Историски дезинформации, политички манипулации и нова поларизација околу „Ќосето“ – симбол на поделби, закани, говор на омраза и екстремизам

Пишува: ЖАРКО ТРАЈАНОСКИ

Што значат иницијативите за „преродба“ на споменикот на „Ќосето“? Со кои историски дезинформации и политички манипулации се оправдуваат овие иницијативи? Што симболизираше споменикот на „Ќосето“ поставен пред судската палата? Дали „Ќосето“ во неговите „Спомени“ е неверодостоен извор или „масовен убиец“? Како медиумите помогнаа Ќосето да стане симбол на закани, говор на омраза, насилство и екстремизам?

1. Иницијативи за „преродба“ на „Ќосето“ – проширени и надградени

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска објави на нејзината ФБ страница на 21.08.2023 дека доставила иницијатива до Советот на Град Скопје за повторно поставување на спомен обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето. Не е првпат Арсовска да ја бранува јавноста во врска со отстранетиот споменик на „Ќосето“. Во април 2022, Арсовска информираше дека го пронашла споменикот, а повеќе медиуми објавија дека за неговата судбина ќе одлучуваат граѓаните на референдум. (Арсовска: Ќе ги прашаме граѓаните дали сакаат да го вратиме споменикот на Ќосето).

Ланската идеја за референдум за споменикот на „Ќосето“ предизвика спротиставени политички реакции. Тогаш, дел од медиумите потсетија на контроверзниот начин на кој беше поставен споменикот во 2014. На пример, во коментарот, Ќосето се враќа на местото на злосторот се укажува на нетранспарентноста и нејасноста на тогашната власт да постави споменик на убиец со нож во раката пред највисоките судови: „Остана нејасно – додуша, никој не се ни трудеше околу таа работа – зошто тогашната власт предводена од премиерот Никола Груевски реши да излие споменик на докажан (масовен) убиец и крвник – на луѓе од својата организација, секако – и да го постави Андон Лазов Јанев Ќосето, со нож во раката , токму пред Врховниот суд на Македонија!?“

И идејата за преместување на споменикот на „Ќосето“ на друга јавна локација не е нова. Неполна година откако Арсовска го „пронајде“ споменикот на „Ќосето“, партијата Левица покрена иницијатива, а Општина Аеродром ја усвои иницијативата на Левица за враќање на споменикот на Ќосето во паркот во Горно Лисиче.

2. Дезинформација е дека „Ќосето“ бил „исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери“

Иако градоначалничката на Скопје Арсовска тврди дека „Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери“, ваквото тврдење за „Ќосето“ не е поткрепено со никакви историски факти.

Во „Македонска Енциклопедија“ на МАНУ, во кусата одредница „ЈАНЕВ, Антон Лазов“, за „Андон ќосето“ има само три реченици во кои се опишува како „деец на ТМОРО/ВМОРО“. До поставувањето на контроверзниот споменик во 2014, „Ќосето“ беше маргинална фигура во македонската историографија.

Докази дека „Ќосето“ беше непозната историска фигура во Македонија (за која немало ниту книшка, ниту статија) дава и Ванчо Ѓорѓиев, авторот на првата книга за „Ќосето“ од 2016: „Еден од малку познатите дејци за македонска јавност е Андон Лазов Јанев – Ќосето. Неговото име, поширока афирмација доби во 2014 година, кога му беше подигнат споменик во Скопје… Интересно е што учесниците во „полемиката“, освен на спомените на Ќосето, не можеа да се повикаат, ниту на една книшка, ниту на една статија, во која тој и неговата активност се предмет на анализа врз научна основа, од едноставна причина, што такви не постојат“.

Понатаму, и Ванчо Ѓорѓиев се чини го побива сегашното тврдење на Арсовска дека бил „исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери“: „Андон Ќосето не припаѓа ниту кон интелектуалната елита, кон лидерите, ниту пак кон раководителите (од регионално, или локално ниво) на Македонското револуционерно движење…“ (стр. 12). Во книгата на Ѓорѓиев се истакнува и дека „кај А. Ќосето како и кај мнозина раскажувачи на спомени, силно е присутна желбата за истакнување на сопствената улога и храброст во одредени настани, при што, оваа тенденција понекогаш преминува во сензационализам“.

И академикот и историчар Владо Поповски, како советник на град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, во септември 2014 ќе истакне дека на Ќосето не му е место во Скопје на ниеден начин, „…заради тоа што нема никаков ранг, којшто го заслужува местото во главниот град на Република Македонија…“ (Владо Поповски за споменикот на Андон Ќосето).

