Денес во Клубот на пратеници во Скопје се одржа првата јавна расправа за втората фаза од Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни услуги, организирана од Министерството за информатичко општество и администрација.
И овој пат, дискусијата беше најмногу фокусирана на одредбите за државните кампањи за теми од јавен интерес во медиумите, распределбата на финансиите и составот на телото што ќе одлучува за јавните кампањи.
Во неговата дискусија, Петрит Сарачини од Институтот за медиуми и аналитика ИМА изрази резерви за предложениот модел за составот на собраниската Комисија која ќе одлучува за кампањите од јавен интерес и ќе има по три пратеници од владејачкото мнозинство и од опозицијата. Според Сарачини и ИМА, ваквиот модел води кон опасност од политизација и закочување на процесот на распределба и воопшто имањето на кампањи што се во функција на остварување на јавниот интерес.
„Може да се случи распределбата да биде закочена во таа собраниска комисија имајќи ја предвид политизираноста во нашето општество и може да се доведе во ризик и целото постоење на ова тело. Предлагаме телото кое ќе одлучува за тие средства да биде непартиско и составено од лица од фелата, претставници на професионални медиумски организации и стручњаци, а одлуката за тоа кои се теми од јавен интерес за кои треба да се спроведуваат кампањи да се носи во Собранието“, истакна Сарачини.
Според него, на овој процес треба да претходат јавни расправи со учество на разни општествени актери, и од институциите, и од политиката и од граѓанскиот сектор, на кои ќе се дискутира за тоа која тема е важна за да се спроведе јавна кампања.