Политичките и економски притисоци, дезинформациите и говорот на омраза – главни предизвици за слободата на медиумите

Институтот за медиуми и аналитика ИМА денес ја организираше панел-дискусијата: „Слободата на медиумите наспроти политичките притисоци и пропаганда, дезинформациите и говорот на омраза: Како понатаму?“. Панелисти на овој настан беа Младен Чадиковски – претседател на ЗНМ, Драган Антоновски –  директор на МИА, Арта Тахири – уредник на вести во ТВ Алсат и Атанас Кировски – новинар, поранешен главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си, а со свои дискусии учествуваа и медиумски уредници и претставници на граѓански организации што работат во сферата на медиумите.

Панелистите во своите излагања ги анализираа наодите од неодамна објавениот Индекс на слободата на медиумите за 2023 година на „Репортери без граници“, во кој Северна Македонија е рангирана на 38-место, најдобро во последните 15 години. Иако оценуваат дека состојбата е подобра од времето на „заробената држава“ и владеењето на Никола Груевски, тие лоцираат повеќе слабости и важни предизвици за слободата на медиумите во земјава.

Тие се осврнаа на притисоците и односот на политиката и бизнисот кон медиумите, пропагандата на социјалните мрежи, нетранспарентноста на институциите, нефункционирањето на правосудството. Зборуваа и за падот на професионализмот и довербата во медиумите, напливот на дезинформации и говор на омраза, предизвиците на саморегулацијата, како и за дилемите за регулирање на интернет сферата наспроти можните опасности по слободата на изразување.

Како важен фактор што влијае на состојбите тие ги истакнаа економските аспекти, големиот број на медиуми наспроти малиот медиумски пазар, ниските примања на медиумските работници и отсуството на колективни права, слабата финансиска кондиција на медиумите и недостатокот на ресурси за производство на квалитетни содржини и проверка на фактите. Дел од предизвиците што ги посочија учесниците во дискусијата се последица на дигиталната ера, и со нив се соочуваат медиумите секаде во светот. Развојот на технологијата воопшто, на социјалните мрежи, вештачката интелигенција, дип-фејк, индустриите за производство на дезинформации…Овие глобални феномени, и според согледувањата на дел од панелистите, имаат големо влијание и на состојбите кај нас.

„Притисоците од политиката доаѓаат и од владеачките партии, ЗНМ имаше неколку реакции по овој повод, но имавте реакција и за некоректен однос и од политички лидери на опозицијата. Како да се справиме со овие политички притисоци и со она што го упатуваат ,,Репортери без граници” во нивниот извештај на паралелните медиумски системи и пропаганда којашто очигчедно се оркестрира од политичките центри на моќ и експлодира особено на социјалните мрежи и во интернет просторот“, му постави прашање модераторот Петрит Сарачини на Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Чадиковски укажа дека медиумите се лесно подложни на различни типови на влијанија: „Тие влијанија можат да бидат политички или бизнис влијанија. Најчесто е тоа мешавина на политички и бизнис влијанија, бидејќи кај нас и политиката и бизнисот функционираат како брак од интерес и во тој брак од интерес медиумите, новинарите, уредништвата понекогаш се под силни влијанија и можат да бидат лесно подложни на сериозен притисок да ја конфигурираат или моделираат својата уредувачка политика на начин на којшто на некој друг му одговара, а не на интересот на граѓаните и на јавноста на кои ние како новинари би требало да им служиме“.

Во своето излагање, Чадиковски укажа и дека ние сме секојдневно сведоци на тоа како културата на говор во политиката се заострува наместо да се намалува: „Се чини дека политичките актери и оние на власт, и оние во опозиција, го продолжија истиот политички наратив во којшто се негува и говор на омраза и лични дискредитации, итн. И, токму поради тоа, сето тоа понатаму се пресликува и во овој општествен, новинарски амбиент, бидејќи без едно општо поквалитетно, покултурно воздигнато, културно милје во кое сите ќе функционираме, не може тоа да биде многу поинаку, ниту во овој друг сегмент.“

Според Чадиковски, мора да се работи на реформа на менталитетот на сите општествени чинители што функционираат и кои ја создаваат оваа слика: „Слободата многу тешко се стекнува и многу тешко ја стекнавме, меѓутоа може многу лесно да ја изгубиме ако не работиме паралелно, освен во медиумите, во нашите редакции, во новинарската фела заедно, да работиме и на едно креирање на општа атмосфера за намалување на овој сериозен говор на омраза, неквалитет, дискредитација, итн.“