И Груевски во 2022 ќе признае дека „до поставувањето на неговиот споменик во 2014 година беше малку познат за пошироката јавност во Македонија.“ Сепак, во време на неговото владеење, Градот Скопје донесува Одлука за подигање, чување, одржување, заштита и користење на спомен-обележје на Андон Лазов Јанев – Ќосето, „…кое ќе претставува трајно ликовно одбележување за времето на Илинденското востание и неговиот лик како една од нејзините истакнати фигури“.

Но, во македонската историографија за Илинденското востание, „Ќосето“ не се споменува како истакната фигура, најмалку во Скопско. Веројатно и затоа што „ Ѓ. Петров и А. Ќосето во Прилепско стасале во време кога востанието во Битолскиот револуционерен округ го минало почетниот еуфоричен период, а иницијативата била во османлиски раце“ (Ѓорѓиев, стр. 171).

3. Манипулација е дека споменикот на „Ќосето“ бил „шверцерски“ отстранет

По дезинформацијата дека Ќосето бил „исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери“, Арсовска додава – „чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство“, што е исто така непоткрепено со факти.

Но, во Одлуката на Град Скопје не станува збор за споменик, туку за „спомен-одбележје“ (Арсовска, пак, зборува и за спомен-обележје, и за споменик). Град Скопје нема надлежност за градење меморијални споменици, туку Собранието има надлежност за подигање на споменици на „личности од исклучително значење“. Токму затоа, и во „Елаборатот за споменикот’ (изготвен од работна група во 2017, врз основа на решение не министерот за култура), се истакнува дека споменикот е незаконски подигнат, со прекршување на бројни процедури, и дека има „статус на бесправна градба“. Во елаборатот се даваат и аргументи дека Град Скопје лажно го претставил ликот на Андон Лазов Јанев – Ќосето како личност од локално значење, иако тој нема никакво локално значење за Град Скопје, ниту пак неговото дело е поврзано со Скопје и Скопско.

Покрај тоа, споменикот на „Ќосето“беше поставен ноќта меѓу 6 и 7 септември 2014 година во пресрет на празникот 8-ми септември („шверцерски, преку ноќ, без свечени отворања и говоранции“, пишува Героски), како дел од проектот „Скопје 2014“ заедно со други споменици. Споменикот на „Ќосето“ беше искористен и за партиска пропаганда на ВМРО-ДПМНЕ.

Фотографија од споменикот на „Ќосето“ со партиски билборд на ВМРО-ДПМНЕ

Споменикот на „Ќосето“ е симбол на нетранспарентност. Споменикот беше пријавен како донација од контроверзното „Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин“, а јавноста никогаш не дозна од каде ова здружение ги обезбедило средствата за изработка на спомениците, колку чинел споменикот, ниту пак кој е автор на споменикот.

Споменикот на „Ќосето“ беше отстранет како дивоградба, откако градежниот инспекторат на Општина Центар утврдил дека Градот Скопје нема решение за поставување на овој споменик. Оттаму, тврдењето на Арсовска дека споменикот „шверцерски беше отстранет“ е непоткрепено со факти и манипулативно.

4. Дезинформација е дека Ќосето го дал својот живот за независна и суверена Република Македонија

Како поткрепа на иницијативата до Советот на Град Скопје за повторно поставување на „спомен обележјето на македонскиот револуционер Андон Лазов Јанев – Ќосето“, Арсовска тврди: „Ова е уште еден начин да ја исправиме неправдата и да се оддолжиме на луѓето кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија…“.

Но, Андон Лазов Јанев – Ќосето не може да се вброи во групата на луѓе „кои го дале својот живот за независна и суверена Република Македонија…“. Смртта на Ќосето детално ја опишува неговиот внук, како резултат на несреќен случај, и здобиени повреди од камења од ограда, додека неговиот 98-годишен дедо работел во лозје.

5. „Ќосето“ како поларизирачки симбол на застрашувања, насилства и убиства

Уште во септември 2014 година, дел од македонските медиуми го портретираа споменикот за Ќосето како „споменик и за Касапот“ (друг прекар на „Ќосето“), паметник на „првиот македонски убиец“, „терорист на ВМРО кој си го убил и сопствениот брат“.

