Кампањите против родова еднаквост и ЛГБТИ права се израз на религиозен екстремизам

Воведни белешки за поимот на антиродовите движења  (стратегии, агенда и извори на финансирање)

Пишува: М-р Драгана Дрндаревска

Што е антиродово движење?

Во периодов сведочиме на активно организирање на Македонската православна црква и другите верски заедници против родовата еднаквост и против правата на ЛГБТИ луѓето. Доминира нарацијата дека имаат должност да се мобилизираат за да се заштити семејството и децата, со што се креира морална паника заснована на говор на омраза и дезинформации. Ваквиот начин на делување и на манифестирање на религијата претставува религиозен фундаментализам, за кого нема место во општества кои сакаат да бидат демократски и еднакви.

Политики за родова еднаквост во Северна Македонија постојат повеќе од две декади на национално ниво. Со пристапувањето на земјата кон Советот на Европа и конвенциите на ООН, од кои најзначајна во областа е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација на жените, овие политики се дел од внатрешниот поредок уште од 1990-ите години. Првата Стратегија за родова еднаквост е донесена врз основа на сегашниот Закон за еднакви можности на мажите и жените во 2013 година. Оваа стратегија тогаш е разгледувана и позитивно оценета од собраниската Комисија за еднакви можности, чија претседателка во тој период е Лилјана Поповска, која сега ја гледаме како гласноговорничка против родовата еднаквост. Тогаш на пратеничката Поповска не ѝ пречеше родовата еднаквост, напротив, се залагаше за донесување на овој документ.

Но, во последната декада во рамки на цела Европа сведоци сме на транснационално поврзување на антиродови актери. Сведоци сме на засилена мобилизација на средства, создавање на нови антиродови актери на локално ниво преку нивна финансиска поддршка, обука и развој на нивните капацитети за спротиставување на родовата еднаквост, ЛГБТИ правата и целиот корпус на сексуални и репродуктивни права. Иако постојат различни дефиниции, теориски е прифатено „дефинирањето на антиродовите движења како мобилизација на различни актери против она што тие го нарекуваат родова идеологија“[i]. Антиродовите актери најчесто се делат на стари, нови и сојузници[ii]. Во старите антиродови актери спаѓаат верските заедници, како на пример Македонската православна црква (МПЦ), бидејќи отсекогаш се залагале за патријархални вредности и норми. Нови антиродови актери се здруженија и мрежи кои се формираат благодарение на странска финансиска, техничка и логистичка поддршка. Најголем дел од нив се претставуваат себеси како „загрижени родители“ или „загрижени граѓани“, користејќи заеднички јазик и визуелен идентитет.[iii] Овие форми на здружување постојат одамна и во Северна Македонија. На пример, на дебатата за новиот Закон за прекинување на бременоста во 2019 година, единствен маж кој си зема право да зборува за прашање кое не го засега на ниту еден начин беше претставник на здружение „Лидија – Срце што чука“, членка на Heartbeat international од Хрватска, каде што антиродовите движења под влијание на Католичката црква се многу развиени.

Но, прашањето е зошто до сега не им пречеа политиките за родова еднаквост, или барем не беа толку гласни и видливи во мобилизацијата? Причината е тоа што за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Никола Груевски (2006-2016), агендата на антиродовите движења беше обезбедувана, а во голем дел и спроведувана од страна на самата власт (на пример, донесување на рестриктивен Закон за прекинување на бременост, државно организирана хомофобична кампања преку медиуми,[iv] и сл.). Од 2018 година, со доаѓањето на власт на СДСМ се случија позитивни промени кон усвојување на повеќе закони со кои се гарантира родовата еднаквост и правата на ЛГБТИ луѓето. На пример, ратификувањето на Истанбулската конвенција, измените на Кривичниот закон од 2018 (препознавање на делата од омраза врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет) и до 2022 година (усогласување со Истанбулската конвенција), Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот против насилство врз жени и семејно насилство и други.

