Анти-родовото движење во Македонија и руската пропаганда

Медиумите и дезинформациите на антиродовото движење (4)

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Во 2023 година, анти-родовото движење беше зајакнато со нови влијателни актери – религиозни лидери, нивни поддржувачи, јавни личности, интелектуалци, академици...Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација, меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет, сексуална ориентација и припадност на маргинализирана група, многу медиуми не се придржуваа кон овие етички императиви.

Во четвртиот дел од оваа анализа, ќе ја проследиме поврзаноста на подемот на анти-родовото движење (напливот од мизогинија, хомофобија и трансфобија), со напливот од руска пропаганда по агресијата на Русија врз Украина. И пред 2022, Западот и Европа беа мета на руска пропаганда, која настојуваше да сее поделба во врска со ЛГБТИ+ правата помеѓу земјите членки на ЕУ и кандидатите за членство. Иако руската влада не се перципира како единствен анти-родов актер, таа е „клучен актер“ на странско влијание во дезинформациските кампањи за ЛГБТИ+ луѓето во ЕУ. Ваквите дезинформациски кампањи се водат и од противниците на „родовата идеологија“ – израз чија употреба „спаѓа во категоријата на дезинформации“ во случаи кога се шири намерно за да ја прелаже јавноста.

Дезинформациските анти-родови кампањи по руската воена агресија врз Украина се дополнителен предизвик за етичкото новинарство, имајќи предвид дека хомофобијата, трансфобијата и анти-родовите наративи се клучни состојки на проруските кампањи со дезинформации, кои се забележителни и во земјите членки на ЕУ, и во Западен Балкан. Еден од главните руски наративи со дезинформации е наративот за „загрозени вредности“ од страна на Западот, чии вредности честопати се поистоветуваат со правата на жените, ЛГБТИ+ права и правата на други малцинства.

Анти-родовото движење пред руската агресија врз Украина

Антиродовото движење и политичката борба против „родовата идеологија“ не се нови феномени на Балканот, како ни детектираната „руска врска“. И во Македонија години наназад можат да се детектираат повеќе религиозни, граѓански, ултра-националистички, и партиско-политички форми на отпор и различни актери против „родовата идеологија“.

На пример, на еден католички сајт во текстот „Полова рамноправност или родова еднаквост?“ „родовата идеологија“ се напаѓа уште во 2014, меѓу другото, и како „службена политика на западните земји и Европската унија“. Во 2019 г., 19 граѓански здруженија и неформални групи потпишаа „Декларација за заштита на бракот и семејството“, со која изразија неприфаќање на  „родовата идеологија во воспитувањето и образованието на децата“ („Сојузот за живот“ побара зачувување на традиционалните семејни вредности).

Во 2020 г. проруската партија „Родина Македонија“ идеолошки се позиционираше против „сексистичка ЛГБТ и педофилска идеологија…“ и „родовата идеологија“ (Родина Македонија: Одродената власт со најавеното ,,сексуално воспитување” оди против природата, против науката и против Бога). Тогаш се појавуваат и „неколку групи што се застапуваа против родово сензитивното образование и пилотирањето на сексуалното образование“, кои мобилизираат против „родова идеологија“ и „родова индоктринација“ (Кој се плаши од родот? Анализа на клучните стратегии и наративи на анти-родовите движења во Северна Македонија).

Во 2021 година, и Светскиот Македонски Конгрес (СМК) ширеше дезинформации за „родовата идеологија во воспитанието и образованието на децата“, сместувајќи ја во неприфатливите појави за сите Македонци, заедно со „истополовите бракови, инцестот, полигамијата, педофилијата, некрофилијата и зоофилијата…“ (Тодор Петpoв pacпали по Heнси Пелocи: Дали сте нopмални да забpaнувате употреба на зборовите мајка и татко).