 

Дополнителна контроверза внесе ставот на историчарот и и советник од ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје Владо Поповски, кој го опиша „Ќосето“ како „масовен убиец“, „сериски убиец“ и „ликвидатор“.

 

 

Други провладини историчари, пак, обвинуваа за „кампања за оцрнување“ на историски личности, и „инсинуации кои доаѓаат од некомпетентни луѓе“.

Показател на општествената поларизираност што ја предизвика споменикот е и соопштението на ИВЗ во кое „Ќосето“ се опишува како „убиец во името на некоја идеологија која денес нè води“: „Со поставувањето на овој убиец во името на некоја идеологија која денес нè води уште еднаш јасно се кажува дека оваа држава се збогувала со соживотот и се обидува со целото нејзино битие да почне етничко-верска војна каде и двете страни ќе бројат жртви, а не бериќет“ (ИВЗ: Државата сака да предизвика етничко- верска војна!)

Наспроти бројните критики и реакции, владините пропагандисти и провладините историчари ги окупираа телевизиските екрани, бранејќи го со сите сили ликот, делото и споменикот на „Ќосето“.

6. „Ќосето“ во „Спомените“: неверодостоен извор или „масовен убиец“?

Во полемички дух против провладините пропагандисти, во 2014 година новинарот Бранко Героски ќе истакне дека „Поентата на ваквата егзалтација со Ќосето е фамата дека џелатот убивал „предавници““. Но, Героски го парафразираше и „Професорот Поповски, кој сега е политички кадар на ВМРО-ДПМНЕ“, кој укажа дека Ќосето не ликвидирал само „предавници“: „Човекот на 14 години го извршил првото убиство, а на 18 години убил група од петнаесет Помаци, кои ништо не му сториле и за ништо не биле виновни. Тоа е Ќосето.“ (Ќосевци битанги).

Ѓорѓиев, пак, во својата книга укажува дека „…кога зборува за својата активност во Гевгелиско при настојувањето за заштита на прекумерната експлоатација на шумите од страна на поедини бегови, Ќосето вели дека со својата чета ликвидирал 30–40 души ќумурџии, заедно со нивниот добиток.“ Ѓорѓиев го пренесува во фуснота и следното раскажување од „Спомените“ на „Ќосето“: „Групата Цигани и Турци требаше да мине од тука за Кожуф планина, зашто друг пат немаше. Едно утро при изгревот на сонцето, ете групата се појави од далеку. Ги опколивме, ги фативме и им теглевме еден сатар. Беа околу 30–40 души. Коњи, кучиња, магариња, мулиња, се мина под сатар. Ние бевме околу 10-12 души. Имаше и 2-3 кучиња и нив ги истепавме.“

Според Ѓорѓиев, „таков настан воопшто не е регистриран од современиците во мемоарската литература, ниту од органите на прогонот, ниту пак во извештаите на дипломатските претставништва“ и „едноставно е невозможно да биде пропуштен таков „масакр“. Ѓорѓиев смета дека „веројатно наводната егзекуција на 30–40 дрвари, Ќосето ја извршил во 1931 година на масата пред Б. Мирчев, за да ги импресионира читателите“.

Но, дури и ако Ѓорѓиев е во право кога тврди дека нема историски докази за извршен „масакр“ врз недолжната група на ќумурџии, самиот факт што „Ќосето“ се фалел дека ја ликвидирал „групата Цигани и Турци“ од 30-40 души (заедно со „коњи, кучиња, магариња, мулиња“) целосно го дискредитира не само како веродостоен извор, туку и како потенцијален национален симбол кој заслужува споменик во главниот град.

Токму затоа, медиумите треба да се крајно внимателни кога пренесуваат непроверени искази од неверодостојни извори, затоа што се доведуваат во ризик да објават погрешни информации и да поттикнат дискриминација и говор на омраза.

7. Што симболизира(ше) „Ќосето“ пред Врховен суд?

Споменикот на „Ќосето“ не беше само нетранспарентно, незаконски и „шверцерски“ поставен пред Врховниот суд, туку јавноста не беше информирана ни за симболиката на тој чин: „Никој од претходните власти, ниту од неговите донатори, никогаш не објасни зошто споменикот на Ќосето во тој облик, и со нож во раката, беше поставен токму пред Врховниот суд, и која е симболиката на тој чин“ (Споменикот на Ќосето: ноќе поставен, ноќе отстранет).

Дури осум години подоцна, јавно се огласи Никола Груевски за Ќосето и неговиот споменик, опишувајќи го како „еден од најистакнатите извршители на смртни пресуди на раководството на ВМРО“. Според Груевски, „поставувањето на споменикот на Ќосето токму пред судот е исто така соодветно“, затоа што „во голем број случаи тие пресуди на организацијата ги извршувал токму Ќосето кој подоцна кога станал и војвода на чета понекогаш и учествувал во судењата…“.

Груевски убедува дека имало „силна логика неговата симболика на поврзување со судот, односно поставувањето пред судот, бидејќи Андон Лазов Јанев Ќосето спроведувал правда во име на судот на Организацијата која била заштитник на македонскиот народ и организатор на негово ослободување“. Исто така, бегалецот од правдата Груевски е лично убеден дека „судот на Организацијата“ бил „многу поправичен од денешниот и далеку поефикасен од актуелното партиски контролирано правосудство…“.

Еве каква порака испраќал споменикот на „Ќосето“, според бегалецот од правдата Груевски, правосилно осуден за неколку кривични дела: „И тоа е еден вид порака и потсетник до сите оние кои планираат или прават предавства на државните и националните интереси на Македонија и македонското народ.“

Груевски е сосема свесен дека споменикот на „Ќосето“ со пиштол и кама во раката е вознемирувачки, особено за оние што поминуваат покрај судот, но таквото вознемирување го опишува како нешто добро: „А за таквите вознемирени од споменикот на Ќосето, добро е да бидат вознемирени, барем кога ќе поминат покрај судот и споменикот на Ќосето.“

Накусо, „Ќосето“, според Груевски – е симбол на правда, „спроведувал правда“ од „судот на организацијата“, кој бил „многу поправичен од денешниот“, и со пиштол и кама во раката испраќал вознемирувачка порака до „предавниците“ („сите оние кои планираат или прават предавства на државните и националните интереси“).

Како, после овие описи на Груевски, кој сеуште се бара со меѓународна потерница, да не се протолкува споменикот на „Ќосето“ (со пиштол и кама) како закана и кон судството, и кон неистомислениците, и кон граѓаните, и кон медиумите?

Впрочем, и како лидер на владејачка партија (која се самопрогласи за наследник на „историското ВМРО“ и честопати се поставуваше во улога и на полицаец, и на обвинител и на судија), Груевски во 2016 го злоупотребуваше „Ќосето“ за да испраќа заканувачки пораки до политички противници во изборната кампања: „Да беше Делчев денеска жив, тој немаше со него да може да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек“ (Груевски им се заканува на политичките противници).

9. Како „Ќосето“ стана симбол на закани, говор на омраза, насилство и екстремизам

Во политиката на сеќавање на ВМРО-ДПМНЕ, преку различни комеморативни активности, „Ќосето“ постепено беше граден како „симбол на борбата против предавниците“ (видете „Народот“ против „граѓаните“: За внатремакедонските симболички поделби). Обидот на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски да го инсталира „Ќосето“ како национален симбол не беше само преку поставување на споменик во главниот град, и нарачка на нова восочна фигура во „Музејот на ВМРО“, туку и преку снимање на документарен филм со наслов „Каде со добро, каде со нож“, кој беше емитуван на јавниот сервис за време на изборен молк пред Предвремените парламентарни избори во декември 2016 година.

 

Додека членовите на ДИК сè уште ги броеја гласовите по декемвриските избори 2016, приврзаниците на ВМРО-ДПМНЕ протестираа пред влезот на зградата на ДИК со заканувачки извици „Ќосето е жив“ („Ќосето е жив„, порачаа приврзаниците и функционерите на ВМРО-ДПМНЕ – закана и притисок кон ДИК). Во анализата на Вистиномер „Контраспин: Ноќ на опасен говор на омраза“, се укажува дека опасниот тренд на говор на омраза „почна од Ќосето“, а лавината тргнала „со изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, дека, ако беше Делчев жив, ќе му го прател на Заев Ќосето…“.

