Панел-дискусија на ИМА: Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост

Институтот за медиуми и аналитика ИМА од Скопје, внимателно ги следи медиумските настани и кампањи кои се обидуваа да ги дискредитираат концептите на родова еднаквост, родов идентитет и род, како и говорот на омраза во медиумите пред и по одржувањето на Парадите на гордоста во 2022 и 2023 година.
Токму затоа, одлучивме да организираме панел-дискусија на тема „Медиумите и кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост“, која се одржа на 29.06.2023 во Скопје. На оваа панел дискусија учествуваа претставнички и претставници од повеќе организации и истражувачи, кои зборуваа за кампањите со дезинформации и говор на омраза против родова и сексуална еднаквост, но и за односот на медиумите кон овие кампањи, и одговорноста што ја имаат медиумите во борбата против говорот на омраза и дезинформациите.
Се разбира, кога ја подготвувавме оваа панел-дискусија, не ни сонувавме дека неколку часа по неа ќе биде организиран протест против законот за родова еднаквост, од страна на најголемата религиозна организација во државава. Како Институт за медиуми и аналитика ќе продолжиме да ги следиме наративите со дезинформации и говор на омраза против родовата и сексуална еднаквост и за време на протестот, а и по него.

Драгана Дрндаревска од „Коалиција Маргини“, на панел-дискусијата укажа дека состојбата како денес се прикажани во јавниот дискурс каузите за родова еднаквост и права на ЛГБТ лицата, никогаш не била толку лоша: „Дури и во времето кога се случи првиот „Викенд на гордоста“, кога имавме физички напади врз нас како ЛГБТ луѓе и како активисти за таа кауза, ситуацијата во јавноста не беше волку лоша. Тогаш беше многу јасна нашата позиција на жртви. Значи бевме група на активисти, група на ЛГБТ луѓе, коишто имаат визија за едно поинакво, еднакво општество, и бевме нападнати и како такви баравме правда и заштита од државата, која тогаш беше главен промотор на овие антиродови реторики.“

Дрндаревска укажа дека „Сега имаме една друга ситуација, каде што ние сме повторно жртва, меѓутоа, ние сме прикажани како злото, како „сотоните“, како оние кои што имаат намера да го срушат семејството, да промовираат педофилија, итн., мислам, јасен е дискурсот. “

Според Дрндаревска, во собранието нема политичка волја да се донесе Законот за родова еднаквост, ниту пак Законот за матична евиденција: „Доказ дека нема таква политичка волја, е тоа што Законот за матична евиденција беше тргнат без никаква дискусија од дневниот ред од Комисијата за политички систем, ние немавме воопшто ниту можност да дебатираме, да одговориме на сите прашања, сите дилеми коишто ги имаат, него без никакво образложение беше тргнат. Да, сега беше повторно предложен, меѓутоа, од пратеници коишто на една рака се бројат – пет пратенички коишто се наши поддржувачи. Така што, ние не сме ни оддалеку моќни и влијателни, како што МПЦ и останатите антиродови чинители сакаат да не претстават. Ние, замислете, сме успеале, пет пратеници да собереме на наша страна. Со пет пратеници закон не се носи, знаете.“

Кире Василев, од Дијалог – Центар за делиберативна демократија, истакна дека „ЛГБТИ заедниците и жените заслужуваат целосна поддршка и заштита и не смееме да ги оставиме сами во борбата за рамноправноста“.

Во своето зилагање, Василев укажа дека „жестоката борба против еманципација и рамноправност на ЛБТИ лицата и жените истовремено се доживува и како борба против ЕУ и либерално-просветителските вредности кои таа ги застапува, но се доживува и како борба против поддржувачите на Преспанскиот договор, против таканаречените „предавници“ на Македонија и македонскиот идентитет…“.

Василев даде неколку примери на екстремен говор на омраза на социјалните мрежи, кој се користи од страна на проруски политички активисти кои шират пропаганда против ЕУ и западните вредности.

Давид Тасевски, од „Скопски квир центар“ на панел дискусијата укажа на одговорноста на медиумите, бидејќи „често даваат простор за говорот на омраза и дезинформациите. Го забележуваме и моментот на неотстранување на коментари со вознемирувачка содржина која вклучува не само говор на омраза туку детален опис за убивање и мачење на ЛГБТ луѓето, кое со денешниот протест, се надевам исто така дека нема да резултира со дела од омраза.“

Според Тасевски, институциите немаат капацитет да постапуваат во однос на говорот на омраза: „Искуството ни покажува дека институциите немаат капацитет да постапуваат во однос на говорот на омраза, селективни се, дури и кога станува збор за брутални закани по живот каде се опишува начинот на кој личноста ќе биде убиена. И тука имаме секако надоврзување на голем број луѓе коишто го охрабруваат таквото дело.“

Вики Младенова, докторантка на меѓународни студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол, го потенцираше проблемот со медиумските содржини кои се придружени со омраза: „Не може медиумот да презентира содржина ако таа е придружена со омраза, и ако коментарите станат, практично, новата вест. “

