Дезинформации во македонските медиуми за пресудата за убијците на девојка во Урошевац пред 2 години

Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Десетина портали на македонски јазик на 4 август 2023 година дезинформираа за објавената пресуда на Основниот суд во Урошевац (Ferizaj) во Косово, за свирепото убиство на девојка што се случи пред две години, на 21-22 август 2021 година.

Скриншот од ФБ објава на напис на Макфакс, 4 август 2023, извор: ФБ страница на Макфакс

Прво, дезинформација е дека убиството се случило во Србија, или на југот на Србија. Урошевац (Ferizaj) е град во Косово, а не во Србија.

Второ, дезинформација е дека убијците се државјани на Албанија. Тие се жители на Косово.
Трето, дезинформација е дека убиената девојка е Србинка – таа е Албанка од Косово.
Дезинформации во насловот, извор: веб страница на Инфомакс, 4.08.2023

Дезинформации во насловот, извор: веб страница на Инфомакс, 4.08.2023

За оваа трагедија се пишуваше опширно во медиумите на албански јазик и беше топ тема во јавноста во 2021 година, кога се случија неколку случаи на убиства и насилства врз жени и девојки. Девојката била во вонбрачна заедница со еден од убијците, инаку сторител и на други кривични дела, а во убиството му помогнал негов другар. Денес едниот е осуден на доживотна затворска казна, а другиот на 15 години затвор.

Тоа се фактите, кои би требало да бидат дел од насловите и по кои би требало да трагаат професионалните новинари. За жал, многу македонски медиуми не го сторија тоа, туку објавија наслови со кои ширеа дезинформации, го кршеа Кодексот на новинарите превејќи сензација од трагичен настан случен пред две години, а богами и манипулираа и поттикнуваа гнев и национална нетрпеливост.

Текстови на македонски медиуми со дезинформации за објавената пресуда од Основниот суд во Урошевац, извор: ТИМЕ.мк

Дури и оние што ги поправија текстовите, не го сторија тоа како што налагаат професионалните стандарди, со ИСПРАВКА и јавно ИЗВИНУВАЊЕ до читателите, туку тивко-тивко, со корекција и поправање само на насловите на сајтовите и понекој ред од објавите, без да ја известат за грешките публиката која веќе прочитала неточни информации.

Можеби некои од нив направиле ненамерни грешки, се случува. Но, на оние што постојано користат вакви трагедии и случки за да ловат кликови, да билдаат рич на постовите надевајќи се на коментари од наапани луѓе и да подгреваат тензии – нека им служи на чест. Ако воопшто ја имаат.