Во контекст на Локалните избори од 2021, политичката борба против „родовата идеологија“ беше маргинална тема, застапувана главно од проруски партии и активисти, кои беа видливи на социјалните мрежи. Во кампањата на овие избори во 2021 година, политичките кандидати на „Родина Македонија“ ветуваа заштита на децата од „психопатските невладини здруженија“ и забрана на „монструозното сензитивно сексуално образование“, ширејќи дезинформации и трансфобија. Во руски пропаганден стил со дискредитации, конспирации и дезинформации, „Родина Македонија“ ја напаѓаше и власта обвинувајќи ја дека „идеално одговара на агендите за депопулација со големи бројки на смртност, одродување со трансродово сексуално образование и со демакедонизирање…“ (Проруската политичка партија „Родина Македонија“ – дезинформации, теории на заговор и поттикнување омраза).

Подемот на анти-родовото движење во Македонија и анти-родовата проруска пропаганда

Во почетокот на 2022 година, анти-родовото движење во Македонија не беше перципирано како масовно, туку главно како пропагандна активност против „трансродовата идеологија“ на социјалните мрежи (Кој се „плаши“ од трансродовите лица?). Но, по воената агресија на Русија врз Украина, може да се забележи подем на антиродовото движење и јавна поддршка на анти-родови групи од великодостојници на МПЦ. Исто така, забележлива е и поголема организираност и видливост преку т.н. Коалиција за заштита на децата, која се залага за „заштита на децата од родовата идеологија во образованието, општествениот и социјалниот живот“ (Семејството на прво место: Подемот на антиродовото движење во Северна Македонија).

Во овој период на подем, мнозинството македонски медиуми пропуштија да ја согледааат поврзаноста на подемот на анти-родовото движење со руската и проруската пропаганда. Но, врската помеѓу анти-родовата „Коалиција за заштита на децата“ и (про)руската пропаганда со дезинформации лесно може да се детектира преку анализа на медиумски највидливите анти-родови актери.

Имено, мнозинството медиуми не согледаа дека највидливата медиумска гласноговорничка на т.н. „Коалиција за заштита на децата“ е дел од раководството (и донаторка) на проруската партија „Родина Македонија“ – еден од најексплицитните извори на руска пропаганда со дезинформации во Македонија. Партијата „Родина Македонија“ (која произлегува од здружението МИР – кратенка од „Македонија и Русија“), на 20 јануари 2022 организираше протест пред украинската амбасада против „глорификацијата на нацизмот во Украина”, а по воената агресија на Русија врз Украина, му даде отворена поддршка на Путин за „дефашизација“ на Украина пред руската амбасада. Во овој период, највидливата медиумска гласноговорничка на т.н. „Коалиција за заштита на децата“, Гордана Гоџо, беше споделувач на проруски дезинформации на Фејсбук на многу теми, дел од нив означени од оваа социјална мрежа како „лажни информации“. И претходно, за време на ковид пандемијата, Гоџо ширеше заплашувачки дезинформации за вакцините, а проруската „Родина Македонија“ ѝ овозможи видеоплатформа за дополнително ширење дезинформации и теории на завера за пандемијата и вакцинацијата.

Анти-родови дезинформации и поттикнување омраза и непријателство на верски трибини

Во текот на 2022 и 2023 година, како главен актер во анти-родовото движење во Македонија се проби епископот на МПЦ Јаков, како учесник на повеќе верски трибини против „родовата идеологија“. На една од верските трибини одржана во март 2023, епископот на МПЦ тврдеше дека „Родовата еднаквост е најголемото зло и најголемата опасност за жената“, го демонизираше „трансџендеризмот“ не само како „пореметување“, туку и како дело на ѓаволот, и поттикнуваше омраза кон невладините здруженија и активисти стигматизирајќи ги како непријатели и „платеници“.

