Медиумскиот простор во Македонија е крајно пренатрупан. Има огромен број на телевизии, на мала популација од помалку од 2 милиони жители. Се разбира дека многу тешко преживуваат, пред сè на сметка на лошиот квалитет на програмата. Според податоците на АВМУ дури 11 електронски медиуми во Македонија функционираат со еден вработен?! Сигурно станува збор за куриозитет од светски рамки. Гранапче да отворите со скратено работно време, па ви требаат најмалку двајца вработени.
Пишува: АТАНАС КИРОВСКИ
Медиумскиот пазар во Македонија се наоѓа во катастрофална позиција. Вкупниот медиа-бајинг (пари од огласувачите) во телевизиите во моментов едвај надминува 10 милиони евра. Во деведесеттите години на минатиот век, тој колач изнесуваше околу 40 милиони евра. Значи, пазарот е намален за цели 4 пати само во номинална вредност, а да не зборуваме за инфлацијата и што значеа 10 милиони евра пред 30 години, а што значат сега.
Приливот на пари во медиумите и натаму ќе се намалува. Главна причина за тоа е погодностите што им ги пружа на адвертајзерите дигиталниот маркетинг, и можноста за закуп на кампањи преку глобални дигитални платформи, како Јутјуб, Фејсбук, Инстаграм, Гугл, каде што и резултати од кампањите на огласувачите се појасно мерливи, а и имаат можност да се насочат кон специфични таргет групи.
Македонија е мал и неатрактивен пазар за големите компании. Во оваа ситуација, едвај се одржува мерењето на гледаноста на телевизиите што го врши Нилсен. Целиот проект во моментов е сведен само на петте национални телевизии. Ниту една друга телевизија во државава во моментов не се мери и не купува мерења на рејтинзи, од разни причини.
Дел од средствата се одливаат и на регионалните телевизии кои зрачат во Македонија, а бездруго набргу не очекуваат и рекламите на големите стриминг платформи како што се HBO, Netflix, Amazon итн, нешто што веќе се случува во развиените земји.
Телевизиите не успеаја да се изборат кабелските оператори да плаќаат за нивната скапа содржина, кои овие бесплатно си ја преземаат, па дури не успеаја ни да се изборат да ги изрегулираат авторските права – барем да не ги пиратираат, како што е во цела цивилизирана Европа. Во Македонија телеком операторите генерираат огромни средства, а со тоа и огромна моќ, па е практично невозможна борбата со нив. Дополнително што и владите се секогаш на нивна страна, делумно и заради акции на самата држава во Македонски телеком (каде доминантен сопственик е Дојче Телеком), а делумно и заради притисокот на Берлин и Виена, кои ги поседуваат двата наголеми телекоми во Македонија.
Владините кампањи
Оттаму, последната сламка за преживување на електронските медиуми во Македонија се јавните кампањи, или „непопуларното“ владино рекламирање, кое во времето на владата на Никола Груевски направи сериозни штети на професионалното и објективното новинарство. Се разбира дека јавни кампањи има секаде во Европа, и треба да ги има и во Македонија. Ако во минатото имало злоупотреби, треба да се изработат механизми кои ќе ги спречат злоупотребите, или барем ќе ги минимизираат можностите за тоа, и да се воспостават критериуми за праведна распределба на средствата од јавните кампањи.
Законското решение кое го предлага Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) е на јавни кампањи да се трошат околу 5 милиони евра годишно. Тоа не е голема ставка, станува збор за нешто повеќе од 0,1 отсто од Буџетот на државата. Но, она што е страшно е дека дури и такви мали средства, веќе изнесуваат 50% од медиа бајингот во Македонија, со тенденција, тој процент само да се зголемува. Кога е владата главен медиумски закупувач во медиумите, во кревки демократии како што е Македонија, ни се случуваат големи девијации, какви што ги имавме во минатото. ЗНМ, ССНМ, и граѓанските здруженија од медиумскиот сектор се категорично против владините кампањи. Дури и одбија да учествуваат на последната јавна дебата организирана од МИОА.
Тие соопштија дека се против повторното воведување на праксата на трошење јавни пари во приватните медиуми, што во минатото се покажа како погубна за независната уредувачка политика на овие медиуми, за независното новинарство и за состојбата на медиумскиот пазар. „Ние сме против законски решенија кои го фаворизираат само интересот на дел од приватниот медиумски сектор и ја занемаруваат критичката улога на новинарството во демократијата и јавниот интерес на сите граѓани“ се вели во нивната реакција.
