Алиу: Директивите и барањата на ЕУ – патоказ за реформите во администрацијата и медиумите

За платформата #Деполaризирајсе, која е дел од проектот „Преку деполаризација до демократски, стабилни и вклучувачки институции: Придонес на граѓанското општество“, Институтот за медиуми и аналитика ИМА разговараше со министерот за информатичко општество и администрација, Азир Алиу.

По првиот дел од интервјуто посветен на дигитализацијата на институциите и активностите за спречување на корупцијата, во вториот дел, министерот Алиу одговара на прашања поврзани со реформите во јавната администрација, како и справувањето со хибридните закани, дезинформациите и реформите на медиумската легислатива.

Алиу: Се усогласуваме со директивите на ЕУ, секоја институција ќе има јасен профил

ИМА: Неодамна, Државниот завод за ревизија (ДЗР) излезе со извештај за извршената ревизија на успехот на „Реформата на јавната администрација“, која покажува бројни слабости, вклучително и нефункционалноста на Советот за реформа на јавната администрација (СРЈА), Секретаријатот на овој совет и Секторот за администрација во МИОА. Какви мерки има преземено МИОА за надминување на откриените слабости и кои препораки од ДЗР, како и од граѓанското општество, планирате да ги спроведете во текот на оваа година?

Алиу: Вие знаете дека сме во фаза на функционалната анализа на институциите. Во моментов имаме четири закони за јавна администрација, од кои три се директно поврзани со европските фондови. Еден од нив е законот за државни службеници, другиот е законот за вработените во јавната администрација, а третиот закон е за менаџери или директори.

Во овој аспект, во моментов ја имаме функционалната анализа што се прави на ниво на институции, дури тука во едно од министерствата е веќе започната и сме во процес, тоа е нашето Министерство за информатичко општество и администрација. И, потоа ќе се направи јасен преглед, како по бројот на институции на државно ниво, така и во однос на услугите што ќе ги даваат.

Со други зборови, што правиме? Создаваме јасна вертикала на креирање политики, спроведување на политиките и нивна реализација. Оваа вертикала силно ја бара ЕУ, и затоа, сега ги правиме овие три закони компатибилни со европските барања и директиви. Како резултат на ова, ќе произлезе дека секоја институција, која ќе биде дел од јавната администрација, да има јасен профил – какви услуги дава, во кое време ќе треба да ги даде услугите, колку вработени има и нивото на вработени, и за секој да имаме опис на работното место.

Вториот момент е оптимизација на внатрешните услуги. Денес, за жал, јавната администрација има случаи во кои имаме две или три јавни институции во кои се даваат многу слични услуги. Во овој аспект, кога ќе ги обединиме, услугата ќе се подобри, а и квалитетот за граѓанинот ќе биде подобар.

ИМА: Кога очекувате да бидат изгласани потребните закони за реформа на јавната администрација?

Алиу: Тука, за среќа , не е до нашата желба кога ќе ги донесеме законите, туку тоа е барање за државата од ЕУ, а овие три закони што ги споменав ќе треба до јуни, најдоцна до јули, да бидат закони што ќе ги донесеме, и ќе бидат изгласани во државниот парламент. Така што, верувам дека со оваа динамика, не само што верувам, туку напорно работам законите да бидат изгласани, во спротивно ќе имаме негативен извештај од Европската унија.

Алиу: Агенција, инфраструктура и подобро информирање – за заштита од хибридните закани 

ИМА: Какви мерки има преземено МИОА за зголемување на сајбер безбедноста и спречување на хибридни закани?

Алиу: Една од причините зошто почнавме да размислуваме да имаме дигитална агенција, е токму сајбер безбедноста. Денес сликата на државата во однос на сајбер безбедноста е дисперзирана. Имаме институции кои на локално ниво имаат полу-услуга или услуга, а се заштитени на локално ниво. Со агенција за дигитализација ќе имаме услуга или заштита од напади против безбедноста на инфраструктурата во хиерархиски аспект. Значи, агенцијата ќе го штити делот од, да речеме, потенцијални напади, без да навлезе на второ или трето ниво. Второ ниво ќе биде средно ниво, помеѓу агенцијата и последната институција. И, третото ниво ќе биде институцијата или канцеларијата, или министерството итн. Од овој аспект верувам дека единствено и функционално решение ќе биде организирањето на државата во ваква инфраструктура.

