Говор на омраза и заговори: политички проблем

Пишува: ВИКИ МЛАДЕНОВА

Структурата на овој текст ја позајмува судската практика на Европскиот суд за човекови во врска со говорот на омраза, со која се утврдуваат три препознатливи елементи во идентификувањето на една форма на говор како говор на омраза: намера за ширење омраза кон определена група, содржина (контекст на конкретно изразување) и последици (забранети резултати)[i], со цел да упати на длабинското влијание што овој говор го има врз демократското живеење.

Преку испитување на намерата со која свесно се употребуваат насилството како комуникација, како и на содржината со која омразата треба да се направи интелигибилна, важно е да се задржи вниманието на тоа дека говорот на омраза не е делимитирана појава која едноставно се судира со слободата на изразување, и го бара својот простор во јавниот дискурс. Имено, предлагам говорот на омраза да се разгледа пошироко од јуридичкото определување на сторител и жртва, и да се испита како основна алатка на мобилизација на политичка моќ во новите констелации на кризниот капитализам, а за таа цел ќе го користам поимот комплот и комплотизација на моќта.

Употребата на говор кој бара материјални докази за страдање и ништење на одредени групи и поединци значи отворање фронт против човековите права и демократијата. Или, поглобално, бара нов поредок кој е базиран врз омраза против самата демократија, и заговара редефинирање на идентитетите, социјалните улоги, врските, институциите и конечно – на начините (стиловите) на живот и нивната разнородност, која како таква опстојува легитимно само во демократски услови на заедничкото живеење. Тоа што во судската практика се појавува како намера и содржина при длабинско набљудување на ефектите на говорот на омраза, всушност упатува на една од најзагрозувачките појави за современата демократија: комплотизација на моќта.

Говорот на омраза, во таа смисла, не е само појава што правно се санкционира, туку претставува политички проблем. Содржината со која се дисквалификува вредноста на нечие постоење или нечиј начин на живот, го иницира насилството како единствен амбиент или судбина на носителите на прекарни идентитети, и ја содржи намерата органски да се разграничи групата што доминира од сите други преку принципот на политичка негација (кога се определува што е „добро“ и „лошо“, „здраво“ и „болно“, „нормално“ и „абнормално“ и конечно, се определува вредноста на човечкиот живот). Нештата се комплицираат во последната точка на натрапливост на мразачите. Определувањето на вредноста на човечкиот живот не е неутрална акција.

Историскиот преглед на тоа како се предизвикани масовни злосторства како геноцид (во Руанда на пример, и претходно Холокаустот) до поединечни жртви на дела од омраза, сѐ до државни политики што го администрираат животот на популацијата преку смртта на прекарните групи (како на пример со ХИВ кризата во 80-тите години во Америка), го потенцира не само амбиентот на насилство туку и заговорот за нов, чист и правоверен свет. Во истиот, првата и последна вест се однесува на спојот на идентитетски карактеристики што се содржи во оконечен и тотализирачки живот, што вреди да се живее. Оттука, омразата тешко може да се разлачи од заговорот. Историчноста на оваа изјава нѐ враќа на третманот на говорот на омраза како политички проблем.

Дали може да биде поврзан тропотот на штикли на транс-девојка во јавен тоалет со премаленоста на бегалците од Африка и блиско-источни земји кои штотуку стигнале на бреговите на Европа, а јанѕата од претходните неусогласени звуци да се наголеми и со финансиската, политичката и морално-социјалната криза во која се наоѓа глобалниот свет, деновиве? Врзивниот потенцијал што од неповрзани или барем неплански борби за достоинствен живот прави закана на која се одговара со агресивно одбивање на демократските придобивки, каква што е, на пример, еднаквоста, е токму заговорот за нов свет, кој треба да биде населен од вистински вредности и специфична форма на човечки живот, што може да го отстапи месото и духот.

Заговорот за подобро живеење во подобар свет ја згуснува негацијата како нужна постапка во политичкиот живот: потребно е да се смачка постоењето на сите можни закани отелотворени во квир луѓе, сиромашни, со поинаква боја на кожата, со друга религија, етничка припадност, со телесна и ментална попреченост, друга раса и сите можни други припадности кои го вознемируваат (само)разбирањето на органската доминантна група. Говорот на омраза, во оваа смисла, не може да се поима само како правно санкционирачка појава, туку како методолошка нужност во подготовката за почист поредок. Ваквиот капацитет на говорот на омраза тешко може да се исцрпи и неутрализира само со правни лекови, па така свесноста за ефектите врз демократското живеење треба да значи и свест за тоа дека омразените не се исклучени само заради нивно исклучување; туку исклучувањето на прекарните групи е нужен гест со кој се воспоставува почист поредок.

Кога се шири омраза во врска со опасноста од признавање на основни човекови права на ЛГБТИ луѓето, тоа не се прави само заради лебдечка омраза кон определена група туку се прави во име на обезбедување поредок во кој полесно се живее токму заради елиминацијата на таа група. Како се воспоставува почист поредок? – Виртуелно.

Техничкото обработување на тезата за тоа дека говорот на омраза е политички проблем, затоа што не постои независно во општеството, и затоа што правното санкционирање е претесна акција за опфаќање на штетниот ефект врз поединечното и заедничкото демократско живеење нѐ води до просторот во кој омразата се бори за својата слобода, обидувајќи се да се прогласи како слобода на изразување. Имено, станува збор за медиумите во пошироката смисла на зборот, нужно опфаќајќи ги и социјалните мрежи и виртуелноста што тие ја нудат како прва шанса за новиот поредок и елиминација на сите што може да го контаминираат.

Преку обичајното однесување на социјалните мрежи, лесно може да се воспостави врската помеѓу омразата и заговорите, односно, да се увиди како се одвива комплотизацијата на моќта. Основната функција на медиумите престанува да биде пренесување на вести, туку формира платформа за учество во јавниот дискурс. Говорот на омраза станува начин за учество во јавниот дискурс, само кога вестите ќе се заменат со катастрофички повици за мобилизација против разнородните други.

Од тропотот на штикли на транс-девојка во јавен тоалет, што уште посилно одекнува во пандемиски услови (во кои одговорна грижа за личната и туѓата добросостојба срочена во простодушна навика да се носи маска се претвора во глобална закана), додека нови и нови темни тела се струполуваат од гумени чамци и бараат да им се признае еднаквиот статус на граѓани, а статусот на жената во општеството одамна е контаминиран со други квалитети наместо да биде сведен на одомаќинета родилка, комплотот овозможува да станат живи слики или пострашно – шеми, скици на современиот свет кој е нечист и расипан и кој треба да биде спасен, осветен и одново воспоставен преку елиминација на појави и тела што може и треба да се мразат, во име на вистинските вредности и вистината како таква.

Борбата за вистината е медиумска борба, таа ја опфаќа т.н. „компактна толпа“ која инсистира нечитливоста на современиот свет да ја подели во официјална и скриена вистина, извлекувајќи го легитимитетот да ја застапува скриената вистина преку демаскирање на окултни планови. Демократските борби за еднаквост стануваат окултни планови, омразата станува света обврска на компактната толпа која оправданоста да ја заменува слободата на изразување со говор на омраза ја црпи од самата себе, посебно земајќи ја превид етимолошката подлошка на поимот конспирација (conspiratio од cum и spirare или да се дише заедно). Наеднаш, идејата за демократија и нејзината реализација нужно се разделуваат и стануваат противречни, демократскиот ентузијазам базиран на права и слободи станува сомнителна карактеристика на современиот свет, во кој животот станува сѐ понепредвидлив, мачен и расипан.

„Комплотот е итна реакција на комплексноста [на светот]. Тоа е пократкиот пат, наједноставниот и брз правец што води до самото средиште на еден свет кој сѐ потешко се разбира. Тие што отклонуваат кон комплотот не може да поднесат повеќеслојност или отворени прашања. Дури не може да го толерираат ниту самиот живот во нестабилно и менливо опкружување, па така и не го прифаќаат тоа што е туѓо, непознато“ (Ди Чезаре 2021: 3). Враќајќи се на релевантното етимолошко значење на поимот комплот во стариот француски јазик од 12-от век како „компактна толпа“, една од водечките жени филозофки во општество кое значително страдаше пред налетот на медиумското искривоколчување на демократијата какво што е италијанското (берлусконизација на медиумскиот простор), Донатела ди Чезаре во нејзината книгата Il complotto al poterе (Комплотот на моќта, Еинауди 2021), зборува за тоа како комплотот може да ѝ помогне на толпата да излезе од наводната сенка на окултниот свет во кој живееме, и да заговара скриена вистина, развивајќи свети обврски да се одбрани истата со една нелогична цел: јасна обоеност на состојбите како црни и бели. Огледалните одаи на вистината стануваат јавно мислење, со оглед на тоа што интересот секогаш се однесува на тековните аспирации околу тоа – каде оди овој свет? Сите имаат право на учество во одговорот на ова прашање. Само тие што говорот на омраза го заменуваат со слобода на изразување, во име на личната заколнатост во скриена вистина и исправност што треба да се освои преку елиминација на појави, групи и поединци, самоубедувачки знаат дека имаат решение за енигмата на човечката историја.

Според компактната толпа, политичката игра во демократскиот свет станува игра на огледала или на црни огледала/монитори во кои сечија поединечна судбина станува или закана или се соединува со светата обврска да се елиминираат лошите, болните, абнормалните  – во име на правоверниот свет во кој вредноста на човечкиот живот станува соодветна само ако опфаќа унифицирани идентитети што моралниот, чист човечки живот може да ги отелотвори.

Ваквото дебалансирање на силите помеѓу официјална и скриена вистина, демократија и мит, говор на омраза и слобода на изразување, политичко и виртуелно, понира во едно исклучително ризично поле: хаосот на денешницата и анксиозната иднина. Комплотистите или тие што шират омраза бездруго се прогласуваат за жртви на тој хаос и на нерешливоста на времето што поминува, и од своите најинтимни судбини ја црпат легитимацијата на своето насилство во јавниот живот, на социјалните мрежи каде што контактот со светот се патологизира, а резонот може да го дисторзира историското време назад до златното доба на Третиот Рајх со барања да се повторат масовните злосторства на Адолф Хитлер.

Личната несреќа изѕидана во четирите ѕидови на домовите под хипотека, чии поштенски сандаци се полни со високи сметки, а врските се дестабилизирани, наместо да бидат засолништа, ненадејно станува судбина на обична жртва, која бара излез од енигматичноста на човечкиот живот преку ширење омраза и барање светот повторно да стане јасен и читлив, низ призмата на комплотот. Со тоа што комплотот им отстапува епистемолошки простор на обичните секојдневни жртви, им помага виртуелно да ја артикулираат својата анксиозност на живеењето преку измислени наративи што светот од нејасен и нечитлив го прават јасен и читлив. Оваа преобразба е агресивна, бидејќи наспроти секојдневните жртви кои преку комплотистичкото разбирање на светот шират омраза, секогаш треба да постојат виновници, заканувачки начини на живот и општествени накази.

И покрај тоа, погрешно е комплотот или комплотизмот да се сведе на дисторзиран резон или на лична патологија, бидејќи на тој начин се губи политичката валенција на проблемот. Проблемот станува политички кога вистината станува обврзувачка, и ја обврзува моќта. Станува збор за политичка мобилизација на групи и поединци што го загрозуваат демократскиот живот, бидејќи „комплотот не е едноставен и еден од многуте политички инструменти со кои моќта се служи“. „Комплотот е направа (dispositif) што ја артикулира, спроведува и распоредува моќта. Служи како маска на моќта во време во кое моќта е без лице“ (Ди Чезаре 2021: 17).

Секојдневниот превод на комплотизацијата на моќта се однесува на лажно спонтаната и природна врска помеѓу, на пример, болеста од Ковид 19, месијанската улога на Владимир Путин, бебешката крв како владејачка тајна на глобалниот поредок, црните робусни мигранти како етничка закана за наталитетот во Европа, и прогласот на човековите права на ЛГБТИ луѓето како директна закана за анонимни деца, кои дури и не знаат ниту побарале заштита од своите родители. Згуснувањето на приликите на современото живеење се наметнува како нужност, бидејќи комплотизацијата се одвива со уништување на гласот и легитимноста на говорот.

Кога една деполитизирана врескачка, која својата слава ја стекнува со безумно одбивање да носи маска во време на пандемија, во краток временски интервал станува главна поттикнувачка на омраза кон трансродови лица – тоа не значи дека постои директна врска помеѓу зоонотички вирус и борба за достоинствен живот на определено родово малцинство, туку дека заговорите за опасностите со кои се соочува светот денес го искривоколчуваат тој единствен свет, во кој сите живееме заедно. Локалниот контекст на македонското општеството дотолку ја отежнува анализата, со оглед на тоа дека глобалните трендови на мобилизација каков што е на пример случајот со анти-родовите движења само се надоврзуваат на хоризонталната распространетост на многу омрази наеднаш или циклично.

Како „племе во агонија“ (Константиновиќ 2000), органската македонска нација одново и одново се самопотврдува или е во архаична потрага по поредокот на вистинската великост, преку омраза кон Албанците и други етнички малцинства, како и кон соседните нации. Замислениот чист и рутински живот се вклопува во големите историски задачи, преку омраза кон сѐ што може да ја дестабилизира паланечката состојба во која се наоѓаме.

Стилот на паланката е да мрази. Ниту едно етничко, религиозно или јазично малцинство не го здружува своето постоење во планско загрозување на доминантната органска група; ниту пак децата во малите групни домови во Тимјаник ќе го нападнат локалното население; така како што и барателите на азил во Прифатниот центар во Визбегово не се подготвуваат за масовен грабеж. А и вистината за новиот Предлог-закон за родова еднаквост е дека неговата цел е да „обезбеди остварување на потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост“ (Член 2), а не да врши масовна присила за утринско, попладневно и вечерно менување на полот, во зависност од перверзните претпоставки на доминантната група за тоа дали е време за силување, кражба или венчавка.

Глобалните трендови на комплотот како справа што манипулира со моќта и вистината, надоврзани на традиционалните омрази во нашиот контекст нѐ судираат со две опасности. Политичката арена се менува и тешко се етаблираат позициите за одбрана на демократијата во јавниот дискурс; повредата што се активира преку говорот и обезвреднувањето на човечкиот и граѓанскиот статус на ранливи поединци и групи не може правно да се санкционира, таа опстојува како потсетник на хаосот на денешницата од една страна, а од друга страна афективно го менува внатрешниот живот на вистинските жртви, чии прекарни идентитети стануваат егзистенцијален товар.

[i] Види повеќе кај Михајлова Елена и др. (2013) Слобода на изразување и говор на омраза. Скопје: ОБСЕ

(Авторката е докторантка на меѓународни студии на Универзитетот за ориенталистика во Неапол)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.