Во извештајот на ОН „Информациски интегритет на дигиталните платформи“ (јуни 2023) се наведува дека „говорот на омраза и дезинформациите овозможени на социјалните мрежи можат да доведат до насилство и смрт“.

Во извештајот се предупредува и дека „Способноста да се шират масовни дезинформации за да се поткопаат научно утврдените факти претставуваат егзистенцијален ризик за човештвото и ги загрозува демократските институции и основните човекови права.“

Исто така, извештајот на ОН укажува дека „Овие ризици дополнително се интензивираа поради брзиот технолошки напредок, како што е генеративната вештачка интелигенција.“

Што е информациски интегритет?

Извештајот дава работни дефиниции на изразите „информациски интегритет“, „дезинформации,“ „мисинформации“ (погрешни информации) и „говор на омраза“:

„Информацискиот интегритет упатува на точноста, конзистентноста и веродостојноста на информациите. Тој е под закана од дезинформации, мисинформации и говор на омраза. Иако не постојат универзално прифатени дефиниции на овие термини, телата на Обединетите нации имаат развиено работни дефиниции.“

Што се мисинформации и дезинформации?

Специјалниот известувач за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување упатува на дезинформациите како на „лажни информации коишто намерно се шират за да предизвикаат сериозна општествена штета“. (1)

Дезинформациите се опишани од УНЕСКО (Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации) како лажни или погрешни содржини што може да предизвикаат особена штета, без оглед на мотивите, свеста или однесувањата. (2)

За целите на овој „полиси брифинг“, разликата помеѓу мисинформациите и дезинформациите лежи во намерата. Дезинформациите се информации кои не само што се неточни, туку имаат намера да измамат и се шират со цел да нанесат штета. Дезинформациите може да се шират од страна на државни или недржавни актери во повеќе контексти, вклучително и за време на вооружен конфликт, и можат да влијаат во сите подрачја на развојот, од мирот и безбедноста до човековите права, јавното здравје, хуманитарната помош и климатската акција.

„Мисинформации“ (погрешни информации) упатува на ненамерно ширење на неточни информации споделени со добра волја од оние кои не се свесни дека пренесуваат лаги. Мисинформациите може да бидат вкоренети во дезинформации, како што со тек на времето намерните лаги и збунувачките наративи се користат како оружје, го заситуваат јавниот дискурс и се пренесуваат понатаму несвесно. (3) Во пракса, може да биде тешко да се утврди дистинкцијата помеѓу мисинформации и дезинформации.

Што е говор на омраза?

Говор на омраза, според работната дефиниција во Стратегијата и Акциониот план за говор на омраза на Обединетите нации, е „секаков вид на комуникација во говор, пишување или поведение, што напаѓа или користи пежоративен или дискриминаторски јазик упатувајќи на личност или група врз основа на тоа кои се тие, со други зборови, врз основа на нивната религија, етничка припадност, националност, раса, боја, потекло, род или друг идентитетски фактор“. (4)

Мисинформациите и дезинформациите и говорот на омраза се сродни, но различни феномени, со одредени области на преклопување и разлики во начинот на кој може да се идентификуваат, намалат и да се адресираат. Сите три го загадуваат информацискиот екосистем и го загрозуваат човековиот прогрес.

Заканите за информацискиот интегритет не се нови. Лагите и омразата одамна се шират заради политичка или финансиска добивка. Сепак, во дигиталната ера овие операции може да се спроведат во размер кој беше незамислив порано. Моќните комуникациски алатки сега може за миг да прошират содржини ширум светот, создавајќи толку голем проблем што самите онлајн платформи напати не можат сосема да го сфатат. Недостигот од дефиниции за овие термини договорени на владино ниво, не треба да исходува со инерција. Ние мора да направиме се што можеме за да ги излечиме штетите што тие ги причинуваат“, стои во извештајот на ОН „Информациски интегритет на дигиталните платформи“.

(Продолжува)

(1) A/HRC/47/25, para. 15.

(2) Kalina Bontcheva and Julie Posetti, eds., Balancing Act: Countering Digital Disinformation While Respecting Freedom of Expression – Broadband Commission Research Report on “Freedom of Expression and Addressing Disinformation on the Internet” (Geneva, International Telecommunication Union (ITU); Paris, UNESCO, 2020).

(3) Видете United Nations, “Countering disinformation”, достапно на www.un.org/en/countering-disinformation, и A/77/287

(4) Достапно на  www.un.org/en/genocideprevention/documents/advising-and-mobilizing/Action_plan_on_hate_speech_EN.pdf.