Овој напредок ја обележа Северна Македонија како критична точка на мапата на транснационалното антиродово движење, по што започна засилена мобилизација и никнување на нови антиродови актери. Така, денес ја имаме „Коалиција за заштита на децата“, што обединува 26 ентитети (здруженија на граѓани, неформални инцијативи, верски групи и политички партии). Највидливи антиродови иницијативи се „Преземи одговорност“ (против ЛГБТИ и трансродови лица), „Од нас за нас“ (против родово сензитивно образование, правата на трансродовите лица, една од водечките антиваксерски организации), „Учебници и настава мора да има“ (против сеопфатно сексуално орбазование, генерално против образовната реформа) и „Да го зачуваме бракот и семејството“ (промоција на религиски и патријархални визии за бракот и семејството и против ЛГБТИ). За овие движења Ковид 19 пандемијата беше клучна можност која ја искористија за мобилизација на населението против вакцинација, против носење маски и за промоција на теории на заговор и лажни вести, по што продолжија со антиродовата пропаганда. Вакво опортунистичко дејствување на антиродовите движења за време на Ковид кризата, следиме низ цела Европа.

 

Којa е агендата и какви стратегии користат?

Извештајот „Враќање на природниот поредок: Религиозна екстремистичка визија за мобилизација на европските општества против човековите права поврзани со сексуалноста и репродукцијата“[v] на Европскиот парламентарен форум за сексуални и репродуктивни права, детално ја документира транснационалната агенда на антиродовите движења. Транснационалната агенда на овие движења е насловена „Restoring the Natural Order: an Agenda for Europe“, каде што јасно се истакнати заложбите против контрацепција, против абортус (дури и кога истиот е неопходен за зачувување на здравјето на жената или бременоста е настаната како резултат на силување), оспорување на антидискриминаторска легислатива, спротиставување на истополови партнерства и транс права, спротиставување на Истанбулската конвенција, до идеи за забрана на „ин витро“ оплодување, забрана на пренатална дијагностика и на доброволна стерилизација, како и забрана на останати современи биомедицински придобивки поврзани со репродукцијата и здравјето (на пример, матичните клетки за лекување на болести).

Во областа на семејството движењето се залага дури и за закони со кои ќе се ограничи правото на развод. Понатаму, овие движења се застапуваат за апсолутни права на родителите во однос на образованието и легализирање на домашно школување, за донесување на т.н. закони против „ЛГБТ пропаганда“ (по примерот на Русија), до донесување на т.н. закони против содомија со кои се криминализира хомосексуалноста. Секако, во прво време, во јавниот дискурс во Северна Македонија најупотребувана е анти-ЛГБТИ реториката околу која најлесно мобилизираат поддржувачи, бидејќи според последните истражувања Северна Македонија е најнетолерантна земја во Европа кон сексуалните и родовите различности.[vi]

И на меѓународно ниво „…овие актери не потекнуваат од истата идеолошка матрица и често не споделуваат „иста идеолошка рамка“. Она што ги обединува антиродовите актери е способноста да „натискаат различни дискурси во една голема закана“ и да го конструираат „родот/родовата идеологија“ како „напад врз барем едно од трите N, за кои овие актери тврдат дека ги бранат: природата, нацијата и нормалноста (nature, nation, normality).“[vii]

Извештајот ги документира и клучните стратегии на дејствување договорени на транснационално ниво и тоа:

  1. „Прикажувајте се како жртви, со тоа ја земате стратегијата на противникот кој ја прикажува ЛГБТИ заедницата и жените како жртви.“ Ова го гледаме секојдневно во јавниот дискурс со кој движењата за родова еднаквост се прикажани како опасни и моќни, а антиродовите се прикажуваат како жртви на фактот што некои движења бараат на одредени групи да им се унапредат правата. На пример, Јаков Стобиски, како сторител на говор на омраза себе си се прикажува како жртва поради тоа што Комисијата за спречување и заштита од дискриминација одлучи дека тој го прекршил законот, т.е. користел говор на омраза заснована на род и родов идентитет.
  2. „Исто како противниците, прикажете ја агендата како прашања на човекови права“. Па, така гледаме како родителите наеднаш имаат право да одлучуваат за содржината на образованието, како имаат право на говор на омраза, фетусот има право на живот, како некој има право да одбие услуга на ЛГБТИ лица и слични небулози непоткрепени со правна практика и теорија. Иако станува збор за промовирање на религиозни догми се користи секуларизиран јазик и се претендира овие идеи за негирање на правата на одредени групи да се претставува како конфликт на права. На пример, правото на прекин на бременоста е во конфликт со правото на живот на фетусот, правото на младите да добијат сексуално образование е во конфликт со „родителските права“.
  3. „Противниците прикажете ги како зло, а институциите како неспособни“. Анти-родовите движења континуирано наоѓаат примери од ЛГБТИ луѓе кои сториле некакво кривично дело и преку нив се гради сликата за целата заедница. Несомнено, гледаме прикажување на движењата за родова еднаквост како зло, сатани, посланици на ѓаволот (со зборовите на Јакоб Стобиски), додека постојано се критикува МТСП, власта, Собранието и други институции како неспособни да се справат со „злото“ (се обвинуваат дека не функционираат транспарентно и дека ја спроведуваат агендата на ЛГБТИ дижењата, итн.). На ваков начин во јавноста се креира чувство на итност, се креира паника од тоа што може да следува како успешна стратегија за мобилизација.
  4. „Станете почитуван соговорник на меѓународно ниво“. Овие движења одвојуваат многу капацитети и пари за застапување на меѓународно ниво. Речиси да не постои случај пред Европскиот Суд за човекови права кој се однесува на ЛГБТИ права, сексуални и репродуктивни права во кој анти-родова организација нема да се вмеша на страна на сторителот на повредата на правото. На пример, ADF (Alliance defending freedom) се вмеша и во случај Икс против Македонија со кој судот утвдри дека на трансродов маж му било повредено правото на приватност со тоа што државата не му овозможила промена на маркерот на пол во личните документи[viii]. Антиродовите актери се многу добро вмрежени и во застапувањето пред ООН, каде Светата столица, Организацијата за исламска соработка, заедно со земјите кои имаат најлошо поведение за почитување на човекови права (како арапските земји, Русија, некои африкански земји) активно застапуваат против родова еднаквост, ЛГБТИ, и сексуални и репродуктивни права. На пример, Ватикан бара зборот „родова еднаквост“ да се промени со „комплементарност на мажите и жените“.[ix]

 

Од каде се парите?

Извештајот „Врвот на сантата мраз: Религиозни екстремистички финансиери против човековите права за сексуалност и репродуктивно здравје во Европа“[x] открива дека во последната декада минимум 707,2 милиони американски долари се слеваат во антиродовите движења во Европа. Извештајот е обемен, дава детални податоци, кои во овој дел делумно ги сумирам. Оваа сума од 707,2 милиони долари извештајот ја нарекува „врвот на сантата мраз“, бидејќи се претпоставува дека многу повеќе пари се слеваат во антиродовите движења, но поради сериозни недостатоци во транспарентноста на работењето на антиродовите актери не може во целост да се проценат сумите и нивните извори. Овие пари главно доаѓаат од извори блиски до христијанската десница од САД (на пример, Фондации ДеВос[xi], Евангелистичката асоцијација Били Грахам[xii] и многу други), од Руската федерација (државни агенции и приватни фондации на олигарси како Владимир Јакунин[xiii] и Константин Малофеев[xiv]), како и од повеќе извори од Европа, главно од старите аристократски семејства кои сѐ уште се вртоглаво богати, повеќе корумпирани политичари кои основаат свои фондации и актери од екстремната десница. Секако, поддршката од владата на Орбан и од Полска е присутна и тука станува збор за јавни пари кои властите ги доделуваат на антиродови актери. Оттука, политичките случувања во САД со кои американската десница, под Трамп идеолошки се зближи со Русија, е важен момент за развојот на антиродовите движења, по кој гледаме соработка помеѓу овие актери во развојот и финансирањето на антиродовите движења.

