Како беше анатемирана професорката Малеска за еден „лајк“ на Фејсбук?

Како лајкот на Фејсбук на познатата професорка Мирјана Малеска стана вест за медиум со уредувачка политика што ја критикува власта? Што покажува практиката на анатемирање на луѓе за еден „лајк“ на социјална мрежа? Дали е слобода на изразување или „слобода“ да се заплашуваат оние што мислат поинаку? Дали има тенденции на едноумие во системот на Северна Македонија, кој пледира да биде плурален и демократски?

Пишува: АРТА ТАХИРИ

Стана секојдневна практика на новинарите, наместо да ја бараат и пронаоѓаат веста на терен, да ја бараат на социјалните мрежи, да објавуваат статуси на разни луѓе на Фејсбук, понекогаш дури и коментари на објави.

Деновиве прагот на објавување од социјалните мрежи беше надминат, бидејќи еден „лајк“ на социјалната мрежа Фејсбук стана вест за уште еден клик повеќе!

Навистина, „лајкот“ на ценетата професорка Мирјана Малеска стана вест на порталот Expres.mk. Веста носи наслов: „На професор Малеска и се допаѓа кога академик Ќулавкова трпи одвратни нечовечки и мизогини навреди “.

Станува збор за лајк на постот на новинарот Бранко Тричковски, кој ги критикуваше позициите на академик Катица Ќулавкова која често искажува етнонационалистички позиции, и која ја поддржа МПЦ на протестот против Законот за родова еднаквост. Без воопшто да браниме ставови кои се дискриминаторски или стереотипни по разни основи, и покрај тоа што медиумите, какви и да се, имаат слобода да известуваат како што сакаат, овој начин на известување потсетува на мрачните времиња на комунистичката цензура, кога политичките „комесари“ (некои инсталирани и во медиумите) следеа кој со кого разговара!

Самата професорка Мирјана Малеска реагираше на Фејсбук за написот на порталот:

„…Што ви е  гајле каде  сум ставила лајк? Сакате да ги заплашите луѓето, тоа е јасно. Не сум должна, но , заради читателите, ќе ви кажам зошто:

Не ми се допаѓа вашето друштво. Особено,  вашите исклучиви политички ставови кои ги сметам смртоносни-нај буквално, за земјата.

И вашиот опортунизам кој ви донесе  комоција да се заканувате, прозивате, душкате наоколу, а некои од вас добија – функции, привилегии, место во академија, во младинска и партиска организација итн. Не ви паѓа на памет дека некој платил цена  за вашата слобода на говор, зашто се осмелил да погледне подалеку од другите?

Катица, колку го разбрав Тричковски, симболизира една политика која си игра со оган.

Едно изолационистичко слепило изразено преку крилатицата-не ни треба Европа, по секоја цена!!!! 

Море, по секоја цена ни треба, уште утре кога би можело, ако мене ме прашате!“

Во ера, во која технологијата овозможува поголема слобода на изразување, бидејќи комуникацискиот простор за мисли и идеи е преголем, има луѓе, дури и новинари, кои ги оценуваат мислите и интегритетот на другиот, врз основа на еден статус на социјалните мрежи, на еден коментар на некој статус, па дури и врз основа на еден  „лајк“ или реакција со емотикон!

Слободата на изразување е фундаментална вредност на демократијата и секој избира како да го покаже својот став или гледиште за општествените прашања, па затоа обидите за задушување на слободата се стратегија на оние кои мислат дека сите треба да мислат исто. Еден вид „комунизам во демократскиот плурализам“, иако едноумието би требало да биде минато.

Доколку медиумот оцени уреднички дека нечија позиција е навредлива или клеветничка за друго лице, мора да му обезбеди простор да го каже своето мислење, но и на авторот на написот да се објасни, се разбира – доколку прифати. Овој портал не го прашал ниту авторот, ниту авторот на „лајкот“, ниту апострофираната личност во Фејсбук – статусот.

Да известуваш кој и каде става „лајк“ – е „иновација“ на дигиталната ера и практиката на медиумите, кои не избираат средства во трката по кликови. Но, да се анатемира и оцрнува личност поради ставање лајк на објава – го надминува професионалното и етичкото новинарство! Затоа што, некој може да стави „лајк“ поради почит кон авторот, а поради невнимание, лајк честопати може да се стави дури и без да се прочита содржината.

Апострофираниот пример и безброј други примери во разни медиуми алармираат дека медиумите треба да бидат повнимателни во изборот на вестите што ѝ ги нудат на јавноста и да не тргнуваат секогаш од комерцијалниот интерес што им го носат кликовите, бидејќи треба да направат баланс со јавниот интерес.

Публиката, пак, треба да внимава да не верува во сè што ќе ѝ се сервира од медиумите и да не споделува на социјалните мрежи каква било информативна содржина што ќе ѝ се најде пред очи. Многу е важно прво да се анализира и двапати да се размисли дали се работи за информација од вредност или јавен интерес, или може да биде манипулативна дезинформација со различни цели: политичка – пропагандна, партиска – идеолошка, економска, комерцијална – рекламна, верска или лична.

(Авторката е уредник на вести во ТВ АЛСАТ)

Институтот за медиуми и аналитика ИМА не се согласува секогаш со ставовите изнесени во авторските текстови, мислења и анализи, но го цени високо придонесот на секој автор и придонесот на медиумските експерти за развој на аргументирана дебата со различни гледишта, со цел да да се унапреди состојбата со плурализмот во медиумскиот простор во Северна Македонија.