На истата трибина, беше поканета и Гордана Гоџо како претставник на „Коалиција за заштита на децата“. Гоџо креираше социјална паника, ширејќи стравови и бројни дезинформации за сексуалното образование, притоа напаѓајќи ги не само здруженијата на граѓани, туку и СЗО, дека преку сексуалното образование промовирале порнографија и „педофилски сексуални врски“. Според Коалиција за заштита на децата, на трибината „и епископот Јаков и Гордана Гоџо посочија дека крајната цел на родовата идеологија и сексуализацијата на децата е веќе видлива – нормализирање и озаконување на педофилијата“.

Излагањето на Гоџо на трибината беше промовирано и во партиската програма во живо „Родински разговори“, каде што сексуалното образование беше претставено како „монструозен проект“ и „вовед во Македонската погибел“, а Гоџо во улога на гостинка ширеше параноја и ги изложуваше „опасностите“ од воведување на сексуално образование. Во емисијата, Западот се демонизира и портретира како загрозувач на бракот и семејството (не само преку регистрација на истополови бракови, туку и бракови помеѓу човек и животно), а сексуалното образование се оцрнува како вовед во легализација на содомија, поддржувано од „содомити“ и „сатанисти“.

Антизападната пропагандна кампања против „родовата идеологија“ на „Родина Македонија“

Перманентната антизападна пропагандна кампања против „родовата идеологија“ на проруската „Родина Македонија“ им овозможи и пробив на националната ТВ Алфа во емисијата „За или против“ на 26.06.2023. Членот на претседателството на партијата Томче Ширков, заедно со претставник на МПЦ (Ивица Тодоров), ширеа дезинформации за „родовата идеологија“, поттикнуваа омраза против „родовите идеолози“ и промовираа анти-западни теории на заговори против трансродовоста: „Гостите тврдат дека трансродовоста ќе се ширела како зараза и ќе настанел хаос во светот, уривање на државите, целосна бела чума“, ја опиша емисијата еден новинар (ТВ егзорцизам против родовата еднаквост).

Во емисијата, претставникот на „Родина Македонија“ ширеше стравови за озаконување на педофилија и дезинформации за некаква „глобална криминализација на поимот мајка, таа веќе не била мајка, таа била производител на нови луѓе“. Ширков дезинформира и дека на Западот имало тренд на „криминализација и сатанизација на секој возвишен поим“. Во текот на целата емисија се патологизираат и демонизираат луѓето „опседнати“ од „родовата идеологија“, а „експертот“ од  проруската партија сугерираше дека црквата треба да се занимава со „опседнатите“ користејќи ги библиските техники на „егзорцизам, односно демонопрогонение“.

Ваквите наративи со дезинформации несомнено црпат инспирација од рускиот пропаганден наратив за „загрозени вредности“ од страна на Западот, обвинуван за индоктринација со „родовата идеологија“.

Ширков и отец Тодоров продолжија да шират дезинформации и антизападни теории на заговор и во „вонредната емисија“ на „Родински разговори“, насловена „Родова еднаквост или загрозување на се македонско: Род, Народ, Општество“ (28.06.2023).  Во емисијата, Ширков ги промовира и програмските цели на Родина Македонија за „зачувување на семејството како основна структурна и функционална единка“, обвинувајќи дека Западот сакал да го убие не само семејството како клетка, туку и „сакаат да го убијат македонскиот организам и македонштината во целост“.

Проруската „Родина Македонија“ се промовира како бранител на родот и полот, бракот, семејството и децата, претставувајќи ги како „загрозени вредности“ од страна на Западот. „Родина Македонија“ е и официјален партиски поддржувач на т.н. „Коалиција за заштита на децата“ чии активности се промовираат на нивните медиумски платформи. На пример, во емисијата „Родински разговори 30.06.2023“, партискиот лидер разговара со гласноговорничката на „Коалиција за заштита на децата“ Гордана Гоџо, облечена во партиска маичка, која ги промовира коалициските активности како партиски, ширејќи притоа партиска пропаганда против „родовата идеологија“.

Скриншот од емисијата „Родински разговори“ од 30.06.2023

Во емисијата, лидерот на „Родина Македонија“ и главната анти-родова активистка се фалат и со транспарентот во прв ред на „Коалиција за заштита на децата“ –  прикажувајќи го како партиски транспарент.

