Денеска во Старата скопска чаршија е нападната екипа на ТВ Алсат додека била на должност. Првично вербалниот, а потоа и физички напад се случил додека двете новинарки на ТВ Алсат, Ера Ѓакова и Сара Хоџа заедно со снимателот снимале на терен, објави ТВ Алсат.

„Лице кое поседувало дуќан во близина, без повод и причина со остар предмет им се заканувал на новинарите и на снимателот. Дури им се заканувал и по живот. По заканите по живот, без повод и причина, лицето физички го нападнало снимателот на Алсат, нанесувајќи му бројни повреди на различни делови од телото“, се вели во веста што ја објави ТВ Алсат.

И покрај расветлувањето на неколку случаи на физички и вербални напади со говор на омраза кон новинари во последно време, оваа практика во Северна Македонија продолжува и зема загрижувачки димензии. Жално е што овие напади доаѓаат не само од политички актери, туку и од бизнис секторот како и од дел од граѓаните, особено на социјалните мрежи. Како што гледаме, неретко, ваквиот однос кон медиумите се пренесува од виртуелниот во реалниот свет.

Институтот за медиуми и аналитика ИМА повторно нагласува дека за спречување на насилството, говорот на омраза и заканите не е доволно само поефикасно институционално делување. За сузбивање на овие негативни појави, потребна е сеопфатна општествена акција и соработка на институциите, граѓанските организации, бизнисот и медиумите. Потребна е и едукација на граѓаните за штетните последици од говорот на омраза, насилството врз новинарите за целото општество и демократијата, бидејќи кога се загрозени слободата на медиумите и слободата на изразување, се загрозува суштината на секој демократски систем.