Фонд за медиумски продукти, чекор кон плурализмот

Зошто е во опасност новинарството во Северна Македонија? Кои се главните фактори кои влијаат на кризата во медиумската сфера? Дали може да се спаси новинарската професија? Дали е решение фондот за медиумски продукти? Како може да функционира овој фонд и зошто е неопходно тој да не зависи од политичките партии?

Пишува: АРТА ТАХИРИ

Новинарство во Северна Македонија е во голема опасност! Ова го изјави првиот човек на Европската федерација на новинари (ЕФЈ), Рикардо Гутереш, според кого ова се случува поради “поларизацијата, недостатокот на плурализам, мешањето во уредувачката политика, лошите услови за работа и фактот дека некои медиумски компании се неодржливи“!

Всушност, не само во Северна Македонија, туку новинарството во изворна или традиционална смисла на зборот е во опасност низ целиот свет. Брзиот развој на технологијата, а особено на социјалните мрежи влијае информативното новинарство (точно и вистинито) да ја изгуби својата моќ, и да се замени со нов тип на новинарство – порталско и сензационалистичко.

Како да се спаси вистинското, професионалното новинарство, кое работи врз основа на етички стандарди и норми?

Европската федерација на новинари смета дека новинарството во Северна Македонија може да се спаси од големата опасност доколку се создаде Фонд за медиумски продукти (за чија поддршка Владата изрази подготвеност), како начин за подобрување на медиумските содржини, пред сè преку обезбедување на квалитетни вести и промовирање на медиумскиот плурализам (плурализам на мислења и идеи) и јавниот интерес. Овој модел на „субвенционирање“ на приватни (комерцијални) медиуми, медиуми на заедницата или непрофитни медиуми веќе се практикува во многу земји од Европската унија.

Фондот би овозможил развој на етичко новинарство и разноликост во медиумските содржини, без разлика дали се од информативно-аналитички, дебатен карактер, но и во други новинарски жанрови. Фондот би ја олеснил работата на традиционалните електронски медиуми, имајќи го предвид фактот дека буџетот за комерцијално рекламирање за приватните радија и телевизии е преполовен. Фактот дека во Северна Македонија веќе се субвенционираат дневните весници, додека по укинувањето на радиодифузната такса од страна на Владата на Заев, јавниот радиодифузен сервис (РТВМ) се финансира од државниот буџет, укажува дека и другите комерцијални медиуми треба да бидат поддржани од општеството.

Како извори на средства за обезбедување на систем за финансиска поддршка (субвенции) на медиумскиот плурализам може да се користи државниот буџет и општинските буџети, но и постоечки даноци, како што се дел од данокот од приходите од реклами, дел од данокот од продажба на електронски уреди, дел од данокот од плаќање за пристап до Интернет и сл.

Но, кои треба да бидат носителите на одлуки во фондот? Секој модел што предвидува политиката, без разлика дали власта или опозицијата, да одлучува за проектите на разни медиуми, би ја „убил“ идејата за формирање на овој фонд пред да почне да се реализира. Без оглед на тоа дека и опозицијата може да се согласи со модел со кој во „бордот“ или „советот“ на овој фонд би имала свои претставници со реални права на одлучување, дури и да е тоа консензуално, овој пристап не треба да се прифати, заради тоа што европската идеја за медиумски фонд ќе се балканизира, правејќи во него политички пазарења.

Предложената политичка контрола на власта и опозицијата врз овој фонд е далеку од моделот на поранешната влада на Груевски, кога меѓуресорската комисија што одлучуваше за проекти од „јавен интерес“ беше составена од седум члена – Министерството за финансии имаше еден претставник, исто така и Министерство за култура, Агенцијата за филм, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, еден претставник од Кабинетот на претседателот на Владата, Управата за јавни приходи и Министерството за информатичко општество и јавна администрација. Така, како што може да се види, носењето на одлуки за телевизиски проекти од областа на документарниот филм и за локални уметнички програми од различни жанрови (телевизиски филмови, анимирани филмови, серии, монодрами и драми, комедии, теленовели и сапунски опери) – беше во рацете на власта.

Но, не само затоа што е препорака на Советот на Европа телото на Фондот да работи надвор од органите на централната и локалната власт, туку пред сè поради спецификите на политичкиот и медиумскиот систем на Северна Македонија, не треба да се дозволи ова тело да биде политичко-партиско, бидејќи досегашното искуство докажува дека поддршката на медиумите брзо и лесно се трансформира во инструмент за влијание врз уредувачката политика на медиумите.

Ова тело не може да функционира ниту во рамките на регулаторното тело, како Фонд за финансирање на аудиовизуелната култура, бидејќи Агенцијата за медиуми продолжува да биде политичко тело и е далеку од независност. А мерките за финансиска поддршка на медиумите мора да гарантираат транспарентност, независност и политичка недискриминација.

Затоа, најдобар модел би било Фондот да се формира како независно и самостојно тело, кое ќе го сочинуваат експерти од областа на медиумите и претставници на медиумските организации. Таков модел има во Холандија, каде што постои Фондот за новинарство.

(Авторката е уредник на вести во ТВ АЛСАТ)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.