Скриншот од емисијата каде што е прикажан транспарентот на „Родина Македонија“ во прв ред од протестот на МПЦ

Во партискиот видео-стриминг, лидерот на „Родина Македонија“ екплицитно потврди дека транспарентот на „Коалиција на заштита на децата“ бил партиски, со партиска порака, држен од партиски активисти облечени во партиски маички: „Еве ја Родина Македонија со транспарентот и со овие маички… ние сме дел од овие активности, бидејќи и во нашето име на партијата се содржани родот и родината“.

Скриншот од „Родински разговори“ со фотографија на активисти на Родина кои го држат транспарентот на „Коалиција за заштита на децата“

Во истата емисија, лидерот на партијата Зоран Јованчев го претставува Владимир Путин како бранител на општеството, мажот, жената, семејството и Бог, загрозени од Западот: „И Владимир Путин го менуваше рускиот устав за да ја зацементира позицијата на мажот, жената, семејството и Бог, гледајќи каква сила доаѓа наваму, бранејќи го општеството.“

„Родина Македонија“ ја претставува „родовата идеологија“ како „одродување на општеството“, како нешто што е наспроти природата, а себеси се промовира како борец против индоктринација на децата и спасител од трансродовоста како општествена закана за „традиционалните вредности“: „Да ги зајакнеме семејствата, да си ги вратиме децата. Градовите малце да ги растеретиме, да ги зајакнеме селата. Малку повеќе физичка работа на село, ќе видите како ќе исчезне и транс-род, и ЛЏТБ и сите тие деформации… Стриктно ќе се бориме против индоктринација на нашите деца и наметнување на тие правила и вредности во нашето општество“, вели Јованчев во емисијата.

На 26.07.2023, кога е објавена веста дека Русија ги забранува трансродовите медицински процедури, Гордана Гоџо ја споделува дезинформирачката порака на страницата „Преземи одговорност“: „Путин во еден момент родовата идеологија ја спореди со корона вирусот и изјави дека тој се држи до традиционалното разбирање што е тоа жена, маж, мајка и татко.“

Врските на анти-родовата пропаганда со руската пропаганда

Исто како што во Путиновата Русија „родовата идеологија“ се пропагира како закана за националната безбедност, така и „Родина Македонија“ ја пропагира „родовата идеологија“ како национална закана за „македонскиот организам и македонштината“.

Исто како што Русија води пропаганда против „родовата идеологија“ како форма на индоктринација, така и кај нас „Родина Македонија“ се обидува да наметне дискурс против „(транс)родовата идеологија“ како Западна индоктринација.

Слично како што застапниците на родовата еднаквост во Русија се жигосуваат како „петоколонаши“, „квислинзи“ и национална закана, така и „Родина Македонија“ ги стигматизира активистите за родова еднаквост како „странски платеници“ и национални непријатели и предавници.

Сето тоа е согласно политичката цел на „Родина Македонија“ која уште во септември 2022 година покрена петиција за членство во Евроазиската Економска Унија и БРИКС, охрабрувајќи ги Македонците „да излезат од понижувачкиот отчовечен ГМО, трансродов, ЛГБТ, евроатлански свет…“.

За жал, македонските медиуми не успеаја да ги согледаат и да ги обелоденат врските и сличностите на анти-родовата пропаганда во Македонија со руската антизападна пропаганда против „родовата идеологија“ и ЛГБТИ+ правата. Иако медиумите и новинар(к)ите имаат етичка должност да не шират дезинформации и говор кој поттикнува омраза или дискриминација (меѓу другото, и врз основа на пол, род, родов идентитет), повеќето медиуми им отстапија голем простор на антиродовите гласноговорници за ширење на антизападна пропаганда со дезинформации и поттикнување на омраза врз основа на пол, род, и родов идентитет.

(продолжува)

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА