Во Eвропа се оди со политички дијалог, соработка и решенија, а не со поделби, поларизација и омраза

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ

Верувам дека речиси сите партии и лидери, без оглед дали се во опозиција или на власт, знаат и се свесни дека од членството во ЕУ зависи подобрата иднина на сите граѓани, без оглед на нивната припадност. А уставните измени се услов за продолжување на преговорите за членство во ЕУ – така стои и во усвоената Преговарачка рамка. Таа станица на патот кон Европа мора да се помине за да се продолжи понатаму.

Досега речиси сите политички партии во земјава јавно се изјасниле дека членството во ЕУ им е приоритет. И тоа е добро, затоа што за ова е важно прашање е потребен политички и општествен консензус.

Но, не е добро, кога наместо она за што се залагаат јавно, некои политички и јавни актери прават нешто сосем друго. Не е добро кога ова прашање се користи за дневно-политички придобивки и пазарења, и наместо дијалог – се води „дијалог на глуви“, оптоварен со меѓусебни обвинувања, политичка пропаганда, дезинформации, навредувања, прогласувања „предавници“ и поттикнување на омраза и поделби по повеќе основи.

Овој однос не носи напредок на патот кон ЕУ, туку назадување. Зијан за сите, и повторно чмаење во балканската чекална заглавена во недогледната транзиција.

Наместо тоа, потребна е соработка на власта и опозицијата, но и суштински јавен дијалог за многу сфери, во кои ќе треба да се подобруваме на европскиот пат.

Ни треба одговор на многу прашања. Како да дојдеме во состојба во која државата, институциите, политиката, економијата, судството, здравството, образованието, …нема да бидат затруени и разјадени од корупција, криминал, јавашлук и незнаење, и урнисани во битките за лични или партиски интереси?

Од тоа зависи дали воопшто ќе стасаме до некоја попристојна, подобра европска иднина. Тоа го очекуваат граѓаните од политичарите. Да бараат одговори и решенија за овие проблеми, а не проблеми за решенијата.