Извештајот бележи и финансирање на антиродовите движења од т.н. пералници на пари преку кои „валканите“ пари од Русија се трансферираат на нивите сојузници и партнери од Европа кои се користат за финансирање на антиродови движења и други екстремно десничарски политики во Европа. На пример, Италијански L’Espresso во 2018 година откри како една таква перална служи за поттикнување на антиродовото движење надвор од руските граници. Фондацијата Novae Terrae собира над 100 000 евра месечно од руско-азербејџанскиот офшор и ги прераспределува меѓу актери од Италија, Шпанија, Велика Британија, САД, Полска, Унгарија, за финансирање на десничарски и верски организации за кампањи против абортусот, против разводот или геј бракови. Само помеѓу 2012 и 2015 година, Фондацијата Novae Terrae искористила 2,39 милиони евра од руско-азербејџанска перална за поддршка на хомофобичната Европска граѓанска иницијатива „Мама, тато и деца“ и за анти-родови организации како на пример Dignitatis Humanae Institute (DHI), поврзан со Стивен Банон и други.

 

Религиозниот екстремизам на МПЦ

Во Северна Македонија, МПЦ заедно со конзервативните партии, помеѓу кои најголемата ВМРО-ДПМНЕ како стари антиродови актери, поттикнати од новонастанатите поволни услови, се истакнуваат како највлијателни етнитети. Вакво здружување на новите со старите антиродови актери се забележува низ цела Европа. Но, разликата е во тоа што МПЦ како формална национална институција на православното христијанство тука ја предводи антиродовата пропаганда, застапувањето и мобилизацијата. Ова е очекувано имајќи предвид дека во квази-демократските земји од Југоисточна Европа православните цркви имаат големо влијание и моќ кое сега активно го користат за антиродова пропаганда.

Според Нусбаум,[xv] „многу е тешко да се определи до која мера религијата во едена нација ги рефлектира влијанијата од другите аспекти на културата“. На пример, исламот содржи фундаменталисти кои не се толерантни кон различни религии и животни стилови, но исто така ги содржи едни од најраните идеи за меѓусебна толеранција. Но, многу често, наместо да се бараат и да се потенцираат обединувачки принципи и практики во различните религии, да се применуваат поинклузивни начини на толкување на религијата, или да се испитуваат верските учења кои би можеле да ја поддржат на пример, женската еманципација и праавта на ЛГБТИ луѓето, религиите се читаат како вредности кои се нужно во конфликт со модерноста. Речиси сите традиционални религии имаат полиберални и поконзервативни ограноци. Оттука, нужно е да се запрашаме од каде потекнуваат фундаменталистичките барања и колку тие можат да се оправдаат со правото на манифестирање на религијата. Подетално истражување на културниот контекст најчесто открива политички влијанија кои ја обликуваат или дообликуваат религиската традиција, па така, моменталниот избор за потенцирање на едни, а не други аспекти на религијата најчесто одразува политички цели.[xvi]

Членови на одредени религии, најчесто лидери (како во нашиот случај г.г. Стефан, Јаков Стобиски и други) кои имаат политичка моќ, имаат тенденција да се прогласуваат за морално супериорни, да бараат религиозните учења да се преточат во закон за да можат да ги контролираат животите на другите и да спроведуваат масовни прекршувања на човековите права. Ваквото однесување претставува религиски фундаментализам дефиниран како „авторитарна манипулација со религијата и употреба на екстремни толкувања на религијата од страна на одредени држави или не-државни актери со цел да дојдат до моќ, пари или да ја прошират контролата над општеството“[xvii]. Во ваквите случаи не зборуваме за нечија слобода на религија и верување, туку за злоупотреба на ова право за да се оправда хомофобијата, шовинизмот, ксенофобијата, национализмот, етноцентризмот, нативизмот итн. Членот 17 од ЕКЧП ја забранува злоупотребата на правата и ја дефинира како преземање активности или постапки со кои се загрозува некое право или слобода што се признати со Конвенцијата.

Религиозниот фундаментализам нема за цел да ја одбрани слободата на вероисповед на една група, туку да обезбеди политичка моќ на неколку лидери со тоталитаристички и анти-демократски идеи чија реализација би им овозможила контрола и пристап до ресурсите во едно општество. Кога МПЦ протестира против закони за родова еднаквост и ЛГБТИ права, има за цел да го заштити патријархатот, бидејќи во патријархални општества верските лидери уживаат углед и моќ. Во општества кои се демократски и егалитарни политички лидери и моќни бизнисмени не одат кај верски лидери да бараат поддршка, не се сликаат постојано со нив за да купат углед кај населението, па како резултат на тоа верските лидери немаат олку голема моќ која се трансформира во големи имоти и пари. Најголем бенефит од зачувување и зацврстување на патријархатот имаат токму верските лидери и конзервативни корумпирани политичари, кои доминантно се бели, средовечни, богати мажи и бизнисмени.