Вториот момент е човечкиот капацитет, денес ние како држава поседуваме многу мал човечки капацитет со експерти за сајбер – безбедност. Агенцијата исто така ќе работи со сите овие експерти, од кои дел ќе бидат дел од агенцијата, другите хонорарно – со цел да се превенираат овие процеси.

И, третиот момент е да ги информираме граѓаните или државните функционери за делот на сајбер-хигиената, едноставно, како се управува со инфраструктурата и хардверот што го имате. И верувам дека овој триаголник помеѓу институцијата, личноста и инфраструктурата ќе биде многу добро решение.

Алиу: Внимателно кон мека медиумска регулација, измените се работат заедно со медиумите

ИМА: Во однос на медиумите, до каде сме со усогласувањето на законодавството со директивите на ЕУ и што можеме да очекуваме да се постигне до крајот на оваа година? Дали се предвидуваат посебни законски мерки за борба против говорот на омраза и дезинформациите и кои се загрижувачките проблеми, особено на порталите и социјалните мрежи?

Алиу: Исто така, за среќа, повторно кажувам дека ова е едно од барањата што ги добивме во писмена форма на билатералните средби од Европската Унија. Медиумите и законот за медиуми треба да бидат и се клучен дел од инфраструктурата на законите во државата. Поради оваа причина, сега имаме дел од законот за медиуми со европско знаменце во парламентот, верувам дека ќе биде изгласан до крајот на месецот. А вториот дел од законот, бидејќи е покомплексен, ќе опфати регулација на портали, мултимедијални услуги, електронска комуникациска инфраструктура итн. Сето ова ќе биде внатрешно уредено. И верувам дека по овој закон ќе имаме појасна слика кај медиумите. Секако, целите се да расте квалитетот на медиумите, но и слободата на изразување.

ИМА: Ќе има ли поконкретни мерки за справување со говорот на омраза и дезинформациите? Знаеме дека ЕУ носи новa легислатива, нова директива со која ќе се направи многу построга регулација, особено на големите социјални мрежи – тоа значи колку сте поголеми, толку поголеми ќе бидат одговорностите. Дали се надевате дека и оваа нова директива ќе се транспонира наскоро во законодавството на земјата?

Алиу: Верувам дека тоа е многу чувствителна тема, не само за нас туку и за ЕУ, но и на светско ниво. Медиумите секаде се чувствителна тема, како во однос на креирање регулативи и закони за медиумите, така и во однос на создавање рамки каде ќе се движи медиумскиот екосистем. Од две причини.

Првата причина е – ако имате многу силна рамка, тоа подразбира дека ги гушите медиумите. Ако воопшто немате, како што е кај нас, едноставно имате хаос во медиумите, во смисла дека не се знае колку медиуми имате, не се знае формата, квалитетот и мерењето на квалитетот. Така, работните групи кои се дел од министерството работат заедно со луѓе од различни медиуми, како портали и печатени медиуми, на создавање на мека регулатива, во која секако ќе имаме можност да измериме или дефинираме јасни индикатори – што е квалитетно, а што не, што е лажна вест, а што вистина во медиумите.

Верувам дека ќе биде предизвик по овој период и верувам дека цело време, како што се предизвиците на светско ниво, и ние ќе се соочиме со ова. Убавината на ова е што, како што укажавте, ЕУ сега создава една директива, не е лесно, дури и таму сè уште има извонредно големи дилеми, но ќе имаме таргет за тоа како треба да изгледа овој еко-систем. Верувам дека наскоро, до крајот на годината, треба да имаме драфт верзија, бидејќи тука треба да бидеме многу внимателни. Ќе работиме заедно со вас, со медиумите, а на крајот на денот ќе бидеме и ние задоволни како држава и секако дека медиумскиот екосистем ќе има една мека правна рамка, да потенцирам уште еднаш.

Разговорот го водеше: Петрит Сарачини на 19.05.2023 година.

Камера и монтажа: Жарко Трајаноски

Транскрипт и превод: Меритон Туша

#демократски_институции #institucione_demokratike #democratic_institutions #CivicaMobilitas

Проектот се спроведува со финансиска поддршка преку програмата Цивика мобилитас
​Projekti realizohet me mbështetje financiare përmes programit Civica Mobilitas
Picture

Дисклејмер: Цивика мобилитас е проект на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ), кој го спроведуваат НИРАС, МЦМС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Цивика мобилитас, СДЦ или пак спроведувачките организации