Младенова укажа дека е должност на новинарите да ги спречат коментарите што повикуваат на насилство, што дехуманизираат, или деградираат: „Тие секции за коментари треба да бидат затворени, бидејќи таму не треба да биде дозволен говор на омраза или друг деградирачки говор.“

Жарко Трајаноски, од Институтот за медиуми и аналитика ИМА, укажа дека годинава одбележавме десетгодишен јубилеј од донесувањето на Националната стратегија за родова еднаквост, донесена во 2013, кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ:

„Сега сме во некоја многу чудна ситуација. Некои луѓе викаат, од каде сега „родова еднаквост“. Пред десет години, луѓе, имаме Национална стратегија за родова еднаквост, каде бевте пред десет години да креирате паника дека некој сака да го загрозува семејството?“ – праша Трајаноски.

Трајаноски укажа дека се крева паника и за изразот „родов идентитет“, кој одамна е во законите: „Сега некој креира паника дека некој сака да вметне во законите, замислете, родов идентитет. Или, пласира дезинформации во јавноста дека родовиот идентитет го немаме во законите, дека правно не е признаен. Апсолутна дезинформација. Каде се тука новинарите да ја препознаат таа дезинформација и да ја информираат јавноста дека тоа не е вистина? Затоа што родовиот идентитет, го имаме во законите веќе. Родовиот идентитет го имаме дури и во Кривичниот законик [во дефиницијата на „дело од омраза“]. Го имаме родовиот идентитет и во член 407-а, каде што се санкционира оправдување на геноцид [„Одобрување или оправдување на геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства“, и по пат на информационен систем]. Значи, некој пласира намерно дезинформации дека во законите нема родов идентитет, а го имаме во многу закони – не само во Законот за спречување на дискриминација, туку и во повеќе други закони, Законот за социјална заштита, итн. Родовиот идентитет го имаме и во законот за АВМУ, во измените од законот кои што беа со указ потпишани од страна на Ѓорге Иванов. Зошто тогаш никој не креваше паника за родовиот идентитет?“ – праша Трајаноски.

Трајаноски потенцираше дека родовиот идентитет е дел од правниот систем години наназад: „Оттаму, се поставува прашањето, зошто сега некому му текна да крева паника и да пласира дезинформации во врска со овие правни термини, што се дел од постоечкиот правен поредок – родова еднаквост, родов идентитет, па и родова перспектива имаме во законите.  А „сексуална ориентација“ имаме многу одамна. „Сексуална ориентација“ го имаме дури и во Законот за семејство од 2014 година, се спомнува сексуалната ориентација, и тоа баш во контекст на деца. И никој тогаш, кога беше на власт ВМРО-ДПМНЕ, не креваше паника зошто сексуалната ориентација е дел од законот за семејство. Тука имаме некоја политичка интенција и тенденција да се крева некаква паника, да се прават некакви кампањи кои се насочени кон некого“, констатираше Трајаноски.

Трајаноски потсети дека медиумите и новинарите исто така имаат должност да не шират говор на омраза и да не објавуваат дезинформации: „Ние како медиумски работници, и медиумите и новинарите, исто така имаме должност. Клучна должност, прво е да не шират говор на омраза. Потоа, второ, имаат и должност да се борат против говорот на омраза. Имаат должност да не објавуваат дезинформации, туку да ги проверуваат информациите кои што ги објавуваат.“

Трајаноски потсети и на одговорноста и должностите што ги имаат он-лајн медиумите за спречување на говор на омраза во коментарите, а кои не се извршуваат: „Четири прајдови имавме последниве неколку години, на секој прајд гледаме дека се објавуваат видеа во живо, каде што одат стотици, во некои случаи и илјадници коментари преполни со говор на омраза… Медиумите се одговорни, имаат должност да не ги објавуваат тие коментари со говор на омраза, меѓутоа, тие послужија како платформи токму за тоа…“.

Трајаноски илустрираше екстремни коментари на говор на омраза за последниот прајд, кои сеуште не се отстранети, коментари во кои се спомнуваат гасни комори, Аушвиц, во кои се глорификува Хитлер и се повикува Путин да пушти атомска бомба или друго оружје за масовно уништување: „Ова се директни повици не за обично насилство, туку за геноцид. Притоа, се оправдува геноцидот на Хитлер. Хитлер во овие коментари се глорификува, што е кривично дело, според членот од КЗ кој го спомнавме. Тука укажуваме на најекстремни форми на насилство, кои што се глорификуваат, а да не зборуваме за другите форми на насилство во коментарите…“.

Трајаноски укажа дека и новинарите имаат должност да спречат ваков вид на говор на омраза, во случај доколку се јави од некои учесници во јавната дебата и да го осудат, а и институциите и невладините организации имаат должност да се борат против говорот на омраза.

Излагањата на учесниците од панел-дискусијата, надополнети со резултатите од медиумскиот мониторинг на протестот, ќе бидат објавени во посебна електронска публикација кон крајот на јули.