Се разбира, нивниот став не е решение. Според нивното соопштение тие се залагаат да се одржи ова статус-кво, и воведување фонд за плурализам на медиумски содржини. Фондот е добра идеја, и треба да се реализира. Но, тоа да биде дополнително со јавните кампањи, а не наместо нив. Затоа што, ако остане статус-квото, со оваа тешка финансиска ситуација во медиумите, новинарите и медиумските работници ќе имаат сè пониски плати, а некогаш атрактивната и благородна новинарска професија никој нема да сака да ја работи.
Трагично е што огромен дел од нашите колеги го напуштија новинарството, и станаа разни советници, спин мајстори, и портпароли во влада, разни министерства и институции. И, никој не може да им замери, затоа што заминаа за најмалку двојно повисоки плати, со многу помал ангажман и речиси никаков стрес.
Пренатрупаност на пазарот
Она што е необјаснив феномен е што и покрај исклучително неповолните услови за работа во Македонија има огромен број на електронски медиуми. Медиумскиот простор во Македонија е крајно пренатрупан. Има огромен број на телевизии, на мала популација од помалку од 2 милиони жители. Се разбира дека многу тешко преживуваат, пред сè на сметка на лошиот квалитет на програмата.
Телото кое ги регулира правилата во медиумскиот етер (АВМУ) има поставено минимални стандарди за добивање лиценца за зрачење на програма, што доведе до огромен број на телевизиски станици, многу од нив без никаков идентитет, без издржана програмска содржина, и со минимален број на вработени. Според податоците на АВМУ, дури 11 електронски медиуми во Македонија функционираат со еден вработен?! Сигурно станува збор за куриозитет од светски рамки. Гранапче да отворите со скратено работно време, па ви требаат најмалку двајца вработени.
Освен кај националните телевизии, кои за да зрачат треба да имаат минимум 80 вработени и нормални технички стандарди, другите лиценци се прилично „лабави“. За сателитска лиценца минимумот е 30 вработени, за регионална телевизија 10, а за локална 5 вработени. Меѓутоа, АВМУ досега како вработени ги пресметуваше и хонорарците, па така не се одземаа лиценци, а медиумските пазар се натрупуваше. Уставниот суд донесе одлука дека вработени во медиумите се сметаат оние што се навистина вработени според законот, а не и лица ангажирани со договор на дело, па според законските прописи, дури 27 телевизии во Македонија немаат минимум вработени за да зрачат.
Субвенции на оригинални серии
АВМУ треба доследно да ги спроведе и онака многу лабавите критериуми околу тоа кој ги исполнува техничките и другите законски прописи за да може да работи како телевизија, па откако на тој начин ќе се исчисти пазарот, можеби ќе имаме малку појасна слика. Она што во моментов го имаме како слика е огромен број на телевизии со разни видови на лиценци, за кои никому не му е јасно како може да функционираат на пазар со толку ограничени рекламни ресурси.
Освен тоа, владата треба да размисли да го врати и субвенционирањето на играна и документарна програма. Како резултат на тие минимални субвенции, само Телма, со која јас раководев во тој период, продуцираше три успешни серии: „Пет плус фамилија„, „Преспав“ и “Инсајдер“. Една пристојна серија –дури и во сит-ком формат не може да ја испродуцирате под 250 000 евра. Министерството субвенционираше околу 5 милиони денари по телевизија за 40 часа играна и документарна програма, што е речиси ништо во однос на добиениот ефект.
Телевизиите беа упатени и на копродукции, како на пример, соработка со УСАИД. Конкретно за „Инсајдер“, договоривме поддршка од 40.000 евра и од Британската амбасада. Не само што публиката ќе има можност да гледа оригинални и автентични содржини на македонски јазик, туку на тој начин се врши и збогатување на македонската култура и се држи во кондиција цела една група на професионалци: сценаристи, директори на фотографија, режисери, актери, сценски работници, монтажери, швенкери, костимографи итн.
Откако СДСМ дојде на власт, обврската за играна и документарна програма за националните телевизии се укина, а со тоа и субвенциите. Ги снема и македонските серии од екраните, со исклучок на „Бистра вода“ на ТВ Алфа. Никој не знае каде отидоа тие пари и на што се потрошија?! На бифтеци ли, на скап мебел, на луксузни возила?!
Во оваа ситуација не се случува ништо. Статус-квото никому не му е во интерес, а сепак опстојува со години. Квалитетот на програмата и на новинарството постојано опаѓа. Ако ништо не се смени во блиска иднина, ќе бидеме сведоци на тивко изумирање на електронските медиуми во Македонија, како што ни се случи со весниците и неделниците.
(авторот е долгогодишен новинар и уредник)
—
Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.
Скорешни коментари