Пишува: Давид Тасевски
Што ни е важно при медиумското известување, поврзано со говорот на омраза и дезинформациите?
Квир центарот досега доби 8 мислења за прекршување на етичкиот кодекс на новинарите при известување на ЛГБТИ теми, а по претставки поднесени до Советот за етика во медиумите. Неретко забележуваме сензационализам во новинарските текстови и наслови кои се вознемирувачки, и имаме реченици или прашања кои го поттикнуваат или поддржуваат говорот на омраза. Гледаме дебати и интервјуа каде новинарите не се непристрасни, туку го напаѓаат гостинот, според нивните лични убедувања без воопшто да ги проверат фактите, туку застануваат на страната на дезинформациите и ја разгоруваат омразата кон одредена група на луѓе. На овој начин, тие свесно создаваат клима во која ги загрозуваат човековите права или слободи на група граѓани и говорат со јазикот на омразата и дискриминаторскиот говор. Важно е да се нагласи и дека новинарот е должен да внимава дури и на начинот на кој ја пренесува информацијата. Ако при пренос на одредена вест тој е згрозен или ја пренесува веста со иронија и сарказам, штетата е направена во истиот момент.
Она што исто така го имаме како проблем во утврдување на вознемирувачкиот говор и дезинформациите во новинарски текстови и објави од медиумите, се „извадоци“ од текстови кои се целно пребарувани да бидат дискриминирачки и да бидат проширени низ интернет просторот со цел да дискриминираат. На пребарувачите на интернет секако имаме океан од информации, дезинформации, и луѓе кои напишале некаков наводен стручен текст кој е полн со омраза, а кај нас се пренесува како факт напишан од претставник на одредена професија. Во оваа ситуација, кога го пријавуваме лицето или медиумот, она на кое објавувачот се обидува да се „извади“, е дека тој само споделил научен текст или став на некој „интелектуалец“. Меѓутоа, важно е и да расчистиме дека новинарот има обврска да истражува и да пренесува точни и проверени информации. Доколку јас решам да продолжам со ширење на дискриминаторски текст преку моја објава, јас исто така сносам одговорност.
Квир центарот досега има поднесено преку 110 пријави до МВР и Основните јавни обвинителства на територијата на државата. И имаме добиено 34 претставки пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, а од тие 34 претставки, одбравме 5 кои во моментов се судски предмети.
Веднаш по формирањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, сакавме да ја тестираме нивната работа, знаејќи дека секаде низ светот, дискриминацијата најмногу ја трпат маргинализираните групи. Праксата со претходните состави на Комисијата, покажуваше дека дискриминацијата кај нас не постои, што е невозможно, бидејќи таа постои и во најразвиените општества. Меѓутоа, минатите состави на Комисијата, освен во случајот на Никола Груевски кој подоцна побара азил, а претседателот на таа Комисија беше награден со друго раководно место, во други случаи, скоро и да немаше утврдено дискриминација.
Во моментов, конечно имаме формирана Комисија која постапува, и покажува желба за работа со цел борба против дискриминацијата. Меѓутоа, луѓето кај нас, очигледно се навикнати на институции кои не работат во полн капацитет, па одлуките кои ги носи оваа Комисија, која очигледно, конечно работи непристрасно, на некои луѓе им пречат. И ова е важно да се нагласи, бидејќи Комисијата ни покажува пракса на еднаквост, па така ја видовме како реагира во случаи на дискриминација на деца со посебни потреби, беше гласна и во случајот со „бугарските клубови“, меѓутоа кога носи мислења во кои вели дека ЛГБТИ луѓето се дискриминирани, на дел од народот тоа не му одговара да го слушне. И ова покажува една незрелост, која вели, постапувај само кога сум загрозен јас, ама не и за тој кој ми пречи на мене. Општествата кои се силни, кои имаат вистински патриотизам, се оние кои се сплотени и не функционираат со исклучување, туку со вклучување на сите групи, со цел побројно и посплотено општество. Ние кај нас се делиме, и со овој начин на функционирање никогаш нема да можеме да бидеме јаки одвнатре, за да се справиме со предизвиците кои не чекаат надвор.
Претставките кои Квир центарот ги поднесува се главно за вознемирувачки говор и дискриминација сторена на социјалните медиуми, нешто за кое одговорноста ја носат и медиумите, бидејќи тие често даваат простор за говорот на омраза и дезинформациите, а го забележуваме и неотстранувањето коментари со вознемирувачка содржина, која не вклучува само говор на омраза, туку и детален опис за убивање и мачење на ЛГБТИ луѓе, кое со протестот организиран од црквите, се надеваме дека нема да резултира со дела од омраза.
Искуството ни покажува дека институциите немаат капацитети да постапуваат во однос на говорот на омраза, селективни се и кога станува збор за брутални закани по живот каде се опишува начинот на кој личноста ќе биде убиена, со надоврзување на голем број луѓе кои го охрабруваат таквото дело. Во исти случаи, за некоја личност гледаме дека се постапува, а за друга личност, не се постапува. Ваквиот начин на работа кај мене праќа порака дека институциите каде ги поднесуваме пријавите и чекаме да постапат по нив и да донесат правда, функционираат селективно и по нарачка. И тука не се само маргинализираните групи засегнати, ние имаме поднесувано пријави за закани кон жени политичарки, и тие пријави исто така беа отфрлувани со зборовите дека нема место за постапување и дека не е утврдена реална опасност.
Она што за мене е интересно, се новинарските текстови во кои забележуваме наслови кои целно се мамка за кликање и поттикнување омраза. Секоја година традиционално се споделуваат исти слики, најдени на интернет од Прајд-протести некаде низ светот, а најчесто се бираат со голи луѓе, и се споделуваат со цел да се прикаже дека ЛГБТИ луѓето се опасни за децата. И тука гледаме дека што и да се случи во рамки на ЛГБТИ заедницата, односно и ништо да не се случува, кај хомофобите секогаш ќе постои тоа дискриминирачко стереотипизирање.
И сега јас се прашувам, бидејќи во изминатава година активно ги следам објавите на брутални случаи на семејно насилство, скандали со педофилија во цркви, насилства во училишта, тероризам, изгладнување и силување на деца, и сите овие грозоморни дела беа направени од хетеросексуални луѓе. Дали по истиот начин на функционирање, треба да се пренесува големиот број на насилства сторени од хетеросексуални луѓе, со нагласување на нивната сексуална ориентација, со цел да се започне „кампања“ која ќе има цел да предупреди дека „одреден тип на хетеросексуални луѓе, од некоја причина стануваат закана за општеството“?
Бидејќи никој не зборува дека ЛГБТИ луѓето се совршени, очекувано е дека насилство ќе се случува и помеѓу нив, меѓутоа, секогаш кога имаме случај на насилство во кој е вмешано лице со хомосексуална ориентација, од страна на медиумите се споделува сензационално со цел да предизвика говор на омраза. За жал, насилството се случува кај луѓе од секој регион, во сите држави, кај луѓе од различни религии, сексуални ориентации, и насилството никогаш како појава не се поврзува со идентитет на личноста, туку според истражувањата, жртвите на физичко насилство имаат поголем ризик да бидат сторители. А, земајќи предвид дека ние сме тло каде бројот на пријави за семејно насилство расне заедно со бројот на деца-жртви на насилство, и сме општество во кое 8 од 10 родители користат насилни методи за воспитување на своите деца, треба да бидеме загрижени за она што и го даваме на младината, а веќе го гледаме во форма на насилни дела во регионот, со сериозен број на човечки жртви.
Авторот е извршен директор во Скопски Квир Центар
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Скорешни коментари