Нусбаум (1999: 109) ја проблематизира и категоријата „група“ и кои се оние кои зборат во името на групата. Кога зборуваме за групи дефинирани според религискиот идентитет, гласовите кои зборат во име на групата се најчесто имотни хетеросексуални мажи кои уживаат привилегии во групата, кои впрочем имаат корист од одржувањето на статус кво и никогаш не ги имаат предвид потребите на жените, а уште помалку потребите на геј луѓето од групата. На пример, кога г.г. Стефан повикува на протест против Законот за родова еднаквост и Законот за матична евиденција не ги има предвид ставовите на феминистките христијанки, христијанските семејства кои ги поддржуваат своите ЛГБТИ деца и други. Општество кое има за цел да обезбеди еднаквост и почитување на човековите права мора да го држи религискиот фундаментализам понастрана од правото.

 

Заклучок и препораки за медиумите

Европскиот парламент во Резолуцијата за негативната реакција кон женските права и родовата еднаквост во ЕУ,[xviii] истакнува дека нивото на родова еднаквост во едно општество е често индикативно и служи како прво предупредување за влошената состојба на основните права и вредности, вклучително и демократијата и владеењето на правото, а напорите за ограничување или поткопување на родовата еднаквост се знак за поширок општествен конфликт. Потоа, во Резолуцијата за сексуалното и репродуктивно здравје и права,[xix] Европскиот парламент истакна дека ваквите иницијативи (антиродовите иницијативи) претставуваат опструкција за реализација на човековите права, развојот на државите и ги поткопуваат европските вредности и фундаменталните права. Зад овие иницијативи стои сериозна финансиска поддршка и политика моќ, која е овозможена преку нетранспарентно работење и корупција.

Движењата за родова еднаквост, ЛГБТИ права и за сексуално и репродуктивно здравје не се исти со антиродовите движења. Не станува збор за политичка битка помеѓу еднакви. Едните се застапуваат за демократски вредности, за еднаквост, за политики донесени врз основа на научни факти и последни научни сознанија, за трансформација на општествата кон поправедни општества во кои сите живеат во социјална благосостојба и се почитуваат човековите права на сите. Антиродовите движења се застапуваат за антиженски, антихуманистички вредности, за одржување на нееднаквост и привилегии на верските заедници, т.е. се застапуваат за донесување и спроведување на политики засновани на религиозни догми. Ова претставува ретроградно дејствување, обид за рушење на демократскиот поредок и за враќање во мрачните времиња на апсолутна моќ на клерот поддржан од корумпирана и апсолутистичка власт, од која корист имаат само неколкумина.

Поради состојбата со медиумите во Северна Македонија (поларизираност, недостаток на професионалност и независност), тие дејствуваат како продолжена рака на антиродовите движења, а некои медиуми и новинари се директни сојузници и промотори на антиродовата кауза. Оттука, овие препораки се насочени само кон оние медиуми кои се независни или претендираат да бидат независни и професионални. Тие мора да ја сфатат својата клучна улога, да се екипираат со знаења и аргументи, критички да ги претставуваат активностите и пораките на антиродовите актери, да ги вклучуваат гласовите на маргинализираните групи и на организациите што ги штитат нивите права.

Клучно е овие медиуми да ја разберат големата слика, да истражат кои се врските преку кои овие движења добиваат фондови, за колку пари станува збор и кои се нивните извори, како и со кого се вмрежени на национално и транснационално ниво. Медиумите треба да постават прашања за нивната транспарентност и да истражат можни случаи на корупција при финансирање на овие движења. За крај, клучно е проблемот преку медиумите да се означи со вистинското име, религиозен екстремизам против цивилизациските придобивки од демократијата.

 

Референци:

[i]Цветковиќ, И. Величковска, М. (2022), „Кој се плаши од родот? Анализа на клучните стратегии и наративи на анти-родовите движења во Северна Македонија“, Скопје: Коалиција Маргини.