Во почетокот на 2017, Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ организираше проекции на филмот со заканувачки наслов „Некаде со добро, некаде со нож“, со повик до сите млади „да ги зачуваме традиционалните вредности во новото време“. НВО Цивил реагираше со констатација дека промоторите на екстремизмот мора да одговараат: „Некаде со добро, некаде со нож! – пораката на ВМРО-ДПМНЕ е јасна и ја слушаме со месеци наназад. Ова е отворен и директен повик на екстремно политичко насилство, што е кривично дело.“

Во финишот на партиско-пропагандниот филм (работен според текст на историчарот Никола Жежов), Жежов испраќа порака дека „ние треба со пиетет да се однесуваме кон споменикот кој што е издигнат во чест на Андон Ќосето…“. Друг историчар во филмот кажува дека споменикот на Андон Ќосето не случајно е поставен пред судската палата во Скопје, со цел да се претстави неговата дејност: „Андон Ќосето е своевиден суд за луѓето кои се огрешиле пред организацијата… и симболизира како изгледал судот во негово време, односно, на кој начин предавниците биле казнувани.“ Потоа, нараторот во пропагандниот филм го претставува „Ќосето“ како човек кој „ги казнуваше шпионите и непријателите на организацијата“, „кој на многупати бил судот и пресудата за многу предавници и непријатели на македонското дело“, кој бил „страв за секој непријател и предавник на македонското дело“. Пораките во овој филм имаат јасна тенденција да поттикнуваат „патриотски“ говор на омраза, препознатлив по намерата за разгорување, поттикнување, или оправдување на омраза кон внатрешните и надворешните „непријатели“.

На пример, Ќосето како „симбол на борбата против предавниците“ беше искористен и за таргетирање на јавни личности, критичари на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, со објавување на фотографија од споменикот на Ќосето и наведување на приватни адреси на живеење од страна на еден проруски и тогаш провладин активист.

Друг пример за присвојување на „Ќосето“ како „симбол на борбата против предавниците“ е активирањето на македонско патриотско здружение „М.П.З Андон Лазов Јанев Ќосето“ кое учествуваше во подоцнежните протести „За заедничка Македонија“, и кое јавно истакнуваше дека „ја застапува политиката на ВМРО-ДПМНЕ“.

По насилниот упад во собранието на 27 април 2017 (на кој му претходеа долготрајни протести кои ширеа дезинформации, теории на заговори и поттикнуваа говорот на омраза), неколку истакнати членови на екстремно десничарските организации – меѓу кои и лидерот на МПЗ „Андон Лазов Јанев Ќосето“ беа обвинети и осудени. Подоцна оваа организација беше вброена и во листа на „крајнодесничарски и екстремистички организации“.

9. Иницијативите за „преродба“ на „Ќосето“ поттикнуваат нов бран поларизација и говор на омраза

Во оваа анализа покажавме како тековните проширени и надградени иницијативи за обнова на „споменикот на Ќосето“ се оправдуваат со повеќе историски дезинформации и политички манипулации. Проследивме како една маргинална фигура во македонската историографија, беше искористена за градење на поларизирачки патриотски мит за „Ќосето“ кој имаше специфична партиско-политичка функција во периодот од 2014-2017.

Дадовме и аргументи зошто споменикот на „Ќосето“ (со пиштол и кама), се перципираше како реална закана и кон судството, и кон неистомислениците, и кон граѓаните – наспроти тврдењата на тие што незаконски и нетранспарентно го поставија, обидувајќи се да го оправдаат како симбол и спроведувач на правда.

Уште во 2014, „Ќосето“ беше јавно перципиран како поларизирачки симбол на застрашувања, насилства и убиства, а пред и по изборите 2016 веќе стана симбол на политички закани, говор на омраза, насилство и десничарски екстремизам.

Накусо, митот за „Ќосето“ не носи со себе само историски дезинформации и политички манипулации, туку и дополнителна општествена поларизација, продлабочување на поделбите, и нов бран на „патриотски говор на омраза“. За жал, за ширење на митот за „Ќосето“, историските дезинформации и говорот на омраза, во голема мерка придонесоа и непрофесионалните медиуми.

Улогата на новинар(к)ите и медиумите не е да поттикнуваат говор на омраза, туку да го спречуваат или пак да ги минимизираат штетите од говорот на омраза. Исто така, улогата на новинар(к)ите и медиумите не е да шират историски дезинформации, ниту пак да зајакнуваат историски митови кои предизвикуваат општествена поларизација, продлабочување на поделбите и појава на радикализам и насилен екстремизам.

Токму затоа, имајќи ги предвид досегашните повеќекратни штети кои ги предизвика митот за „Ќосето“ – како симбол на закани, говор на омраза, насилство и екстремизам – медиумите треба да бидат крајно внимателни при известувањето за „Ќосето“, да проверуваат историски факти и да известуваат согласно етичкиот императив „минимизирајте ја штетата“.

Авторот е раководител на истражувања во Институтот за медиуми и аналитика ИМА