Сарачини: Во борбата против дезинформации, потребна е поголема соработка помеѓу здруженијата на граѓани,  организациите за проверка на факти, и мејнстрим медиумите

Петрит Сарачини, во своето излагање на „FAKE NO MORE CONFERENCE“, посветена на борбата против дезинформации во Западен Балкан, укажа на бројните предизвици со кои се соочувале и соочуваат властите и граѓанското општество кај нас во процесот на воведувањето на медиумската писменост во образованието.

Исто така, Сарачини на конференцијата го сподели и позитивното искуство со емисијата за разоткривање дезинформации „Полиграф“, која беше емитувана на ТВ Алсат, укажувајќи дека успехот на емисијата се должи на содржини кои се прилагодени на различни возрасни групи.

„Многу е важно овој вид на содржини да оди мејнстрим, бидејќи имаме кредибилни организации во нашата земја кои се занимаваат со дебанкирање на дезинформации и со медиумска писменост, но тоа не се главните медиумски компании, ТВ станиците, или популарните онлајн веб-страници. Затоа, содржините кои се произведени од овие независни организации, допираат само до ограничена публика.  Мојата порака, или желба, во овој контекст, би била да видиме поголема соработка помеѓу здруженијата на граѓани,  организациите за проверка на факти, и мејнстрим медиумите“, порача Сарачини на конференцијата.