[ii]Ibid.

[iii] Ibid. стр.15.

[iv] Медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ спроведуваа хомофобична кампања, највидлива преку три насловни страници на дневниот весник „Вечер“. За повеќе може да прочитате во годишните извештаи на Коалиција Маргини од 2012 и 2013 година, достапни тука.

[v] Datta, N. (2018). “Restoring the Natural Order”: The religious extremists’ vision to mobilize European societies against human rights on sexuality and reproduction. Brussels: European Parliamentary Forum on Population & Development.

[vi] Според податоците од европското општествено истражување, највисок 61% од испитаниците од Северна Македонија се согласиле со тврдењето „Доколку близок член на семејството е геј маж или лезбејка, јас би се чувствувал/а засрамен/а“. Ова е највисок процент во Европа, додека следната земја со највисок процент е Црна Гора со 39%, значително помалку од Северна Македонија. Само 24% од испитаниците се согласиле со тврдењето дека „Геј мажите и лезбејките треба да имаат слобода да го живеат својот живот како што сакаат“, што повторно е најнизок процент од сите европски земји. Повеќе податоци тука.

[vii] Ibid.

[viii] X. v. the Former Yugoslav Republic of Macedonia (Application no 29683/16), ECtHR [2019].

[ix] Shameem, N. (2017). Rights at Risk Observatory on the Universality of Rights Trends Report 2017. Toronto: Association for Women’s Rights in Development (AWID).

[x] Datta, N. (2021). Tip of the Iceberg: Religious Extremist Funders against Human Rights for Sexuality & Reproductive Health in Europe. Brussels: European Parliamentary Forum for Sexual and Reproductive Rights.

[xi] Бетси ДеВос беше секретар за образование во кабинетот на Трамп.

[xii] Основана во 1950 година и моментално со седиште во Шарлот, Северна Каролина, одржува масовни молитвени собири за Евангелистичките протестанти ширум светот наречени „крстоносни војни“. Има организирано „400 крстоносни војни во 185 земји и територии на шест континенти“. На овие крстоносни војни, шефот на асоцијацијата, Френклин Грахам има „редовно искажувања против муслиманите, ЛГБТКИ луѓето“, што резултираше со неколку тужби за говор на омраза во ОК. Френклин Грахам верува дека наместо расизам, вистинската криза со која се соочува Соединетите Американски Држави се „ЛГБТКИ луѓето кои излегуваат од нивните плакари, осмелувајќи се да бараат права и признавање; жените кои ја потврдуваат својата телесна автономија и бараат безбедна, достапна репродуктивна здравствена заштита; и тоа што исламот едноставно постои“.

[xiii] Руски олигарх и близок доверлив човек на Владимир Путин. Претседател на Руските железници од 2005 година до 2015 година. Има чин на федерална државна цивилна служба од 1-ва класа Активен државен советник на Руската Федерација. Поставен е на црната листа на лични санкции на Стејтдепартментот на САД од 2014 година.

[xiv] Претседател на про-монархистичка организација „Друштво за развој на руското историско образование Двоглав орел“. Претседател на медиумската групација Царград, посветена на руското православно христијанство и поддршката на претседателот Владимир Путин. Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Канада го имаат ставено на црна листа и му имаат изречено лични санкции. Во 2017 година, Украина го стави Малофеев на меѓународна потерница, обвинувајќи го за создавање и финансирање нелегални паравоени групи.

[xv] Nussbaum, M. Craven (1999). Sex & Social Justice. Oxford: Oxford University Press.

[xvi] Дрндаревска, Д. (2019). Стандардите на европското право за спречување и заштита од дискриминација врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Скопје: УКИМ- магистерски труд.

[xvii] Shameem, N. (2017). Rights at Risk Observatory on the Universality of Rights Trends Report 2017. Toronto: Association for Women’s Rights in Development (AWID).

[xviii] European Parliament resolution of 13 February 2019 on experiencing a backlash in women’s rights and gender equality in the EU (2018/2684(RSP)).

[xix] European Parliament resolution of 24 June 2021 on the situation of sexual and reproductive health and rights in the EU, in the frame of women’s health (2020/2215(INI)).

 

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.