Драган Антоновски, директор на МИА, укажа дека притисоци имало отсекогаш и ќе има, дека притисоците нема да престанат, но дека најмногу зависи од интегритетот на новинарот: „Слобода на медиуми, тоа е постојана борба, тоа не е – еднаш ја освоивме, еднаш дефиниравме, и сега е слободно, и готово. Никогаш нема да се откаже ниту една власт, ниту една бизнис елита, од притисоците. Меѓутоа, пак ќе кажам, тоа зависи од тоа колку си подготвен, колку имаш кичма да се спротиставиш на сето тоа.“

Арта Тахири – уредник на вести во ТВ Алсат укажа дека не се ретки случаите кога новинарите наидуваат на затворени врати кај институциите: „Партиите на власт изгледа се за слобода на изразување и на медиумите се додека не им се загрозува нивната политичка позиција и не им се поставуваат тешки пашања, секако, што се легитимни, и во име на јавноста. Не се ретки случаите кога новинарите наидуваат на затворени врати кај институциите, или кај нивните раководители, кај нивните претставници, дури и кога не им се поставуваат прашања кои ги ставаат во тесно.“ „Се случува политичките партии на молчалив начин да бојкотираат одредени медиуми, одбивајќи учество во дебати, или поставувајќи услови“, додаде Тахири во обраќањето на панел дискусијата.

Арта Тахири  укажа дека некои нејзини колеги дозволуваат политичко влијание, но дека сите новинари не се исти: „Не се сите новинари исти, некои од колегите дозволуваат влијанието да биде уште дури и поголемо, и потоа се создава впечатокот дека сите новинари се продадени, се платени, се рекетари, итн. Значи, пак истакнувам – политиката е иста, горе долу, бидејќи целта секогаш била, и ќе биде да влијаат – ама новинарите не сме исти!“

 

Атанас Кировски, новинар, поранешен директор и главен уредник на ТВ Телма и дописник на Би-би-си укажа дака слободата не е можна без финансиски независни медиуми: „Лошата финансиска состојба, слабиот пазар влијае на тоа огромен број од моите колеги со кои што сум ја почнал кариерата, да не останат во новинарството, туку да стануваат портпароли по разни институции, или да се занимаваат со ПР, со нешто сосема поинакво, заради тоа што многу подоходовно е отколку да се биде новинар и 24 часа да се биде под некаков притисок… Не може да се биде слободен доколку не сте вие финансиски слободни.“

Кировски укажа и на ниското ниво на дебата, со дисквалификации, напади „ад хоминем“, омаловажувања, па дури и говор на омраза, особено на социјалните мрежи, каде што владее „рентиерство на техно-феудализмот“: „За мене, наредниот чекор на освојување на слободата, е како ние ќе се ослободиме од рентиерството на техно-феудалните системи, тоа не е проблем само на Македонија, тоа е глобален феномен.“

Кировски истакна дека бил горд на нашето рангирање од страна на „Репортери баз граници“: „Што се донесува до Македонија, јас сум навистина горд што ние сме стигнати толку горе во рангирањето на „Репортери баз граници“. Еве, една Грција, која што е толку поразвиена демократија од нас, е на 107 место ми се чини. Главниот проблем на Македонија е малиот пазар, стварно многу мал пазар, и тоа што таков еден пазар се повеќе ќе ја слабее моќта, ќе ја слабее резистентноста на редакциите за економски притисоци. Што се однесува до политичките притисоци, ги имало и ќе ги има. Фала му на бога, не сме во ситуација да се апсат новинари, или да се затвораат медиуми, заради различна идеологија, и се надевам дека повторно такви времиња нема да дојдат кај нас.“

Панел-дискусијата и публикацијата во која ќе бидат објавени ставовите на панелистите се дел од активностите на Институтот за медиуми и аналитика ИМА, поддржани од Европскиот фонд за демократија од Брисел, и се придонес за остварување на заложбите на ИМА за унапредување на слободата на медиумите, развој на критичкото мислење и дебата, и потрагата по решенија за справување со овие важни предизвици.