Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Глобалниот индекс за слобода на медиумите на „Репортери без граници“ за 2023 година е потврда за очигледниот неколкугодишен напредок на земјава во оваа важна област за секоја демократија. Но, Индексот ги потврдува и посочува и проблемите и недостатоците со кои таа се соочува, како и сериозните предизвици за иднината.
Не треба да се занемари фактот дека 38-мото место за Северна Македонија на Индексот е најдобро рангирање за земјава во последниве 15-тина години, подобро и од другите земји во регионот како Словенија, Хрватска, Грција, Бугарија, Албанија, Србија, Црна Гора и Косово. Секако дека состојбата со медиумските слободи е многу поинаква и подобра од онаа што ја остави автократското владеење на Никола Груевски и од 111-то место на Индексот во 2017 година.
Но, ова не значи дека констатираните проблеми не се сериозни и сложени. Напротив.
Извештајот на „Репортери без граници“ посочува на закани за слободата на медиумите од широко распространетите дезинформации, недостатокот на професионализам и намалувањето на општествената доверба во медиумите, што ги изложува на закани и напади, правни притисоци и агресивен прогон.
Се посочува и дека владини функционери знаат да имаат лош и омаловажувачки однос кон новинарите, а на институциите им се забележува и за слабата транспарентност. Има силна политичка поларизација, притисоци од властите, политичарите и бизнисмените, а и партиски паралелни медиумски системи и кај власта, и кај опозицијата. Јавниот радиодифузен сервис нема уредувачка и финансиска независност, редакциите се изложени на економски притисоци од сопствениците, има влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи, државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми главно се потпираат на донаторите, кои придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој.
Ова е само дел од поважните поенти од извештајот на „Репортери без граници“, кој треба да биде анализиран целосно и со внимание, а секој од посочените чинители треба да преземе одговорност за недостатоците и нивно адресирање и отстранување. И властите и опозицијата, и институциите и партиите, но и самите медиуми и професионалните организации.
Од институциите се очекува да создадат услови за поголема безбедност на новинарите и нивна заштита од напади, но и поголема транспарентност и покоректен однос кон нив. Недостасува и стратешки пристап и институционални механизми за справување со дезинформациите и хибридните закани. Од политичките партии и политичарите – помалку дезинформации и пропаганда што ја зголемува поларизацијата и ги оневозможува речиси сите покрупни општествени зафати, не само оние важни за медиумските слободи.
На медиумските професионалци, освен со политичките и економските притисоци, им претстои битка за справување со индустријата на дезинформациите, за почитување на професионалните стандарди и за враќање на довербата во медиумите. Овие битки се неопходни за опстанокот на професионалните медиуми и исцртување на јасна линија помеѓу нив и кујните за производство на пропаганда, лаги и говор на омраза. Впечаток е дека самиот еснаф продолжува ги избегнува овие битки за „прочистување“ во своите редови.
Овие зафати можат да вродат со плод само доколку се спроведат во меѓусебна координација и добра волја и доверба меѓу сите засегнати актери, нешто што очигледно недостасува досега. Дали е возможно тоа да се постигне во блиската иднина? Не е невозможно, но ќе биде исклучително тешко.
(авторот е претседател на Институтот за медиуми и аналитика ИМА)