Бедата на медиумите и демократијата

Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ

Со полна пареа е започната изборната кампања во Грција, без умерени зборови и почит за личноста на политичкиот опонент. Таму е и очекувано да се претерува, што е веројатно типично за еден левантински бурен менталитет, и за држава измачена од граѓанска војна, диктатури, политички прогони.

Но, дури и во времето по соборувањето на хунтата на полковник Пападопулос, кога сè уште не беа залечени ранети од граѓанската војна а идеолошката диференцијација беше на ниво комшиите да не си викаат ниту „добар ден“ само заради различна идеолошка провиниенција, имаше почит меѓу главните политички актери, веројатно затоа што имаа силни карактери.

Тоа беше времето на Константинос Караманлис – лидерот на конзервативците и основачот на Неа Демократиа, на Андреас Папандреу – исклучително вешт реторичар кој се здоби со прекарот „балконџија“, бидејќи беше доволно да мавне со раката од балконот пред буквално милиони симпатизери на ПАСОК и да добие 45% од гласовите! Или, на Леонидас Киркос – тогашниот водач на она што е денешна Сириза, учесник во Втората светска војна и граѓанската војна, левичар „од глава до петици“ во вистинска смисла на зборот.

Денес на грчката политичка сцена нема такви лидери. Десницата ја предводи Кирјакос Мицотакис, син на поранешниот премиер Константинос Мицотакис, за кого немаат премногу високо мислење дури ни самите гласачи и симпатизери на Неа Демократија. ПАСОК, традиционално воден од силни и харизматични лидери дури и во ерата после Папандреу, по бурните турбуленции, сега е предводен од Андрулакис, кој нема ниту карактер, ниту харизма. За разлика од Папандреу, кому целта му беше 50% од гласовите, за Андрулакис 10% ќе биде релативен успех.  Веројатно најхаризматичен лидер на грчката политичка сцена е Алексис Ципрас, но тој има потрошено многу од кредитите за време на неговото владеење со Грција.

И така, се дојде во ситуација во „колевката на демократијата“ да не може да се одржи ниту една телевизиска дебата! Мицотакис одбива дуел со Ципрас и вели дека прифаќа изборно соочување, ама само во голем формат, на кој би учествувале десетина лидери на партии. Ципрас, пак, бара директен дуел, и не сака да учествува во разводнета дебата, каде што ќе мора многу да внимава што ќе каже за некои политички опоненти, од кои по изборите ќе бара поддршка за составување „напредна влада“ во Грција, во која доколку го освојат потребниот број на пратеници би коалицирале Сириза, Пасок, и МЕРА 25 на Варуфакис, иако таквата левичарска владина коалиција се чини многу малку веројатна.

Во Македонија за среќа има дебати, но друго е прашањето какво е нивото. Која е политичката (не)култура што се има испрофилирано, и какви сè дисквалификации не си кажуваат политичките опоненти, понекогаш дури и на лично ниво, што е ниско и жално.

Тоа делумно е продукт и на бесконечните партиски соопштенија, кои во суштина не кажуваат ама баш ништо, освен жестоки навреди и дисквалификации на политичкиот опонент, кои никого ниту тангираат, ниту некој ги чита, ниту па имаат било каква смисла. Тоа е само храна, некакво „дневно следување“ за армијата партиски ботови на двете најголеми партии, кои потоа ги префрлаат навредите, заканите и клетвите на социјалните мрежи.

Левица е најгрдиот феномен, затоа што приземниот вокабулар, кој често се граничи со говор на омраза, произлегува од самиот лидер на партијата и неговите објави на Фејсбук или на другите социјални мрежи.

Демократијата е несомнено во криза. Уште повеќе комуникацијата во политичкото милје. Една од причините за тоа се и традиционалните медиуми. Телевизиите, очигледно, се затекнати сосема неподготвени да се снајдат во новото време, каде што борбата за гледаност одамна не е само со конкурентските телевизиски станици, туку и со глобалните мрежи достапни на кабелските платформи, но и со социјалните медиуми и интернет портали кои немаат ама баш никаков кредибилитет и за кои не важат никакви правила.

Телевизиите, наместо преку кредибилност и висок степен на доверба да го вратат просторот што им го одзеде технолошкиот бум на новата дигитална и интернет ера, сè повеќе влегуваат во бесполезна трка по афери со социјалните медиуми која нема да им донесе ништо добро.

Онаа differentia specifica на традиционалните редакции, составени од голем број искусни новинари и квалитетни репортери, се сериозните и проверени вести и факти, како и издржаните уникатни новинарски стории. Тоа е најмоќното, ако не и единственото оружје со кое располагаат традиционалните медиуми. Тоа треба да биде целта на големите редакции, да испродуцираат квалитет и доверба, и да ја качат високо летвичката, што е сосема недостижно за социјалните медиуми и малите интернет портали составени од 3-4 новинари, кои набрзина прават сè, и објавуваат ама буквално сè и сешто без критериум во трката за клик повеќе.

Несфатливо е како големите редакции се доближија до морето некредибилни портали, губејќи го својот идентитет во еден бесмислен натпревар, наместо да ја диктираат агендата во информативната сфера.  Еден пресврт во информативното новинарство, и генерално во медиумската сфера, кој не само што е можен, туку и неопходен, може да донесе и еден нов фон во политичката култура и нивото на комуникација.

Ама, мора да се покаже разлика од ефемерното, петпарачкото, секојдневното, она што е лишено од секаква содржина, потонато во преповторување на тривијални соопштенија и афери, за да се соголи целата бесмисла на новото време на политичка комуникација, чија главна карактеристика е огромна врева, тон „празни“ и бесмислени партиски соопштенија, и лицитација со навреди и закани.

Политичарите мора да ја вратат почитта и довербата кон медиумите. Парадоксално е, но на тој начин полека ќе се вратат и меѓусебната почит и пристојност и меѓу нив. Општествената одговорност која би била медиумска парадигма, полека би се претворила и во општествена и политичка парадигма.

Не знам дали може да се врати ерата на Никсон, кога новинарите на Вашингтон пост го соборија со скандалот „Вотергејт“, но, секако заслужуваме многу подобро од ерата на Трамп, во која телевизиите свесно лажат и манипулираат заради повисоки рејтинзи ( Фокс њуз) или се тотално во функција на политичката агенда на политичарите и партиите.

Кризата на новинарството и довербата во него е глобална, не само во Македонија. Но, дигиталната ера веќе не е во подем. Се случи и незамисливото – пропадна перјаницата на социјалната ера,  Базфид њуз. Подемот на вештачката интелигенција и фантастичните можности за манипулација што ги нудат новите технологии како што е Deepfake, не се закана за новинарството, туку шанса, затоа што клучниот критериум сè повеќе ќе биде довербата. А таа се стекнува мачно и бавно, само со квалитет, проверени факти и објективност.

(Авторот е долгогодишен новинар и уредник) 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.