојузниците за негово сузбивање. Но, освен декларативни изјави, засега не е направено ништо, или пак, сосема малку.

Се разбира еден од главните проблеми е што не функционира и независно судство, кое би се вклучило во оваа проблематика. Работите се отидени многу подалеку од чисти клевети и навреди за кои се водат граѓански парници, најчесто со години и без епилог, или со некакви минимални казни, заради што повеќето пристојни луѓе и редакции воопшто не ни тужат, зашто знаат дека нема никакво фајде.

Во оваа сфера е потребна итна акција, и усогласување на правосудниот систем со оној на сојузниците, за да имаме било какви шанси во оваа борба. Се подразбира дека штетите може да бидат несогледливи, а веќе се присутни.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.